Македонија
Претседателката Силјановска-Давкова во посета на Центарот за обука на вода во Охрид
Претседателката Гордана Силјановска-Давкова, во придружба на началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, денеска ги посети припадниците на Армијата од Баталјонот на специјални сили, кои изведуваат обука во Центарот за обука на вода во Охрид.
Во рамки на посетата, претседателката Силјановска-Давкова беше брифирана за капацитетите на Баталјонот на специјални сили, како и за обученоста и способностите на припадниците на единицата презентирани преку показни вежби за изведување на операции на вода и приказ на боречки вештини.

Припадниците од Баталјонот на специјални сили, преку методско-показна вежба прикажаа постапки кои се дел од специјални операции во ситуација на заложничка криза на пловен објект, а во вежбата беше вклучен и хеликоптер МИ-8/17 од воздухопловниот ВИНГ на Армијата. Припадниците на единицата „Волци“ изведоа кратка показна вежба, на која презентираа дел од боречките вештини.

Претседателката упати честитки за успешно реализираните вежби, посочувајќи дека високиот степен на обученост за извршување на сложени задачи, што денеска гo демонстрираа припадниците на Баталјонот на специјални сили, како и оспособеноста во боречките вештини, ја потврдува професионалноста, посветеноста и исполнителноста на нашата армија, којашто достојно и дисциплинирано ги исполнува задачите согласно НАТО стандардите. Таа посочи дека ова е уште еден доказ зошто Армијата има заслужено високи оценки и ужива најголема доверба кај граѓаните.

Во таа насока, претседателката Силјановска-Давкова порача дека во Армијата, како столб на националната и колективната безбедност, е неопходно да продолжиме да вложуваме во натамошна модернизација и во едукација на армиските припадници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Над 19.000 сообраќајни прекршоци во февруари регистрирани преку „Безбеден град“
Во периодот од 1 до 28 февруари од страна на системот „Безбеден град“ на подрачјата на градовите и Коридорите каде се поставени камери, регистрирани се вкупно 19.066 прекршоци.
Од вкупниот број на регистрирани прекршоци најголемиот број се за управување на возило со брзина поголема од дозволената 18.172, потоа за минување на затворен сигнал (црвено светло) 220 прекршоци, а за управување со возило со измината важност на сообраќајната дозвола констатирани се 674 прекршоци.
Исто така, изречени се вкупно 653 мерки „забрана за управување со возило“, од кои 220 се за „минување на црвено светло“, а 433 се за „брзо возење“.
Гледано по седмици, најголем број на прекршоци се регистрирани во периодот од 02 до 08 февруари-4.991, а најмал во периодот од 09 до 15 февруари – 4.490, додека по денови најмногу на 28 февруари, а најмалку на 11 февруари – 377. Изминатиот месец дневниот просек изнесува 706 прекршоци.
Најголем дел од прекршоците се регистрирани на подрачје на град Скопје-12.073 или 63,3% од вкупниот број на регистрирани прекршоци. Значаен дел од прекршоците се регистрирани и на патните правци долж Коридорите 8 и 10-вкупно 5.702, а најмал број на подрачјето на СВР Тетово – 370 и останати локации-17 прекршоци.
МВР апелира до сите учесници во сообраќајот да се почитуваат сообраќајните правила и прописи за заеднички придонес за посигурни и побезбедни патишта.
Македонија
Интеграциите во ЕУ и управувањето со отпад во фокусот на средбата меѓу Хоџа и чешкиот амбасадор
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска се сретна со амбасадорот на Република Чешка во Република Северна Македонија, Јарослав Лудва. На средбата беше потврдена одличната билатерална соработка и пријателските односи меѓу двете земји, со акцент на можностите за нивно понатамошно продлабочување.
Министерот Хоџа изрази благодарност за континуираната поддршка што Чешката Република ѝ ја дава на Северна Македонија во процесот на пристапување кон Европската Унија, истакнувајќи ја и активната улога на чешката амбасада во Скопје во унапредувањето на соработката во областа на животната средина.
Во тој контекст, на средбата беше направен осврт и на заклучоците од последната седница на Мешовитата комисија за економска соработка, одржана во март 2025 година во Прага, како и на остварените контакти меѓу ресорните министерства. Се разговараше за квалитетот на воздухот, контролата на индустриското загадување и современите практики во управувањето со отпад, вклучително и искуствата од посетата на центарот за управување со отпад на градот Прага.
Македонија
„Визер“ привремено ги прекинува летовите кон повеќе дестинации на Блискиот Исток
Авиокомпанијата „Визер“ соопшти дека поради неодамнешната ескалација на безбедносната состојба во Иран ги суспендира сите летови кон и од Израел, Дубаи, Абу Даби, Аман и Саудиска Арабија, заклучно со 7 март.
Од компанијата информираат дека континуирано ја следат состојбата и се во постојан контакт со локалните и меѓународните власти, агенциите за безбедност во воздухопловството и други релевантни институции. Во зависност од развојот на ситуацијата, можно е да бидат донесени дополнителни оперативни одлуки и да дојде до измени во распоредот на летови.
„Визер“ наведува дека ќе ги информира патниците за сите очекувани промени што е можно поскоро. Патниците кои направиле резервација преку трети страни треба да се обратат директно до нив за дополнителни информации.
Од компанијата нагласуваат дека безбедноста и сигурноста на патниците, екипажот и авионите останува нивен највисок приоритет. Патниците со засегнати резервации ќе бидат директно контактирани со информации за достапните опции.

