Македонија
Почина Филип Аврамчев, поранешен директор на Универзалната сала

Либерално-демократската партија соопшти дека почина Филип Аврамчев, нивен долгогодишен член и поранешен директор на ЈУ Универзална сала.
„Со длабока тага и неверување се збогуваме со Филип Аврамчев, наш долгогодишен член и актуелен член на партиските органи на ЛДП, докажан либерал и наш истакнат активист и борец.
Либерално-демократската партија изразува длабока жал и сочувство до семејството Аврамчеви и најблиските роднини и пријатели.
Не постојат зборови што може да ја надоместат загубата и да послужат како утеха во мигови како овој, но Филип ќе го паметиме по ведриот дух, непресушните идеи за подобро утре и моментите поминати заедно како сопартијци, но уште повеќе – како пријатели и партиски другари.
Филип Аврамчев е роден во Скопје, своето образование го стекнува во родниот град, во Оклахома, Атина и во Женева. Помеѓу кариерата во приватниот сектор беше дел и од тимот во 2013 година во Општина Центар, потоа беше директор на ЈУ Универзална сала – Скопје, за на крај – државниот повторно да го замени со бизнис-секторот.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 8. 5 .2025 (четврток) во капелата на градските гробишта во Бутел во Скопје во 11 часот.
Другар Филип, нека ти е лесна земјата и нека ти биде светол патот. Почивај во мир“, објави ЛДП.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Огромен објект никнува во Охридската чаршија, секој прави што сака, алармира Охрид СОС

Чаршијата во Охрид го губи својот лик. Иако е дел од Старото градско јадро, за кое важи посебен закон, односно Закон за прогласување на Старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење, чаршијата е препуштена на стихијата и тука секој прави она што сака, без никаква регулатива, алармираат од Граѓанската иницијатива Охрид СОС.
„Ако некогаш важеше за специфичен дел на градот, исполнет со занаетчиски дуќани и стари градби, денеска оваа улица скоро сосема го изгубила својот лик и значење. Иако е дел од Старото градско јадро, за кое важи посебен закон, односно Закон за прогласување на Старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење, чаршијата е препуштена на стихијата и тука секој прави она што сака, без никаква регулатива. На прстите од една рака се бројат старите градби кои му одолеваат на времето. Денеска тука доминираат ресторани и угостителски објекти кои ја окупирале улицата и за минувачите и велосипедистите оставиле само еден тесен премин. И наместо институциите да диктираат што и како може да се гради, сведоци сме изминативе децении дека тука веќе почнаа да се градат високи објекти со нетипичен стил. Не се применува нити онаа омилена за Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид факсимилна реконструкција“, велат од таму.
Додека „стручната фела“ замижува и се прави наудрена, велат од Охрид СОС, деновиве кон крајот на чаршијата се подигнува еден огромен објект, кој според обемот и големината отскокнува од околните објекти.
„Минатата година, за да започнат градежни работи на овој дел, службите на Општина Охрид исекоа неколку децениски стебла, а од механизацијата е оштетено и партерното уредување. Но ништо од тоа не е важно, ако се знае дека институциите на прво место го ставаат интересот на поединците, наместо јавниот интерес. Објектот е видлив и од страната на паркингот. Додека се предлага градот да формира стручно тело кое ќе комуницира со УНЕСКО, „еден Борд кој ќе го сочинуваат архитекти и други професионалци“ неповратно го губиме културното наследство и специфичните градски четврти“, алармираат од Охрид СОС.
Македонија
Викендов многу топло време, со локален дожд

Во деновите од викендов ќе се задржи многу топло време, информира УХРМ.
Утре ќе има изолирана појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи.
Од понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер, а дневната температура ќе опадне за 3 до 5 степени.
Кон средината на седмицата ќе има локална нестабилност со пороен дожд и грмежи.
Македонија
ЗНАМ конституира Градска организација: „Скопје не смее да биде ничија колатарелна штета“

Официјално се конституира Градската организација на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија – Скопје. Од Движењето велат дека овој чекор не е само формалност туку е почеток на една сериозна, силна и решителна политичка борба.
„Ова е гласна порака, од срцето на државата, од главниот град Скопје, дека промената што ја бараат луѓето насекаде низ Македонија, веќе добива своја форма, своја структура и своја сила. За претседател едногласно е избран Мирослав Лабудовиќ, Магистер по електротрехника и информациски технологии дипломиран електро инженер, актуелен заменик министер во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, со претходно долгогодишно искуство на разни менаџерски позиции во автомобилската индустрија и електро енергетиката“, велат од ЗНАМ.
Дел од Градската организација се професори, архитекти, лекари, уметници, спортисти, претприемачи, активисти…
„Совеста, знаењето и духот на Скопје – овие граѓани на нашиот град – ја избраа вистинската промена со Движењето ЗНАМ. Овие храбри и одважни луѓе не се партиски послушници ниту политички марионети. Тие не се функционери по задача, ниту сенки на некои центри на моќ. Ова се личности со непобитен кредибилитет, со изграден авторитет и биографии кои вредат многу повеќе од празните изборни ветувања. Тие се оние што долго време беа разочарани, отуѓени и тивки“, велат од ЗНАМ.
Од таму велат дека потиснат од алчност, поделби и тивка диктатура, Скопје го изгубило сјајот, но не и силата.
„Скопје не смее да биде ничија колатарелна штета ниту пак заложник на тајни коалиции во политичкиот театар на елитите. Од денес, Градската организација на ЗНАМ – Скопје станува бастион на слободата, креативноста и урбаната визија. Ќе бидеме платформа за секој кој има идеја, решение и љубов кон својот град. Ќе проодолжиме да бидеме чувари на јавниот интерес. Ќе им го вратиме градот на неговите жители – без елитизам, без поделби и без скриени агенди“, велат од ЗНАМ.