Македонија
Пратеници формираа иницијатива за една изборна единица
Во Собранието на Северна Македонија се формира иницијатива за една изборна единица, во која се вклучија 12 пратеници од 10 партии и еден независен пратеник.
На средбата во собранискиот Клуб на пратениците, одржана на 11 септември, формирана е група од пратеници што се залагаат за пропорционален изборен модел со една изборна единица.
Пратениците од иницијативата бараат да бидат вклучени во процесот на измена на Изборниот законик, на кој, како што велат, се обврзани како држава по забелешките на ОБСЕ/ОДИХИР од последните парламентарни избори. За таа цел, денес, писмено пабарале состанок со претседателот на Собранието, Талат Џафери, и со претседателите на трите партии СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, кои го водат овој процес.
„Цениме дека на ваков начин ќе се обезбедат поголема транспарентност и инклузивност на целиот процес, како и почитување на волјата на оние граѓани што очекуваат демократизација на земјата преку измени во изборниот модел. Речиси две децении, од 2002 година досега, во Македонија во сила е пропорционален изборен модел со шест изборни единици. Тоа е доволен период за да може да се видат и анализираат позитивните и негативните ефекти од него. Тој беше секако подобар од претходниот мнозински изборен модел зашто обезбеди поправичен избор на пратеници според бројот на гласови на гласачите. Сепак, распределбата на остатокот од гласовите од листите што не обезбедиле мандат, преку Донтовиот метод, оди во прилог на најголемите субјекти“, велат пратениците што иницираат една изборна единица.
Според нив, најголемиот недостиг на овој модел е ограничувањето за листи на партии или поединци да обезбедат мандат доколку немаат концентрација на гласови во една изборна единица. Така, велат тие, се случуваше да отпаднат листи, кои на ниво на целата држава имаа 30-40.000 гласа, а во парламентот да може да влезат, со мали исклучоци, само неколку поголеми партии.
„Ова имаше директно негативно влијание врз македонската демократија стимулирајќи само неколку големи партии принудувајќи ги другите политички субјекти во предизборни коалиции, а на граѓаните оневозможувајќи им да влијаат директно врз изборот на пратеник од одреден идеолошки профил, надвор од понудата црно-бело“, се вели во соопштението на иницијативата за една изборна единица зад која стојат Лилјана Поповска, Маја Морачанин, Рубин Земон, Ферид Мухиќ, Мирослав Јовановиќ, Панчо Минов, Самка Ибраимоски, Јулијана Николова, Јусуф Хасани, Реџеп Мемеди, Алија Камбероски и Амди Бајрам.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

