Македонија
Полицијата го растури Вевчанскиот карневал
Полициски службеници го растурија карневалот во Вевчани, кој оваа година не беше официјално организиран од страна на Општината поради пандемијата на коронавирусот. Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека полицијата интервенирала поради непочитувањето на мерките за спречување ширење на коронавирусот, односно забраната за групирање повеќе од четири лица.
Присутните ја дочекаа полицијата со пцости, а настана и турканица меѓу василичарите и полицајците.
Од МВР велат дека и покрај претходно постигнатиот договор на три одржани состаноци со лицата инволвирани за одржувањето на оваа манифестација да се почитуваат мерките и да нема групирање, денеска поголема група граѓани се собрале во Вевчани, без почитување на мерките, односно со недозволено групирање, поради што мораше да интервенира полицијата.
„По документирање на случајот, ќе бидат поднесени и соодветни пријави. Апелираме до сите граѓани заеднички да придонесеме за спречување на коронавирусот, односно за зачувување на здравјето како на жителите на Вевчани така и на сите граѓани“, велат од МВР.
Група вевчанци не се откажаа од традицијата и излегоа маскирани на карневалот, а имаше и публика што го следеше дефилето.
Општина Вечвани оваа година се откажа од организирање на традиционалниот карневал.
Градоначалникот Сашо Јанкоски вчера апелира да се почитуваат мерките и протоколите на Комисијата за заразни болести.
„Ние како Општина Вевчани се откажавме од организација на годинешните концерти, изложби и сите други активности за Вевчанскиот карневал 2021 сѐ со единствена цел да ве заштитиме вас, вашите фамилии и вашите најблиски од оваа пандемија“, напиша Јанкоски на „Фејсбук“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Техничката влада не се укина за изборите во 2024 година за ДУИ да добие премиер
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, вечерва беше гостин во Тема на денот на Сител телевизија, каде се осврна и на актуелната тема за укинување на техничката влада за што истакна дека истата била воведена како привремено решение за кризата во 2015 година. Тој вели дека нејзиното укинување во 2024 година било спречено поради договор меѓу СДС и ДУИ со цел ДУИ да добие премиер, како што и се случи, и како што вели тој, беше спротивно на изборните правила и волјата на граѓаните.
„Во 2015 година оваа техничка влада беше договорена во еден сосема друг политички контекст и беше решение на една политичка криза. До следните редовни парламентарни избори ќе поминат 12 и пол години од таа политичка криза и од договорите кои што тогаш се правеа. Оваа техничка влада го надмина времето и причините за кои што беше создадена и ние сме единствена држава од нормалните демократии во Европа, која што го прави, и на ова треба да се стави точка и да заврши затоа што ни треба нормално функционирање на државата“, вели Николоски.
„Ние го инициравме тоа, но единствената причина зошто не се укина техничката влада за изборите во 2024 година беше договорот помеѓу СДС и ДУИ, да ДУИ добие премиер, и тоа се случи, Талат Џафери стана премиер, што беше вон сите изборни правила, и вон волјата на народот, и затоа завршија на избори како што завршија“, рече Николоски.
Македонија
(Фото) Тошковски на проштална средба со амбасадорката Агелер: САД остануваат клучен стратешки партнер во безбедноста
Министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Панче Тошковски, денеска оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Македонија, Ангела Агелер.

На средбата, министерот Тошковски изрази благодарност за нејзината посветеност, професионалност и континуирана поддршка на реформските процеси, со посебен акцент на унапредувањето на безбедносниот систем и јакнењето на институционалните капацитети. Тој ја истакна значајната улога на амбасадорката Агелер во продлабочувањето на соработката меѓу двете држави, особено во областа на внатрешната безбедност, владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Министерот упати благодарност и до Амбасадата на САД за силната и континуирана поддршка на Македонија, нагласувајќи дека Соединетите Американски Држави се стратешки партнер и важен сојузник во зајакнувањето на безбедноста, стабилноста и евроатлантската ориентација на државата. Во тој контекст, беше потенцирана и одличната соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и американските институции преку заеднички проекти, обуки и размена на експертиза.
Македонија
Средба на министерот Муцунски со раководството на Сојузот на стопанските комори на Македонија
Во рамки на серијата работни средби насочени кон унапредување на економската дипломатија и поддршката на извозот, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работен состанок со раководството на Сојузот на стопанските комори, предводено од претседателот Горан Ѓорѓиевски.

На средбата се разговараше за интензивирање на соработката преку организација на тематски трговски посети на приоритетни пазари, обезбедување логистичка поддршка при значајни бизнис посети во државата, како и за промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор. Посебен акцент беше ставен на унапредување на комуникацијата и соработката на домашните компании со дипломатско-конзуларните претставништва во странство, известуваат од Министерството.

Фокусот на институционалните активности е насочен кон системска поддршка на компаниите со извозен потенцијал, со цел поттикнување на додадената вредност во економијата и создавање услови за одржлив економски развој.

