Македонија
Запленет над еден тон прекурзор, од кој требало да биде произведен амфетамин вреден над 50 милиони евра

На скопскиот аеродром запленет е над еден тон прекурзор, од кој требало да биде произведен амфетамин вреден над 50 милиони евра. Во полициската акција разбиена е меѓународна криминална група, а приведени се две лица.
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, соопшти дека станува збор за прекурзор за добивање амфетамински тип стимуланси, класифициран во прва категорија на националната листа на прекурзори.
„Прекурзорот бил набавен од страна на македонски државјани од лица од Кина, кој преку Турција пристигнал во Северна Македонија, со крајна дестинација во земји на Европската Унија, со цел понатамошно производство на синтетичка дрога амфетамин и метамфетамин“, соопшти Спасовски. Првичната процена е дека од набавената количина на прекурзорот требало да биде произведен амфетамин со вредност од над 50 милиони евра“, рече министерот.
Од Обвинителството соопштија дека во акцијата се запленети 40 пакувања хемиска материја во вкупна тежина од 1.105 килограми, а приведени се две лица како дел од меѓународна организирана криминална група. Предметниот обвинител донесе наредба за спроведување истражна постапка против двајцата осомничени.
Во текот на денешниот ден приведените лица ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка во Кривичниот суд. Ценејќи дека постојат околности што укажуваат на постоење опасност осомничените да се дадат во бегство, да се скријат, како и да ги уништат трагите од кривичното дело и да влијаат врз сведоци, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка ќе достави предлог за определување мерка притвор.
„Според лабораториските резултати добиени од примерок од пратката, станува збор за супстанција прекурзор 1 Phenyl – 2 Propanone, што според член 3 од Законот за прекурзорите спаѓа во прва категорија во согласност со ратификуваните меѓународни договори и меѓународните нормативи и стандарди, таа е на листата за прекузори објавена од Министерството за здравство, на која се наоѓаат сите недозволени хемиски материи, што се надвор од легитимниот промет. Оваа хемиска материја позната уште и како Phenylacetone и Benzyl Methyl Ketone BMK (P2P) претставува прв прекурзор за добивање амфетамински тип на стимуланс и се користи за илегално изработување амфетамин, метамфетамин и МДМА – таблети ‘екстази’“, велат од Обвинителството.
Акцијата е резултат на меѓународна соработка со цел да се откријат криминалната група и лицата што вршат недозволена трговија со дрога, како и сите аспекти поврзани со оваа криминална активност. Учествувале полициски службеници од Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал – Единица за недозволена трговија со дрога, во соработка и координација со Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Јавното обвинителство на Турција, царинските служби на Турција и Северна Македонија, како и СЕЛЕК (Центарот за спроведување на законите во Југоисточна Европа).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Обезбедени 13,7 милиони евра за заостанати обврски, започна модернизација на Армијата

ВМРО-ДПМНЕ обвини дека СДСМ за време на своето седумгодишно владеење не само што била неспособна да реализира големи проекти, туку и редовните обврски кон вработените во Армијата и Министерството за одбрана биле системски занемарени. Според партијата, СДСМ со години не исплаќала надоместоци предвидени со закон, што резултирало со бројни тужби.
Со преземањето на власта, ВМРО-ДПМНЕ обезбедила 13,7 милиони евра за исплата на заостанатите обврски, вклучително и регрес за годишен одмор. Ќе бидат наградени 436 војници кои се бореле со пожарите минатото лето. За модернизација на Армијата годинава се одвоени 106 милиони евра, што е за 18 милиони повеќе од лани. Донесен е и нов Закон за вработените во Министерството за одбрана со цел подобрување на нивниот статус и мотивираност.
Македонија
И денес температури до 40 степени, од среда заладување и ветер

Времето денес ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност. Во попладневните и вечерните часови ќе има локален развој на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи, наместа во форма на краткотрајно невреме со засилен ветер и изолирана појава на град, јавува УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 20, а максималната ќе достигне од 32 до 40 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло, попладне со мала до умерена нестабилна облачност. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 20, а максималната ќе достигне до 40 степени.
До вторник ќе се задржи многу топло време со дневна температура наместа и над 40°C. Локална појава на нестабилност ќе има и во првите два дена од следната седмица, кога ќе дува умерен, а во западните делови засилен ветер од југозападен правец. Во среда и четврток ќе дува засилен северен ветер, кој ќе предизвика значително опаѓање на дневната температура, а претежно во северните делови во среда ќе има локални врнежи од дожд.
Македонија
ЦУК: Пожарот во Самоков веднаш изгаснат, објектите на фабриката не беа во опасност

Пожарот во Самоков е локализиран и веднаш изгаснат. Во ниту еден момент немаше опасност од негово ширење кон објектите на фабриката Самоков, соопшти Центарот за управување со кризи.
Од РЦУК Македонски Брод претходно стигна информација дека е настанат пожар во населбата Самоков, во фабриката „Сувенир“, а опожарен е магацин со хемикалии. Во информацијата беше наведено дека електричната енергија во фабриката е исклучена.