Македонија
Почна втората фаза од изградбата и проширувањето на бул. Никола Карев до Момин поток

Екипите на Град Скопје денеска ја почнаа втората фаза од изградбата и реконструкцијата на булеварот Никола Карев, на потегот од крстосницата кај касарната „Илинден“ до Момин поток. Градежни работи ќе се изведуваат на траса долга околу еден километар, а покрај реконструкцијата на постојниот коловоз предвидено е и негово проширување на четири сообраќајни ленти со ширина од 3,5 метри, разделно зеленило и мешани пешачко-велосипедски патеки од двете страни.
На почетокот на градежните работи за реализација на овој капитален проект присуствуваа градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов и градоначалниците на општините Центар, Карпош и Чаир, Саша Богдановиќ, Стефан Богоев и Висар Ганиу.
„Се работи за исклучително фреквентна сообраќајница која е најмногу искористена од жителите на Карпош, Центар, Чаир, Шуто Оризари, Бутел и Гази Баба, но како транзитна сообраќајница ја користат и оние кои само минуваат низ овој дел на градот“, рече Шилегов.
На булеварот Никола Карев, во оваа втора фаза од реконструкцијата, дополнително се предвидува изведба на нова атмосферска канализација, изведба на потпорен ѕид во должина од 690 метри и ново лед осветлување од двете страни. Реконструкцијата на оваа улица ќе се искористи и за замена на дел од старата и поставување на нова подземна инфраструктура онаму каде што е потребно од страна на различни субјекти, за да се избегне прекопување на новиот асфалт по завршувањето на реконструкцијата.
Вредноста на договорот за оваа фаза изнесува околу 160 милиони денари со вклучен ДДВ, а градежните работи се очекува да завршат во рок од шест месеци.
Градоначалникот Шилегов денеска упати апел до граѓаните да покажат разбирање додека траат градежните работи на оваа делница и да ги следат информациите за привремен режим на сообраќај што ги објавува Градот Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Уранија Пировска: Со новата концепција младите луѓе ќе се описменат за човековите права

За Хелсиншкиот комитет за човекови права, новата концепција за основно образование има пристап којшто ја поттикнува меѓуетничката интеракција и овозможува преку образованието да се пополнува празнината што постои меѓу младите луѓе од различните етнички заедници.
„Хелсиншкиот комитет е фокусиран на работата со младите луѓе, нивното описменување кога станува збор за човековите права, за што секоја година организираме школи за човекови права. Она што секогаш ни произлегува како заклучок е дека во нашето општество, во самото образование, фали еден пристап којшто ќе овозможи меѓуетничка интеракција. Во оваа концепција тоа е многу видливо. И многу е важно што пристапот во развивање на меѓуетничката интеракција е многу сличен на оној пристап што ние со години наназад го препорачуваме“, изјави Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Таа беше една од учесничките на денешната дебата за новата концепција за основно образование, со граѓанските организации. Рече дека доколку низ образовниот процес се поттикнува младите луѓе да се запознаваат, да ги запознаваат карактеристиките на другите етнички заедници, не само што ќе се намали празнината што постои меѓу младите луѓе од различните етнички заедници туку и ќе се намали процентот на насилство.
„Податоците од нашите веб-платформи, едната за говор на омраза, другата за кривични дела од омраза, покажуваат дека најголемиот процент и како сторители и како жртви се младите луѓе. Сметаме дека тоа се должи најмногу на тоа што младите луѓе не знаат за различните од себе, не знаат за нивната култура, за нивната историја, за нивните карактеристики. Сметам дека оваа концепција ќе ја пополни оваа празнина“, изјави Пировска.
Многу е важен приодот на оваа концепција кога станува збор за учењето кај младите луѓе затоа што им се остава простор да ги развиваат своите интереси.
„Наставниците ќе бидат фокусирани да ги развиваат афилијациите на младите луѓе, ќе им се остава простор за критичко размислување, нешто што е многу важно, и секако оние воннаставни активности коишто се предвидени, учеството во различни проектни активности, е многу важно“, рече Пировска.
Хелсиншкиот комитет за човекови права ја поддржува концепцијата, ќе ја следи нејзината имплементација и во целиот процес ќе дава забелешки и сугестии, соопшти Министерство за образование и наука.
Македонија
Јовановски: Конечно преку образованието треба да се срушат бариерите за вклучување на лицата со попреченост

Претставници од Здруженијата на лицата со попреченост кои денес учествуваа на консултативниот состанок во врска со образовната концепција дадоа целосна поддршка на реформите.
„Со овие реформи за првпат се дава фокус на инклузивноста, недискриминацијата и еднаквоста, затоа даваме целосна поддршка. Конечно треба да се сруши парадигмата за лицата со попреченост дека се неспособни и тоа посебно во раната возраст, а тоа ќе се направи преку реформите во образованието”, рече Бранимир Јовановски, претседател на Мобилност – Националниот сојуз со лица со телесен инвалидитет.
Јовановски вели дека образованието е единствен пат за стекнување вештини кои ќе им овозможат егзистенција на лицата со попреченост и на нивните семејства.
„За жал, лицата со попреченост се неконкурентни за пазарот на трудот затоа што се неквалификувани. За таа цел сметаме дека реформите се неопходни затоа што со нив ќе се отстранат бариерите физичката непристапност на објектите, а учениците добиваат поддршка”, рече Јовановски.
Македонија
(Видео) Арсовски: Одговорност за Коста Петров и итна оставка

Потпретседателот на СДСМ и директор на Фондот за иновации, јавно, без грам совест, дрско и без срам, најважно без ничија присила, призна дека свесно сторил кривично дело и притоа причинил материјална штета на институцијата што ја води, во случајот Фондот за иновации. Уште побезобразно, признавајќи дека направил кривично дело, јавно на телевизија им порача на граѓаните но и на сите останати, само „извините ако сум направил кривично дело”. Замислете секој криминалец во државава што извршил кривично дело да се извини само на јавноста и на Судот и да биде ослободен од одговорност, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
„Но, она што е суштинско и поважно, Коста Петров сепак трошел од парите на граѓаните за маркетинг-услуги и тоа ги трошел преку агенциите кои го добија тендерот. Коста Петров противзаконски плаќал реклами со буџетски пари на граѓаните на медиуми и со тоа го прекршил член 353-В став 2, односно став 3 и причинил со своето несовесно работење материјална штета во институцијата што ја води во моментов.
Токму Владата на СДСМ го смени законот 102 од законот за АВМУ, со што државните институции и сите оние коишто користат буџетски средства да не смеат по ниеден основ да се рекламираат во медиумите. Ова е законот жшто го прекршил Коста Петров како директор на Фондот за иновации, а притоа треба да одговара според членот 353-В од Кривичниот законик на Република Македонија.
Ова имено само да знае значи од половина до 5 години затвор, односно од 1 до 10 години затвор во зависност од висината на штетата.
Сепак, како што рековме и претходно, Коста Петров преку советникот од СДСМ, Бојан Ивановиќ, трошел пари коишто се на граѓаните. Значи директор од СДСМ сепак давал пари за маркетинг преку фирма на советник исто така од СДСМ.
Коста Петров да одговори колку пари се потрошени за рекламирање и каде. Односно колку пари тој потрошил за рекламирање и каде.
Зоран Заев да одговори дали побарал оставка од својот потпретседател и директор и кога планира да побара оставка за свесното признаено кривично дело што го извршил.
Дали Јавното обвинителство и Антикорупциската комисија сè уште ќе се прават и глуви и слепи на криминалот на СДСМ, којшто сите знаеме дека е аминуван токму од Зоран Заев?
Фондот за иновации стана златна кокошка за СДСМ и за нивните функционери. Од проекти, единствен и главен проект на оваа Влада е правење и создавање криминална држава преку којашто крадат и пустошат сè живо.
За крај, сакам да ѝ најавам на јавноста дека ВМРО-ДПМНЕ во текот на неделата ќе поднесе соодветна кривична пријава против директор за извршен кривичен престап. И очекуваме брзо расчистување на случајот, односно носење одговорност, бидејќи имавме јавно признание на национален сервис“, порача Арсовски.
- Книги1 месец
Македонски лекар ја објави последната исповед на Јосип Броз Тито
- Македонија3 месеци
Излезе од затвор Панче Ангелов, напаѓачот на Шекеринска од 27 април
- Македонија2 месеци
МЖСПП: Мечкиното грозје важен ресурс, кој треба грижливо да го собираме
- Црна хроника2 месеци
Млада девојка од Штип пронајдена мртва во нејзиниот дом
- Економија3 месеци
(Видео) Младите од Струмичко порачуваат – ако не проработи рударскиот комплекс, ќе се иселиме сите
- Македонија2 месеци
(Видео) Отстранети два нелегално изградени објекта во општина Центар
- Спорт3 месеци
Гетџи: По мечот со Хабиб, мојата мајка конечно ќе може да се пензионира
- Македонија1 месец
Возачот на „бентлито“ што „влета“ на плоштад казнет со 45 евра, објавена фотографија од записникот