Македонија
Промовирани новите црвени таблички на службените возила: „Се става крај за нивна злоупотреба во приватни цели“

Службата за општи и заеднички работи – СОЗР ја почна официјалната примена на новите, специјални службени регистарски таблички, со што, како што велат од таму, се става крај на можноста за нивна злоупотреба за приватни и за партиски цели.
Промоцијата на новите таблички се одржа на паркингот кај Спортскиот центар „Борис Трајковски“, а на на настанот присуствуваа Ивица Томовски, директор на Службата за општи и заеднички работи, и Александар Јанев, директор на Бирото за јавна безбедност.
Директорот на СОЗР, Томовски, нагласи дека оваа иницијатива е реализирана по насока на премиерот Христијан Мицкоски, со цел воспоставување транспарентност и дисциплина во користењето на државните возила.
„Пред неполна година формиравме работна група во рамките на Владата и почнавме постапка за брендирање, односно замена на сите таблички на службените возила во државата. Долго време слушавме дека ќе се спречат злоупотребите, но тоа не се реализира. Сега тоа го покажуваме на дело. Им дадовме насоки и препорака на сите институции да почнат со промена на табличките и ова денеска претставува втор повик за тоа – до 15 септември да бидат брендирани сите возила. Доколку тоа не се направи, рокот се продолжува до 29 септември, до почетокот на кампањата за локалнитe избори. Во спротивно, при следната регистрација институциите задолжително ќе ги добијат овие таблички“, изјави Томовски.
Тој посочи дека државата моментно располага со речиси 7.000-7.500 вакви возила, но сѐ уште нема целосен регистар за нивна евиденција, што дополнително ќе биде регулирано во следниот период. Томовски напомена дека тоа како обврска го презема Министерството за внатрешни работи заклучно со 31 декември оваа година да го изготви овој регистар и, конечно, да имаме јасна слика за тоа со какви возила располага државата.
Директорот на Управата за јавна безбедност, Александар Јанев, исто така ја поздрави одлуката и го истакна нејзиното значење во контекст на меѓународните препораки и европските стандарди.
„По 34 години независност и по многуте забелешки содржани во извештаите на ОБСЕ и ОДИХР, кои беа давани за време на претходните избори, како институција задолжена за јавната безбедност целосно ја поздравуваме оваа мерка и ја имплементираме без исклучок. Воведувањето единствени службени таблички претставува важен чекор во насока на транспарентност, отчетност и професионално управување со јавните ресурси. Ова не е само техничка промена, туку суштинска реформа, која ја зајакнува довербата на граѓаните, ја потврдува одговорноста на државата и го усогласува нашето функционирање со најдобрите меѓународни практики. Убеден сум дека ваквиот пристап ќе придонесе за зголемување на институционалниот интегритет и за поефикасна контрола врз користењето на службените возила“, изјави Јанев.
Со воведувањето на новите службени таблички институциите добиваат јасна обврска за правилно и транспарентно користење на државните возила, со што, како што велат од СОЗР, се зајакнува довербата на граѓаните и се обезбедува одговорно управување со јавните ресурси.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.