Македонија
Поставени уреди за мерење на загадувањето во Скопје 24 часа на ден

На две локации во Скопје денеска се поставени уреди што ќе собираат примероци за квалитетот на воздухот 24 часа на ден во текот на секое деноноќие во наредните 12 месеци. Со анализа на овие податоци попрецизно ќе се откријат поединечните извори на загадување на воздухот во градот.
Собраните примероци од уредите поставени во Карпош – урбана област и Лисиче – област со индустрија, сообраќај и резиденцијална зона, кои ќе земаат агрегирани 24-часовни примероци на ситните фракции на честички ПМ 2,5 ќе бидат анализирани со користење референтни методи и строги аналитички протоколи и врз основа на тоа, ќе бидат изработени модели што овозможуваат поврзување на измерената маса на одделни загадувачки материи на дадена локација, со групи на извори на загадување.
Како дел од проектот „Справување со загадувањето во Скопје“, финансиран од владата на Шведска, а го спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), во партнерство со Град Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање, со ова почнуваат теренските истражувања во рамките на студијата за пропорционирање на загадувачите.
Студијата треба да обезбеди информации за одделните поединечните извори на загадување на воздухот во агломерацијата Скопје, како и придонесот на поединечните извори, индустрија, согорување на биомаса, сообраќај, управување со отпад итн. во вкупното загадување на избраните репрезентативни локации, а кои треба да бидат основа за креирање ефикасни и реални политики за контрола на загадувањето.
Финалните резултати ќе бидат објавени кон крајот на 2021 година.
Како дел од проектот „Справување со загадувањето во Скопје“ во финална фаза е и оценувањето и изборот на 100-ина домаќинства во Лисиче, кои ќе бидат поддржани со грантови до 10.000 американски долари од домаќинство за унапредување на енергетската ефикасност на домовите. Тоа предвидува замена на начинот на греење, замена на прозорци, врати, фасади и покриви и други мерки, со цел да се зголеми нивото на енергетска ефикасност и да се намали загадувањето во овој дел од Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.