Македонија
Прекин на сообраќајот во близина на браната „Калиманци“
Сообраќајот на патниот правец А3 Кочани – Македонска Каменица, на делницата од Истибања до браната „Калиманци“, кај местото наречено Ајдучки Камен, е целосно во прекин поради одрон, известува ЈП „Македонијапат“.
За лесните патнички возила сообраќајот се пренасочува преку регионалниот патен правец Р2345 Кочани – Виница – Бигла – Делчево.
Тешките товарни возила и автобуси се пренасочуваат преку регионалниот патен правец Р1304 Кочани – Виница – Берово – Делчево.
Екипите на ЈП „Македонијапат“ работат на расчистување на одронот и нормализирање на сообраќајот на овој патен правец.
На учесниците во сообраќајот им се препорачува внимателно управување со возилата и приспособување на брзината кон условите на патот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Европската Унија му донираше на ЈСП шест еколошки автобуси
Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) доби шест нови еколошки автобуси на компримиран природен гас, како донација од Европската унија (ЕУ).
Амбасадорот на Европската унија во земјава, Михаил Рокас, во Дирекцијата на ЈСП истакна дека донацијата е во рамки на проектот „ЕУ за чист воздух“, вреден 10 милиони евра, којшто се очекува да придонесе кон намалување на загадувањето, а ги опфаќа најмногу загадените градови во земјата, Скопје, Битола, Куманово и Тетово.
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска изрази надеж дека донацијата од Европската унија ќе ги мотивира советниците на Град Скопје да гласаат и за набавка на уште 250 еколошки автобуси.
Македонија
Авионска линија Прага – Скопје, партнерство со универзитети – иницијативи на Божиновска за поблиски односи со Чешка во бизнисот, образованието и енергетиката
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, одржа продуктивна средба со делегацијата на Комисијата за надворешни работи, Дом на пратеници од парламентот на Чешката Република, која престојува во официјална посета на Република Македонија.
На средбата се разговараше за унапредување на соработката во повеќе области од заемен интерес. Посебен акцент беше ставен на иницијативата на министерката Божиновска за воспоставување директна авионска линија Прага – Скопје, која би ја олеснила поврзаноста меѓу двете земји, поттикнувајќи ја соработката во трговијата, туризмот и бизнисот.
Дополнително, министерката ги потенцира можностите за проширување на соработката со чешки компании во областа на енергетиката, со акцент на вложувања во обновливи извори на енергија, модернизација на енергетската инфраструктура и воведување иновативни технологии.
Во текот на средбата беше разгледана и можноста за воспоставување партнерства помеѓу чешките универзитети и македонските образовни институции, со цел размена на знаења, заеднички истражувачки проекти и отворање на нови можности за студентите од двете земји.
Оваа средба претставува уште еден чекор во градењето посилни билатерални односи и продлабочување на пријателството меѓу Чешката Република и Македонија, велат од Министерството.
Македонија
Министерот Љутков и комесарот Токура: Преку меморандумот за соработка ги зближуваме македонската и јапонската култура
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска во Владата оствари билатерална средба со комесарот за културни врски на Јапонија, Шуничи Токура, кој е во дводневна работна посета на нашата држава. По средбата, Љутков и Токура потпишаа Меморандум за соработка во областа на културата, кој е прв билатерален документ во оваа сфера меѓу двете држави.
Во изјавата за медиумите, министерот Љутков посетата на јапонскиот комесар за култура ја оцени како историска, бидејќи, како што нагласи, сите наши заложби за продлабочување на блиските и пријателски односи со Јапонија, во оваа година кога се одбележува 30-годишнината од воспоставувањето на билатералните односи, се материјализираат со потпишувањето на Меморандумот за културна соработка.
Министерот за култура и туризам изрази очекување дека директната комуникација ќе овозможи реципрочни гостувања на ансамбли и репродуктивни уметници од музичко-сценската и театарската дејност, соработка меѓу музеите, галериите и уметничките центри, како и размена на искуства во управувањето на локалитетите кои се впишани на Листата на светското наследство на УНЕСКО, со оглед на тоа што Јапонија има впишано вкупно 26 локалитети.
Љутков ја нагласи можноста за соработка и во филмската дејност, имајќи го предвид фактот дека во Токио секоја година се одржува големиот филмски фестивал чиј еден од програмските директори е и Андријана Цветковиќ, на која ѝ упати благодарност за нејзиниот целокупен ангажман во реализацијата на оваа посета, но и за нејзиниот влог во градењето на односите меѓу двете држави, како прв резидентен амбасадор во Јапонија.
Упатувајќи благодарност за целокупната јапонска помош за нашата држава преку различни донации, грантови и проекти што го стимулираат нашиот економски, социјален и културен развој, министерот Љутков изрази уверување дека и во иднина ќе се реализираат уште многу иницијативи и проекти кои ќе ги унапредат нашите односи.
На средбата, министерот Љутков го запозна комесарот Токура и со претстојното претставување на нашата држава во рамките на EXPO OSAKA 2025 година, каде што во чест на одбележувањето на 60-годишнината од проектот на големиот Кензо Танге за реконструкција на централното подрачје на Скопје по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, во Јапонија ќе биде презентирана и изложбена поставка која ќе ги претстави особеностите на овој проект, а ќе има и други значајни програмски содржини, настапи на нашите реномирани уметници.
Јапонскиот комесар за културни врски, Токура, во изјавата за медиумите потенцираше дека потпишувањето на Меморандумот во година кога се одбележуваат три децении од воспоставувањето на билатералните односи меѓу двете земји претставува огромен поттик за развој на соработката која ги покрива сите сфери од културата и уметноста.