Македонија
Порака на Гаши од Рим: Без интеграција во ЕУ на Балканот, ризикуваме создавање на географски вакуум
Претседателот на Собранието, Африм Гаши и делегацијата во посета на Италиjа имаше средба со сенаторката Ема Паванели, која е и претседателка на Билатералната група за соработка со државите од Балканот на Италијанскиот Парламент и членовите на Групата, по која следеше средба со Џулио Тремонти, претседател на Комисијата за надворешна и европска политика, Дом на пратеници на Парламентот на Италијанската Република. На средбата присуствуваа и членовите на Комисијата и Џиљо Виња, претседателот на Комисијата за политики за ЕУ.
„На средбите претседателот Гаши подвлече дека билатералните односи меѓу РС Македонија и Италијанската Република во континуитет повеќе од три децении се одвиваат на отворен, искрен и пријателски начин и без отворени прашања, базирани на традиционално пријателство, силно стратешко партнерство и долгогодишна конструктивна соработка и поддршка како на билатерален, така и на мултилатерален план. Континуираната поддршка сведочи за визијата на Италија за интегриран и стабилен Западен Балкан во НАТО и во Европската унија, чиј заеднички именител е просперитетен регион без конфликти и отворени прашања“, соопштија од Собранието.
На средбите, Гаши се задржал на скрининг процесот, кој заврши пред 2 години, со високи оценки од Европската комисија и изрази очекување дека за време на полското претседавање со Советот на ЕУ ќе се испрати конкретен и јасен сигнал до сите земји-членки, дека започнувањето на преговори со Република Северна Македонија е повеќе од императив, како и проценка дека секое натамошно одолговлекување на процесот на проширување на Унијата ќе значи натамошно влошување на ситуацијата, кое ќе се рефлектира како на економски, енергетски, безбедносен, така и на политички план.
Пратеничката Ласовска се осврна на придонесот на Македонија во политиките на Унијата иако не е членка на Унијата, од поддршка за време на мигрантската криза, преку усогласување со заедничката безбедносна политика до приклучување на санкциите од Унијата.
„Наместо членството да се заснова на придонес и исполнување на Копенхашки критериуми, истото е условено од билатерален спор. Тоа придонесува за негативна перцепција на граѓаните и намалување на нивната поддршка за членство во Унијата“, рече таа.
Пратеникот Ковачевски истакна дека поддршката и разбирањето од Италија за придонесот на нашата држава во европските процеси треба да се пренесе и меѓу земјите членки на Унијата. Особено затоа што, како што рече, членството на нашата држава во Унијата, нема да е придобивка само за државата, туку и за Унијата.
На средбите беше истакната и подготвеноста за натамошна взаемна поддршка и соработка меѓу постојаните делегации во парламентарните собранија на НАТО, Советот на Европа, OБСЕ, Медитеранот, ИПУ, како и конструктивната соработка во рамките на Јадранско-Јонската Иницијатива, и во Централно-европската Иницијатива, каде Италија е земја-основач.
Присутните се заложија за унапредување и на повеќе сегменти на меѓудржавна соработка, во економијата, но и во културата, образованието, туризмот и здравството, а Протоколот за соработка овозможува отпочнување на повеќе иницијативи за размена на искуства и парламентарни практики од взаемна потреба и интерес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

