Македонија
Полициските функционери кои се приведени дале согласност дека кабарето во Кочани ги исполнува условите за јавен ред и мир без целосна проверка

МВР поднесе кривична пријава против седуммината високи полициски функционери од полицијата во Штип и Кочани за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“ со кривично дело „предизвикување општа опасност“.
Од МВР информираа дека кривичната пројава е поднесена против В.П (главен инспектор за сообраќајни работи во Штип.), В.Н. ( самостоен инспектор за планирање, резервен состав, превенција и справување со кризна состојба во Штип), Ј.Т. (началник на Одделение за полиција во СВР Штип), Б.Г. (началник во Штип), В.И. (документарист во Полициската станица Кочани), Г.И. (заменик командир на Полициската станица Кочани) и А.М. ( началник на Одделение за внатрешни работи Кочани).
Според МВР, првопријавен е главниот инспектор за сообраќајни работи во Штип кој заедно со В.Н., на 6 март 2023 година, до Министерство за економија доставиле известување каде, спротивно на членот 6 став 3 од Законот за угостителска дејност, констатирале дека кабарето „Пулс“ од Кочани ги исполнува законските услови во делот на заштита на јавен ред и мир и во делот на сообраќај и покрај тоа што не извршиле целосна проверка пред да ја издадат позитивната согласност за издавање на лиценца за кабаре.
Началникот на Одделението за полиција во СВР Штип за време и началникот од СВР Штип, истиот ден го одобриле и потпишале известувањето до Министерство за економија во кое е констатирано дека кабарето ги исполнува законските услови во делот на заштита на јавен ред и мир и во делот на сообраќај.
Понатаму, документаристот во кочанската полиција, истиот ден изготвил телеграма во која не дал точни и целосни податоци дека во и во близина на кабаре „Пулс“ има пријавени нарушувања на јавен ред и мир и пријавени кривични дела, односно дал податоци само дека против фирмата и против одговорното лице таму се поднесени две барања за поведување прекршочна постапка.
Заменик командирот од Кочани и началникот од Кочани, иако знаеле дека има повеќе пријавени нарушувања на јавен ред и мир во и во близина на кабарето, ја потпишале телеграмата, со што не постапиле според прописите за мерките за заштита и не извршиле целосна и детална проверка во врска со издавање на позитивна согласност за издавање лиценца за кабаре, велат од МВР.
По наредба на јавен обвинител од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција дадена е наредба за приведување и нивно спроведување на суд.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче: Македонија годинава ќе биде со најнизок економски раст во регионот

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска беше во посета на Радовиш, каде што се сретна со граѓаните и разговараше за предизвиците со кои се соочуваат во секојдневниот живот.
„По десет месеци од новата власт, разочарувањето е големо. Цените продолжуваат да растат, платите стагнираат, а граѓаните сè потешко врзуваат крај со крај“, истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Филипче нагласи дека СДСМ со месеци дава конкретни предлози и закони за раздвижување на економијата и зголемување на платите, но дека власта останува глува.
„СДСМ со месеци дава конкретни предлози и закони со кои ќе се раздвижи економијата и ќе се зголемат платите, но власта е глува. Со месеци предупредувавме дека економијата тоне, а денес таа потврда стигна и од проекциите на Светската банка. Македонија, за жал, оваа година ќе биде со најмал економски раст во регионот. Владата ветуваше дека ќе бидеме лидери во регионот, но очигледно ќе бидеме последни. Ова е резултат на погрешни економски политики, но и целосна негрижа за граѓаните“, изјави Филипче.
Во своето обраќање, тој подвлече дека СДСМ останува на страната на граѓаните и ќе продолжи да работи за подобар живот за сите
„СДСМ ќе продолжи да работи и нуди решенија, силно верувам дека граѓаните ќе ја препознаат искрената намера и чесните политики кои се наменети за подобар живот“, додаде претседателот на СДСМ.
Македонија
СДСМ: Тошковски мораше да го признае скандалот со братот на Стефковски – треба да си даде оставка

Откако СДСМ денеска го објави скандалот со братот на градоначалникот Стефковски со видео докази, Тошковски беше принуден јавно да го признае. Ниту ќе го признаел, ниту ќе бил било кој санкциониран за ова, иако јавна тајна е дека функционерите на ДПМНЕ се однесуваат како шерифи, а Тошковски тоа добро го знае, велат од СДСМ.
„Денешното признание на Тошковски потврдува две работи: прво, дека СДСМ изнесува вистини и, второ, дека функционерите на ДПМНЕ, нивните браќа, сестри и роднини не ги почитуваат законите, а Тошковски тоа го овозможува. Граѓаните не се наивни — да не објавеше СДСМ, Тошковски ќе го криеше и натаму скандалот“, велат од СДСМ.
Според нив, веќе не се ни бројат скандалите кои го тресат МВР.
„Владее хаос, своеволие кои допрва ќе излегуваат на виделина. Уште што треба да се случи за Тошковски да поднесе оставка? СДСМ ќе продолжи гласно да ја брани правдата, законитоста и интересите на граѓаните“, велат од СДСМ.
Македонија
Гаши засега ќе се воздржи од коментари за претседателката на Антикорупциска

Во врска со актуелните настани поврзани со претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Татјана Димитровска, од кабинетот на Претседателот на Собранието, Африм Гаши, велат дека тој засега ќе се воздржи од коментари, а ако наводите се потврдат во судска постапка, тој ќе иницира постапка за разрешување.
„Почитувајќи го начелото на презумпција на невиност и независноста на судските органи, Претседателот на Собранието се воздржува од какви било прерани коментари. Основен приоритет е да им се овозможи на надлежните институции да ја завршат својата работа без било какви притисоци или влијанија. Сепак, доколку наводите бидат потврдени низ судска постапка, Претседателот на Собранието ќе постапи без двоумење и ќе иницира соодветна собраниска процедура за разрешување“, се наведува во соопштението од Кабинетот на Африм Гаши.
Одговорноста за зачувување на кредибилитетот и интегритетот на институциите, велат од таму, е врвен приоритет и обврска која не трпи компромис.
Претседателката на антикорупциската комисија, Татјана Димитровска, е осомничена во дополнетата истрага за предметот „Адитив“. Таа се сомничи дека преку апликациите за пораки „Вибер“ и „Воцап“ му одавала службени тајни на друг обвинет за поведени постапки за отворање предмети и одлуки против сега обвинетите фирми и лица во предметот „Адитив“, како и податоци за проверка на имотот и на неговото семејство.
Покрај тоа што ѝ e одземен пасошот, Кривичниот суд определи и забрана за преземање одредени работни активности поврзани со кривичното дело, што подразбира дека осомничената не смее да има контакт со предмети, пошта и друга документација поврзана со работењето на ДКСК, а воедно не може да гласа и да распределува предмети.