Македонија
Поддршка за новиот закон, пасивното пушење е докажана причина за сериозни болести, велат од Институтот за медицина на трудот
Институтот за медицина на трудот на РСМ, СЗО Колаборативен центар, како водечка јавно-здравствена установа во оваа област, изразува целосна и недвосмислена поддршка за Предлог-законот за заштита од пушење.
Според Институтот, предложениот закон, кој предвидува целосна забрана за пушење во сите затворени јавни и работни простории, не е рестриктивна мерка, туку основен здравствен стандард и човеково право. Од таму велат дека секој работник има неприкосновено право на чист воздух и работно место кое не го загрозува неговото долгорочно здравје.
„Нагласуваме дека работниците во угостителскиот сектор, се меѓу најранливите групи. Овие вработени често се изложени на високи концентрации на тутунски чад во текот на целото работно време, кое често надминува 8 часа дневно. За овие работници, „пасивното пушење“ не е избор, туку претставува сериозен здравствен ризик кој потекнува од нивното работно место. Научните докази се јасни: не постои „безбедно“ ниво на изложеност на чад или аеросоли од тутунски и никотински производи. Пасивното пушење е докажана причина за сериозни респираторни и кардиоваскуларни заболувања, вклучувајќи го и ракот на белите дробови, дури и кај непушачите. Наша должност како јавно-здравствена установа е да обезбедиме ниту едно лице да не биде „колатерална штета“ на туѓа навика додека ги извршува своите професионални обврски“, се наведува во соопштението.
Затоа, Институтот ги повикува работодавачите, особено во угостителството, да ја поддржат примената на законот како мерка за безбедност при работа, а не како „казна“; работниците да го препознаат правото на чист воздух како дел од правото на безбедно работно место; инспекциските и надлежните органи да обезбедат доследна примена, затоа што само така законот ќе ја исполни својата цел.
„Со спроведувањето на овие мерки, не само што ги штитиме поединците, туку и ја зајакнуваме нашата економија преку намалување на боледувањата и продолжување на животниот век на нашата работна сила. Институтот за медицина на трудот на РСМ цврсто стои зад овој закон. Јавното здравје и безбедноста на нашите работници мора секогаш да имаат предност пред комерцијалните интереси. Повикуваме на поддршка од сите чинители за оваа транзиција кон почиста, поздрава и попродуктивна работна средина за сите работници во нашата земја“, се наведува во соопштението.
фото/Depositphotos
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Центар денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 07:30 до 15:30 часот, дел од корисниците на улицата Новопроектирана 2, дел од локали и згради на булеварот, Партизнаски Одреди бр.15-17 и дел од локали и згради на булеварот Климент Охридски, општина Центар.
Македонија
Делови од Карпош и Бутел денеска без вода
Од ЈП водовод и Канализација известуваат дека поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на улицата Демир Трајко 51, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демир Трајко и Партизанска крак 1,3,5,7,9 и 11, општина Карпош. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Од ЈП водовод и Канализација исто така известуваат дека поради дефект на огрлица ф-300 мм на улицата Хо Ши Мин 292, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица, општина Бутел. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст
Сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 12 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Времето во наредниот период
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст. До средината на следната седмица ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, а по одредени котлини ќе има појава на магла.

