Македонија
Преку „Ковакс“ за Северна Македонија 103.200 вакцини против Ковид-19
Механизмот „Ковакс“ објави план за дистрибуција на вакцини за земјите во развој, според кој околу 800.000 дози, најмногу од „Астра зенека“, ќе бидат распределени на Балканот во првата половина од годината.
Србија ќе добие најмногу во регионот – 345.600 дози, БиХ – 180.000, Албанија – 141.600, Северна Македонија – 103.200, Косово – 100.800 и Црна Гора – 84.000.
Според oбјавата на „Ковакс“, сите дози вакцини што ќе пристигнат во Македонија ќе бидат од „Астра зенека“.

Кога станува збор за земјите во светот, Индија ќе добие најмногу – 97,2 милиони дози, Пакистан – 17,2 милиони, Нигерија – 16 милиони, Индонезија – 13,7 милиони, Бангладеш – 12,8 милиони, Бразил – 10,6 милиони, Кенија – 4,2 милиони, Судан – 3,4 милиони, Јемен – 2,3 милиона и Сирија – 1,02 милион.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уставниот суд веќе ја потврди законитоста на одлуките за вонредната состојба, му одговори Пендаровски на премиерот Мицкоски
Поранешниот претседател Стево Пендаровски му возврати на премиерот Христијан Мицкоски поради неговата изјава дека има основани сомнежи за уставноста и законитоста на одлуките за вонредна состојба што беа донесени во времето на пандемијата.
„Навистина мислев да не му давам значење на господинот Мицкоски, затоа што ја разбирам неговата потреба катастрофалните резултати од своето досегашно владеење да ги покрива со коментари за работи кои не ги разбира“, наведува Пендаровски во писмена реакција, додавајќи дека „за жал, на експертот за енергетика претходно не му ги објасниле неговите големи правници“.
Тој потсетува дека Уставниот суд уште пред повеќе од пет години потврдил дека одлуките за вонредната состојба се во склад со Уставот и законите.
„Уредбите со законска сила ги носеше и ги имплементираше Владата. Дали таму имало злоупотреби, тоа државните институции, кои сега се под тотална контрола на Мицкоски, можат да го проверат кога сакаат, ако сакаат“, додава поранешниот претседател.
Тој истакна и дека сите одлуки за прогласување на вонредна состојба биле доставени до Собранието веднаш по завршувањето на секоја вонредна состојба.
„Мене ми е јасно дека и ова образложение нема да го спречи Мицковски да продолжи неосновано да обвинува и клевети, затоа што тоа е, за жал, единствениот начин на кој е научен да владее“, заклучува Пендаровски.
Изјавата на Пендаровски следи по денешниот коментар на премиерот Мицкоски, кој го повика Обвинителството да постапи по допрен глас поради наводите на хирургот Жан Митрев дека во времето на вонредната состојба, тогашната власт, предводена од СДСМ, односно премиерот Зоран Заев и тогашниот министер Венко Филипче сакале да ја преземат неговата приватна клиника. Мицкоски во таа пригода посочи дека „се случувале мафијашки упади“ и дека некои од уредбите што биле носени сè уште не се разгледани од страна на Собранието, со што, според него, има сомнежи и за одговорност на поранешниот претседател Пендаровски.
Македонија
„Блаже Конески“ го почнува второто полугодие со нов лик – модерно училиште со 16 училници, библиотека, сала, кујна
Општина Аеродром денеска го пушти во употреба новоизградениот дел од ООУ „Блаже Конески“ во Мичурин. На свеченоста присуствуваа градоначалникот Дејан Митески, премиерот Христијан Мицкоски и министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
По 70 години, училиштето доби современ лик и услови за квалитетно образование. Новите училници, кабинети и заеднички простории обезбедуваат простор за развој на учениците и подобри услови за наставниците.


Проектот е капитална инвестиција на Општина Аеродром, реализирана со поддршка од Владата, вреден 200 милиони денари. Во новиот дел на училиштето се изградени 16 модерни училници и кабинети, библиотека, сала со бина, лифт, кујна и трпезарија, енергетски ефикасна фасада и целосно пристапни услови за сите ученици.
Втората фаза од овој проект веќе е започната и опфаќа изградба на спортска сала, 10 нови училници, кабинет за информатика, нова библиотека, просторен хол за активности и партерно уредување на дворот со игралишта, зеленило и нов паркинг, со вкупна вредност од 253 милиони денари.

Овој капитален проект ја потврдува посветеноста на Општина Аеродром кон развој на современо, безбедно и достапно образование за сите ученици.
Македонија
Мицкоски: Мафијашки упади во времето на вонредната состојба, случајот со Жан Митрев отвора прашања и за одлуките на Пендаровски
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека не е изненаден од тврдењата на хирургот Жан Митрев дека поранешниот министер за здравство Венко Филипче и поранешниот премиер Зоран Заев сакале да му ја преземат приватната клиника. Мицкоски оцени дека таквите „мафијашки упади“ се случувале токму во периодот на вонредната состојба и побара Обвинителството да постапи по допрен глас.
„Не сум изненаден, знаевме какви мафијашки упади се случуваа, особено кога се носеа вонредни состојби и со уредби на сила се надсинхронизираа законите и Уставот“, рече Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за сведоштвото на Митрев.
Тој посочи дека нема дополнителен коментар, но очекува Обвинителството да се произнесе: „Немам што да коментирам, претпоставувам би требало Обвинителството по допрен глас да коментира. Но тоа мене не ме изненадува.“
Мицкоски додаде дека има повеќе сведоштва за однесувањето на тогашната влада во периодот на вонредната состојба и укажа на уредбите со законска сила што тогашниот претседател Стево Пендаровски ги носел:
„Сè уште тие законски уредби и одлуки на Пендаровски Стево во тој период стојат непоминати во Собранието. Треба да видиме и Собранието да се произнесе во периодот што следи што со тоа, дали можеби има и одговорност тука од страна на поранешниот претседател Пендаровски Стево и пред законите и пред Уставот.“
Според Мицкоски, постојат основани сомневања дека дел од тие одлуки биле спротивни на Уставот и законите. „Ќе чекам да видам дали Обвинителството ќе постапува по допрен глас – истото што го чекаат сите граѓани во Македонија“, додаде премиерот.

