Македонија
Претседателката на Советот на Општина Битола ќе се кандидира за градоначалничка

Актуелната претседателка на Советот на Општина Битола од независната граѓанска иницијатива „Поинаку“, Габриела Илиевска, утрово објави дека како независна ќе се кандидира за градоначалничка на Битола.
Таа ги повика граѓаните да се приклучат против, како што вели, 30-годишното запоставување на градот.
„Добро утро Битола! После сите шпекулации, написи, приказни, плукања, честитки … еве да расчистиме!
Ве повикувам сите битолчани, без разлика дали сте симпатизери или членови на било која политичка партија, гласачи досегашни на било која политичка опција, досегашни “негласачи” … сите… кои сакате да живееме во …поуба, почиста, непартиска, независна Битола. Да ме поддржите за независен , кандидат за градоначалник и да се приклучите кон фронт против 30 и кусур годишното запоставување на градот. Или сите заедно против партиското уништување на Битола или ќе му остајме да не уништуваат. Без уцени за работни места! Без уцени за тендери! Без уцени за директори! Без заплашувања, прв пат Битола ќе има шанса да одлучи кој ќе ја води во следните 4 години“, напиша Илиевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Над 60 илјади лица пријавени за вакцинација против сезонскиот грип – превентивни тимови ќе вакцинираат и во домашни услови за повозрасни и неподвижни лица и инвалиди

Министерството за здравство информира дека за вакцинација против сезонскиот грип се пријавени речиси 60 илјади граѓани, а досега се вакцинирани над 8 илјади лица.
„Вакцинацијата се спроведува на вкупно 35 вакцинални пункта во државата, од кои 5 се во Скопје. Сите заинтересирани граѓани може да се пријават преку апликацијата vakcinacija.mk или преку матичниот лекар.
Со бесплатната вакцинација се опфатени ризичните категории население, како што се: повозрасни лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од 6 месеци до 5 години, како и лицата сместени во установи за социјална заштита на стари лица и вработените во овие установи“.
Во организација на Министерството превентивни тимови од здравствени установи во државата почнаа со вакцинација против сезонскиот грип и во домашни услови на повозрасни и неподвижни лица, како и лица со попреченост, соопштија од таму.
Македонија
Минчев: Јавната администрација мора да биде место каде што луѓето растат, придонесуваат и се чувствуваат добро

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денеска се обрати на отворањето на националната програма за сертификација „Quintaum МАЦЕКС 2025/2026“, организирана од Македонската асоцијација за искуство на клиенти и вработени – МАЦЕКС, во партнерство со Вита Институт и глобалната методологија Quintaum.
Настанот ги обедини претставниците на јавниот и приватниот сектор, академската заедница и граѓанското општество, а присуствуваше и амбасадорот на Република Словенија, Грегор Прескер.
Минчев нагласи дека Министерството за јавна администрација ќе биде првата институција од јавниот сектор која се приклучува на оваа програма, како јасен сигнал дека промените во администрацијата започнуваат одвнатре, преку слушање на гласот на вработените и мерење на нивното вистинско искуство.
„Горди сме што токму Министерството за јавна администрација ќе биде првата институција која се приклучува на програмата „Quintaum МАЦЕКС“.
Со тоа покажуваме дека реформите не се само законски измени, туку и нов начин на размислување – администрација што ги слуша своите луѓе, ги вреднува нивните искуства и гради култура на припадност и мотивација,“ изјави министерот.
Тој се осврна и на соработката со Република Словенија, истакнувајќи дека токму ова партнерство претставува силен поттик за развој на современи политики во управувањето со човечки ресурси и организациска култура.
„Со Словенија воспоставивме вистинско партнерство – преку Меморандумот за соработка меѓу двете министерства, а дополнително со учеството на Амбасадата на Република Словенија во програмата, отвораме ново поглавје на размена на знаења, искуства и добри практики.
Тоа е најдобриот доказ дека оваа иницијатива има европска димензија и кредибилитет“, нагласи тој.
Програмата „Quintaum МАЦЕКС 2025/2026“ претставува иновативен пристап за мерење и подобрување на искуството на вработените во јавниот и приватниот сектор, со цел создавање на повеќе мотивирана, посилна и човечка администрација.
Во своето обраќање, Минчев порача дека јавната администрација не е изолирана структура, туку жива организација што се развива со луѓето и за луѓето.
„Нашата цел е да изградиме јавен сектор што инспирира, а не само функционира. Сектор што е силен, човечки и достоен за довербата на граѓаните“, додаде Минчев.
Министерството за јавна администрација останува двигател на реформите во јавниот сектор, насочени кон градење современа, мотивирана и европска администрација која работи за доброто на граѓаните, додаваат од таму.
Македонија
УЈП со повик: Поднесете ги ДДВ-04 пријавите и платете го даночниот долг

Управата за јавни приходи упатува повик до сите даночни обврзници: поднесете ги ДДВ-04 пријавите и платете го даночниот долг за изминатиот даночен период навреме и одговорно.
„Поради скратената работна недела, даночните обврзници располагаат со пократок рок за навремена подготовка и поднесување на даночните пријави и плаќање на даночниот долг. Законскиот рок за поднесување и плаќање на ДДВ-04 пријавите е 25 октомври (сабота), а бидејќи е неработен ден, тој се поместува за првиот нареден работен ден – понеделник, 27 октомври 2025 година. Во овој период се поднесуваат месечни и тримесечни ДДВ-04 пријави, па во таа насока апелираме до даночните обврзници обврските да се исполнат навремено и да не го чекаат последниот ден од законски утврдениот рок со цел да се избегне преоптоварување на системот и можни технички пречки во последен момент“, велат од УЈП.
Од таму напоменуваат дека поднесувањето на пријавата, без истовремено плаќање на долгот, не ги исполнува законските обврски.
„Само со целосно точно и навремено поднесување на пријавата и плаќање на обврските се избегнуваат дополнителни камати, санкции и непотребен стрес. Навременото исполнување на даночните обврски не само што придонесува за финансиска стабилност на деловните субјекти туку и за правилно усогласување со даночните прописи, што е од клучно значење за стабилноста и ефикасноста на даночниот систем. Дејствувајте одговорно и исполнете ги обврските навреме за да придонесете кон стабилна и функционална даночна практика“, велат од УЈП.