Македонија
Почина Бранка Станковска, доајенот на македонското спикерство
Почина доајенот на македонското спикерство Бранка Станковска, која генерации гледачи на Радио-телевизија Скопје ја паметат како прва спикерка и водителка на вестите.
„Тивко во сон си замина мојата баба Бранка Станковска. Дочека да биде и чукунбаба, имаше убав живот, изгледа внуци, правнуци и праправнука. Имам прекрасни спомени од неа, можеби затоа што бев прва внука, па бев привилегирана од мала да поминувам повеќе време со неа. За работата што да напишам, беше вистински професионалец, дури и по нејзиното пензионирање беше активна и сè уште може да се слушне нејзиниот глас на радиопрограмите. ТОЧНО Е 12:00 часот. Почивај во мир бабо и после многу години ќе се сретнеш со својата единствена и голема љубов, дедо Бошко!” , објави на „Фејсбук“ нејзината внука Ирина Костовска.
Тивко во сон си замина мојата баба Бранка Станковска. Дочека да биде и чукунбаба, имаше убав живот, изгледа внуци,…
Posted by Irina Rin Kostovska on Четврток, 21 јануари 2021
Бранка Станковска е родена во Скопје на 30 април 1931 и е позната како врвен радио и телевизиски спикер и водител. Во Македонската радио-телевизија го поминала целиот работен век (1948-1987).
Нејзината најава на првиот телелевизиски пренос од Црн Врв на 5 јуни 1964 е почеток на програмата на ТВ Скопје, емитувана преку сопствената телевизиска мрежа. Неколку месеци подоцна (на 14 декември) Станковска ги читаше вестите на првиот телевизиски „Весник“, што го означи почетокот на емитувањето на редовната програма на Македонската телевизија.
Беше една од најпознатите спикерки и водителки на малиот екран.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

