Македонија
Презентација на ШТЕТ-НА: Локалните избори се тест за политичарите да ја намалат штетната реторика
Политичарите треба да практикуваат етичка, транспарентна и професионална комуникација, базирана на факти, а не на манипулации и навредливи изрази – е еден од заклучоците од презентацијата на истражувањето „Мерење на политичките штетни наративи (ШТЕТ-НА)“ пред пратениците, што ја организира Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците во Собранието.
Станува збор за наоди од деветмесечниот мониторинг на штетните наративи на политичките партии, анализирани во периодот од септември 2023 до мај 2024 година и како тие се пренесуваат на ТВ и во онлајн-медиумите.
Целта на настанот беше да се потсетат политичките актери на најчестите прекршувања на стандардите за етична јавна и политичка комуникација, но и да се отвори дискусија за тоа каков тон на комуникација подготвуваат политичките партии во предизборната и во изборната кампања имајќи предвид дека следуваат локалните избори наесен.
Љупчо Пренџов, претседател на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, во воведот истакна дека одговорноста е поголема кај политичарите кои спротивставените ставови треба да ги бранат со аргументи, а не со говор на омраза.
„Добро е да се разговара, сметам дека има определени центри и индивидуалци што го спуштаат долниот праг на пристојната комуникација. Секој пратеник, министер, има право да избере на кој начин ќе ја води политичката комуникација, но долните граници треба да се почитуваат“, истакна Пренџов.
Денешната дискусија е повик за одговорност, особено кога се приближуваме до нов изборен циклус, нагласи Бојан Георгиевски, член на истражувачкиот тим на ИКС. Според него, новото во оваа тема е што овие наративи сега, за разлика од порано, се шират побргу, се појавуваат во посуптилни и пософистицирани форми и сѐ потешко се препознаваат – како за граѓаните така и за институциите.
Елеонора Серафимовска, членка на истражувачкиот тим, детаљно ги претстави клучните наоди за прекршување на стандардите за етична политичка комуникација и ги посочи најчесто застапените штетни наративи во комуникацијата на политичките партии и нивните лидери: поткопување на довербата во институциите, пристрасното селектирање факти, лични напади и демонизација и поттикнување поделби.
Таа укажа на огромниот потенцијал на овие наративи да предизвикаат штета во многу сфери истакнувајќи дека тие не служат за информирање, туку се полувистини, дури и дезинформации и лаги, а поривот да се пласираат е да се заострат поделбите и поларизацијата во општеството по национална, верска, а пред сè, политичка основа.
Потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска, порача дека сите учесници во политичката комуникација треба да понесат дел од одговорноста за она што се случува и дека секој треба да тргне сам од себе.
„Штетните наративи, кои постојат во политичката комуникација во текот на годините, ги гледам како Гордиев јазол. Мене ме фрапираа резултатите зашто не знам дали сме свесни што предизвикуваме со нашите говори кога ќе излеземе на говорница, а медиумите како трансмитери тоа го пренесуваат. Ако не седнеме да разговараме како да ги спречиме штетните наративи, ништо не сме направиле. Мора да се вклучиме во спречување на говорот на омраза“, порача Бендевска.
„Истражувањето е значаен инструмент за воспоставување етички критериуми, кои нема да бидат само на хартија туку прв чекор во градење еден позрел демократски капацитет на институциите“, рече пратеничката Марија Петрушевска.
Од друга страна, пратеникот Реџеп Исмаил изрази несогласување со наодите од истражувањето потенцирајќи дека реториката што се употребува ја одразува реалноста и не може ниту, пак, треба да се преземат чекори за намалување на штетните наративи.
Учесниците во дебатата се согласија дека политичарите имаат далеку поголеми можности за меѓусебна размена на ставови и усогласување од граѓаните поради што носат и зголемена одговорност за тонот на јавната комуникација. Тие потенцираа дека употребата на говор полн со навреди и емоционални манипулации има директно влијание врз порастот на насилство во општеството – од фемицид до врсничко насилство.
Затоа, се повика на зголемена свесност кај политичарите за последиците од јавно изречениот збор, на промена на личното однесување и на промоција на дискурс што вклучува почит и аргументираност. Само преку ваков пристап може да се обезбеди инклузивна и праведна јавна сфера, ослободена од реторика што продлабочува поделби и поттикнува насилство.
Истражувањето го спроведе ИКС со поддршка на британската амбасада во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.
Македонија
Гаши од Вашингтон: Северна Македонија останува лојален сојузник на НАТО и посветен партнер на САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој престојува во работна посета на Вашингтон, САД, денеска се обрати на Форумот за безбедност на тема „Инвестирање од 5% во одбраната и посветеноста кон партнерството со САД“. На настанот учествуваа светски лидери и претставници на Американскиот конгрес, при што се дискутираше за безбедноста и зајакнувањето на трансатлантската соработка.
Гаши кажа дека посветеноста на нашата земја кон НАТО е силна, водена од убедувањето дека ниту една нација не може сама да ја гарантира својата безбедност.

„Северна Македонија придонесува со дисциплина, стои покрај своите сојузници, ги исполнува преземените обврски и го докажува партнерството преку дела. Во време на глобална неизвесност, соработката во рамките на НАТО е поважна од кога било, особено за земји како нашата, во срцето на Балканот. Зајакнувањето на институциите, инвестициите во одбраната и заедничката интероперабилност се од суштинско значење за нашата колективна отпорност“, рече Гаши.
Тој додаде дека Македонија е лојален сојузник на НАТО и стабилен партнер на САД.
„Ние стоиме како лојален сојузник на НАТО и стабилен партнер на Соединетите Американски Држави. Како што има истакнато претседателот Џон Ф. Кенеди: „Им ветуваме лојалност на лојалните пријатели. Бидејќи обединети, има малку нешта што не можеме да ги направиме; поделени, има малку нешта што можеме да ги направиме.“ А децении подоцна, претседателот Џорџ В. Буш го потврди овој двопартиски принцип, потсетувајќи нè дека „за да го обновиме нашето единство, доволно е да се потсетиме на нашите вредности““, рече Гаши.
Во истиот дух, додаде тој, Северна Македонија ја избира одговорноста наместо двоумењето и единството наместо поделбите. „Ова е нашето ветување кон заедничките вредности, заедничката безбедност и силната Трансатлантска алијанса“, рече Гаши.
Македонија
Утре облачно време со температура до 14 степени, од недела заладување
Времето утре ќе биде облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Во југоисточните делови ќе има врнежи од дожд (над 20 l/m²), а на повисоките планини во северозападните делови врнежи од снег, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 7, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Следува период на променливо облачно до сабота и релативно топло време со повремени врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Во текот на ноќва во југоисточните делови ќе наврне над 20 l/m² , а во петок поинтензивни врнежи ќе има во крајните западни делови. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.
Од недела ќе настапи заладување и врнежи од снег се очекуваат на планините и во некои од повисоките места.

