Македонија
Посилен систем за поправедна заштита – нов проект за борба против корупцијата во здравството
Почнува имплементацијата на проектот „Посилен систем за поправедна заштита: Намалување на корупцијата во здравството“, чија главна цел е градење транспарентен и одговорен здравствен систем, кој одговара на потребите на сите граѓани, особено на жените и на маргинализираните групи. Станува збор за национална иницијатива, која се темели на три главни активности – обуки на здравствените работници за зајакнување на нивната улога во борбата против коруптивните практики, зголемување на свеста на граѓаните за препознавање и пријавување корупција, како и реформа на политиките и процесите во здравството.
Проектот, кој ќе трае 18 месеци, го спроведува Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ, во партнерство со Македонската асоцијација на гинеколозите и опстретичарите – МАГО. Преку активностите директно ќе бидат таргетирани 1.850 жени од маргинализираните групи, речиси 700 здравствени работници, 30 претставници од надлежни јавни институции и 90 новинари, но и целокупната јавност.
„Корупцијата е еден од најсериозните проблеми во државата, а тоа особено се одразува во здравството имајќи ја предвид сензитивноста на овој сектор и неговата важност за секој граѓанин. Според истражување на Светската здравствена организација, 46 отсто од домаќинствата плаќаат од џеб за здравствените услуги иако јавните трошоци за здравство постојано се зголемуваат. Нашето истражување, пак, покажа дека 95 отсто од Ромките и жените од руралните средини плаќаат за примарни гинеколошки прегледи иако оваа услуга би требало да биде бесплатна. Овие бројки укажуваат дека е неопходно сите заедно како општество да работиме за искоренување на корупцијата во здравството“, вели Јасминка Фришчиќ, извршна директорка на ЕСЕ.
„Ние како здравствени работници не смееме да замижиме пред фактот дека корупцијата е присутна во здравството. Напротив, сметам дека треба директно да се вклучиме во сите активности насочени кон препознавање и спречување на коруптивните дејства. На тој начин ќе ги заштитиме пациентите, но ќе се заштитиме и себеси и угледот на нашата професија. Сите жени треба да имаат еднаков пристап до редовни и квалитетни гинеколошки услуги и верувам дека преку работата на овој проект ќе ја постигнеме таа цел“, рече д-р Глигор Тофоски, претседател на Македонската асоцијација на гинеколозите и опстретичарите – МАГО.
Со цел поширока национална застапеност на планираните активности, во имплементацијата се вклучени и граѓанските организации „Мајка“ од Куманово, 2Станица П.Е.Т.“ од Прилеп, Женскиот форум од Тетово и Граѓанската иницијатива на жените од Свети Николе. Имплементацијата на проектот „Посилен систем за поправедна заштита: Намалување на корупцијата во здравството“ е поддржана од Expertise France преку Француската агенција за развој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.
Македонија
Традиционална церемонија на свечено менување на државното знаме во претседателскиот кабинет
Повеќе од 170 основци од скопските училишта „Ѓорѓија Пулевски“ и „Кочо Рацин“ и од училиштето „Св. Наум Охридски “ од Охрид, денеска ја проследија церемонијата на свечено менување на државното знаме, којашто во Кабинетот се одржува секој втор петок во месецот во знак на оддавање почит кон државата.
Во присуство на бројни претставници на Армијата, учениците, заедно со своите наставници и образовни асистенти, најпрво внимателно го ислушаа командирот на почесната единица кој ги образложи причините и процесот на менување на знамето.
Потоа, нивните љубопитни очи се вперија кон јарболот на којшто постојното, беше заменето со ново државно знаме. Церемонијата заврши со интонирање на македонската химна од Воениот оркестар, пропратено со детскиот хор.
Во рамки на посетата, дечињата ја разгледаа свечената сала со двата импозантни мозаици на академик Глигор Чемерски, „Македонија-светла земја“ и „Македонија-земјата памети“.
Претседателката изрази радост за присуството на најмладите посетители и одговараше на бројните креативни прашања меѓу кои и: Кои и биле омилените книги на нивна возраст? Дали ѝ недостигаат студентите? Сонувала и посакувала ли некогаш да стане претседателка? Какви карактеристики треба да поседува еден лидер? Како се одвива еден нејзин работен ден и колку долго трае? Дали ги помни омилените наставници?
Таа, во својство на ученичка, ги именуваше саканите учители, истакнувајќи дека имале огромно влијание врз нејзината љубов кон учењето.
На крајот, Сиљановска-Давкова им порача дека вреди да се учи и дека нема подобар влог во иднината, од оној во знаењето.
Младите посетители, освен со убави спомени, од Кабинетот си заминаа и со автограм од претседателката Сиљановска-Давкова.

