Македонија
„Пробив кон глобална алијанса“ – поранешниот министер Еленовски напиша книга за НАТО
Светот стои на раскрсница – и НАТО исто така. Црпејќи од своето повеќедецениско искуство во дипломатијата, безбедноста и меѓународните односи, некогашниот министер за одбрана, амбасадор на Македонија во Белгија и Луксембург и специјален претставник на нашата држава во НАТО, Лазар Еленовски, ја напиша новата книга „Пробив кон глобална алијанса: Непознатите познати на НАТО“.
Книгата, која е во издание на „Арс ламина“, беше промовирана вчеравечер (18 септември), во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“. Модератор на настанот беше Сеад Ризвановиќ.
Во годината на два битни лични јубилеја, 75 години од формирањето на НАТО и 30 години од атлантскиот пат на Еленовски, оваа книга претставува негов придонес кон непознатата иднина на атлантската идеја и организација.
„Книгата е мој личен придонес кон нешто кон што сум бил посветен три децении. Иако идејата за самата книга е стара четири-пет години кога почнав да ги формулирам идејата и концептот за книгата, чувствував личен долг и, ако може да кажам, морална одговорност да образложам концепт со кој досега успешната безбедносна алијанса на западниот свет ќе продолжи да го дава својот придонес кон светскиот мир и стабилноста и ќе ги избегне историските стапици и предизвици, кои би можеле да ја загрозат нејзината релевантност, а кое е нешто со кое се соочува секој општествен феномен или творба“, истакна Еленовски.
Во книгата авторот праќа силно предупредување: без смела трансформација, најуспешната безбедносна алијанса во модерната историја ризикува да стане реликвија од минатото. Со новите закани, кои произлегуваат од рапидниот развој на технолошкиот свет и растечките геополитички ривалства, доведен е во прашање опстанокот на демократскиот поредок. Па оттаму, во книгата, со итност и јасност се разработуваат натамошните активности што НАТО треба да ги преземе како глобална сила за да може да придонесе на човештвото низ бурните непознати на 21 век.
Во книгата Еленовски ги истражува успесите на НАТО, внатрешните контрадикции и занемарените предизвици – непознатите познати, кои се закануваат на неговата релевантност.
„Терминот непознатите познати подразбира работи за кои не сме свесни дека ги знаеме, односно не знаеме дека ги знаеме. Тоа е своевиден парадокс, но впрочем сведоци сме самите дека самиот живот е полн со парадокси. За таков парадокс и зборувам во книгата кога ги анализирав НАТО и неговите трансформации, особено од крајот на Студената војна до денес, неговите главни лостови, како што се САД и европските сојузници, нивните главни геополитички конкуренти, како што се Кина и Русија, но и преостанатите нормали или стандарди на денешната светска безбедносна реалност“, објасни тој.
Со оваа книга намерата на авторот е да ја доближи македонската публика до реалностите, кои ги продуцираат современите безбедносни, надворешнополитички и геополитички трендови.
„Како и насекаде во светот, и кај нас доминираат митови за одредени состојби, што со јазикот на книгата значи дека претставуваат за нас непознати познати. Затоа подобро е ако се видат работите во вистинско светло за потоа и реакцијата да биде соодветна или продуктивна за самата држава. Историскиот пат на Македонија од нејзиното осамостојување, за жал, покажува дека ние почесто не знаеме како да реагираме пред меѓународните предизвици, особено големите, и реагираме несоодветно, недоволно или погрешно. На тој начин уште повеќе ја отежнуваме сопствената состојба и го загрозуваме процесот во кој се наоѓаме“, рече тој.
Книгата веќе излезе и на англиски јазик и може да се најде на „Амазон“. Со тоа ова делото ќе има многу поширок меѓународен опсег.
„Се надевам дека книгата ќе биде едукативно четиво за современите безбедносни и за геополитички трендови и дека особено ќе им послужи на новите генерации, кои уште поподготвено ќе треба да се соочат со овие големи промени и предизвици што доаѓаат“, истакна тој.
Лазар Еленовски има посветено многу години на одбраната, дипломатијата, политиката и на граѓанскиот ангажман играјќи значајна улога во унапредувањето на реформите во безбедносниот и воп одбранбениот сектор на Македонија, како и во поттикнувањето на регионалната соработка и интеграција. Тој е еден од пионерите на атлантизмот во Македонија од средината на 90-тите години и беше лидер на националното атлантско движење во текот на 2000-тите. Исто така, тој беше потпретседател на меѓународната атлантска асоцијација од 2011 до 2014 година. Еленовски беше министер за одбрана од 2006 до 2008 година, а амбасадор на Македонија во Белгија и Луксембург од 2012 до 2016 година. Во периодот од 2018 до 2020 година тој беше специјален претставник на владата на Северна Македонија во НАТО. Книгата е достапна во сите поголеми книжарници и онлајн преку www.literatura.mk.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

