Македонија
Помпео: САД остануваат силен сојузник, ќе ги поддржиме вашите напори за европска интеграција

Оваа година ѝ честитаме на Северна Македонија што стана 30-та членка на НАТО и ја поздравуваме посветеноста на вашата земја за регионален и глобален мир и безбедност, што се рефлектира преку ова достигнување, напиша државниот секретар на САД, Мајк Помпео, по повод Денот на независноста на Република Северна Македонија.
Во честитката објавена на веб-страницата на Стејт департментот, Помпео наведува дека САД остануваат цврст сојузник на Република Северна Македонија, и вели дека Соединетите држави се охрабрени од напредокот на патот кон членството во ЕУ и ќе продолжат да ги поддржуваат напорите за постигнување европска интеграција.
„Неодамнешните парламентарни избори во Северна Македонија беа мирни и успешни во невидени околности и ние го цениме вашето тежнеење кон демократските идеали, транспарентноста и силното владеење на правото. Вашите достигнувања ќе помогнат во обликувањето на идната насока кон која ќе се движи регионот на Западен Балкан“, додава Помпео во честитката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Отворена нова амбуланта во Илинден

Премиерот, Христијан Мицкоски, денеска ја отвори новата амбуланта на ЈЗУ Здравствен дом Скопје во општина Илинден. Според него, ова е проект кој не е само уште една зграда, туку доказ дека кога институциите соработуваат, кога има визија и посветеност кон граѓаните- тогаш резултатите не изостануваат.
Во оваа амбуланта се вложени околу 16 милиони денари, но заедно со придружната инфраструктура и во консултација со градоначалникот вкупната инвестициска вредност достигна 25 милиони денари.
„Но, вредноста на овој објект е далеку поголема од паричниот износ. Таа се мери во сигурноста на родителите дека нивните деца ќе имаат здравствена грижа блиску до домот, во спокојот на повозрасните жители кои веќе нема да мораат да патуваат далеку за преглед, во достоинството на здравствените работници кои конечно добиваат услови какви што заслужуваат“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека оваа амбуланта е дел од заложбата на Владата да го обнови, модернизира и зајакне здравствениот систем во цела држава.
Македонија
Јанев во посета на ГП Дојран: Времето на чекање е намалено на половина

Директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, Александар Јанев, денес беше во работна посета на граничниот премин Стар Дојран, каде што пренесе порака дека нашата држава се грижи, инвестира и одлучно стои на секој чекор од својата граница.
„Со отворањето две нови ленти за гранична контрола пред 2 месеца, овозможуваме побрз и поефикасен влез и излез за над 35.000 патници неделно, од кои повеќе од 21.000 се странски државјани. Брзината е зголемена, а времето на чекање намалено за половина. Ова не е само логистика – ова е безбедност, гостопримство и државничка грижа на дело! Особено се гордеам што по долга пауза, повторно е воспоставена граничната патрола по Дојранското Езеро. Тоа е доказ дека нема да дозволиме ниедна точка од нашата граница да остане незаштитена – ниту на копно ниту на вода“, рече Јанев при посетата.
Посетата беше и можност директорот да изврши увид врз донираната техничка опрема и возилата од страна на Сојузната германска полиција и потенцира дека таквата поддршка ни значи многу.
„Германските партнери преку опрема, дигитални алатки и заеднички обуки ја зајакнуваат нашата гранична полиција да биде уште поефикасна во откривање и спречување на прекуграничниот криминал. Ова е патот напред, патриотизам на дело, партнерства во пракса, безбедност за секој граѓанин и бескомпромисна борба против криминалот“, рече Јанев.
Македонија
Мисајловски: АРМ минува низ досега најинтензивен процес на модернизација и опремување

На маргините на саемот за воена индстрија во Истанбул – IDEF 25, министерот за одбрана Владо Мисајловски, заедно со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски се сретна со министерот за национална одбрана на Република Турција, Јашар Ѓулер.
На средбата беше истакната долгогодишната активна одбранбена соработка базирана на заедничката визија за одржување на стабилноста и безбедноста на регионот и развојот на двете земји.
На средбата е заклучено дека двете земји продолжуваат да го јакнат партнерството преку размена на знаење и стручност во сите области.
Министерот Мисајловски се осврна и на последната нова и софистицирана опрема која стана дел од арсеналот на Армијата – хаубиците „Боран“ од турско производство кои се дел од декларираната артилериска батерија на Лесната пешадиска баталјонска група, при што истакна дека „македонската Армија е убедена во квалитетот на турската воена индустрија “ и упати благодарност за континуираната поддршка од страна на Турција особено во развојот на армиските капацитети.
„Македонската Армија минува низ досега најинтензивен процес на модернизација и опремување, што несомнено е инвестиција во безбедноста на македонските граѓани. Посилна Армија значи и посигурна и побезбедна колективна одбрана во НАТО“, рече министерот.
Вчеравечер, во рамки на посетата на Турција и учеството на саемот за воена индустрија IDEF 25, министерот Мисајловски се сретна и со претседателот на Агенцијата за одбранбена индустрија на Турција, Халук Ѓорѓун со кого разговараше за развојот на воената индустрија и потребата од зголемени инвестиции во оваа област, како начин за зацврстување на безбедноста на сојузниците.
Турската воена индустрија е од интерес за македонската одбрана, особено имајќи предвид дека Армијата веќе се опреми со шест нови хаубици 105mm и придружна опрема од компаниите „Боран“ и „Аселасан“ кои неодамна беа промовирани на македонската јавност.