Македонија
„Протест против организираните убиства на Онкологија“, вечерва собир во 18 часот пред Владата
На социјалните мрежи од вчера се шири повик за протест поради случувањата на Клиниката за онкологија по објавите на неделникот „Фокус“ дека на пациентите им биле давани физиолошки раствори, а скапите лекови против канцерогените заболувања завршувале на црниот пазар.
Протестот закажан за 18 часот пред Владата ќе продолжи пред Министерството за здравство, каде што, како што се најавува во објавата, ќе повикаат на оставка и одговорност од сите министри за здравство.
„Бруталноста на власта секој ден носи нови жртви, а овој пат жртви се пациентите на Клиниката за онкологија, кои со месеци во животозагрозувачка состојба чекаа лекови, а тие завршуваа на црниот пазар во Косово. Се работи за организиран криминал, каде што се инволвирани највисоки функционери на власта и тоа трае со години. Скандалот со кражбата на лекови на Онкологија не смее да помине неказнето и повторно само кабелот да биде виновен!“, стои во објавениот повик на социјалните мрежи.
Организаторите на протестот, кои не се посочени во објавата, велат дека нема да прифатат одговорност само од најнискиот ешалон на Клиниката, туку дека ќе бараат кривична одговорност за владините функционери.
„Бараме одговорност од министрите Венко Филипче, Беким Сали и Фатмир Меџити. Бараме одговорност од заменик-министрите за здравство Илир Хасани и Маја Манолева. Бараме одговорност од поранешната директорка на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Ирина Сотирова-Бухова, и од актуелната директорка Рената Младеновска“, стои во објавата.
За случувањата на Онкологија зборуваше и премиерот Димитар Ковачевски. Тој од лично име и од име на Владата даде целосна поддршка на акцијата на Министерството за внатрешни работи и на Обвинителството од кои очекува да ги идентификуваат оние кои правеле криминал на Клиниката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температура до 25 степени
Времето утрово е студено со појава на магла по одделни котлини и речни долини. Преку денот, ќе биде сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 18 до 25 степени.
Во Скопје минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 23 степени, јавува УХМР.
Во наредните денови продолжува периодот на стабилно и претежно тивко време со студени утра и температури кои наместа ќе се спуштаат под нула степени. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла или ниска облачност. Дневната температура ќе биде без значителни промени.
Македонија
Не е за пиење водата во тетовските села Мерово, Луковица и Седларево, како и во прилепското село Ропотово
Регионалниот центар за управување со кризи Тетово, извести дека од Центарот за јавно здравје ЈЗУ – Тетово добиле информација дека испитаните примероци на вода за пиење од селата Мерово, Луковица и Седларево (Општина Желино) не одговара на законските и стручни прописи за бактериолошка анализа.
„Потребно е да се врши редовна дезинфекција на водата за да може да се употребува за пиење“, велат од ЦУК.
РЦУК Битола, информира дека од Центар за јавно здравје ЈЗУ – Прилеп е докажана здравствена микробиолошка неисправност на водата за пиење од регионалниот водовод (Општина Долнени) во с. Ропотово и во основното училиште на с. Ропотово.
Македонија
Се’ уште забранета водата за пиење во Струмица
Изречената забрана за пиење на водата од струмичкиот водоснабдителен систем останува на сила, соопшти Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) по резулатите од анализираните мостри земени на 18 октомври годинава во рамки на спроведениот вонреден инспекциски надзор во водоснабдителниот објект – фабрика за вода на ЈКП „Комуналец” Струмица.
Од АХВ информираа дека кај сите мостри претходно зголеменото ниво на манган е во рамки на дозволените вредности, но микробиолошки, четири од земените мостри не ги исполнуваат безбедносните критериуми поради детектирано зголемено присуство на колиформни бактерии во водата.
Целта на контролата беше увид во досегашните активности спроведени од страна на ЈКПД Комуналец од Струмица во однос на спроведувањето добра производствена и добра хигиенска пракса, како и други технички зафати во водоснабдителниот систем.
Во рамки на надзорот, земени се 6 мостри за анализа на водата од водоводната мрежа на ЈПКД Комуналец Струмица и тоа: една мостра од сирова вода која доаѓа од браната, сирова вода од чешма во фабриката, втора мостра на хлорирана/третирана вода за пиење од чешма во фабриката за вода, три мостри вода за пиење од мерните места одредени од ЈПКД Комуналец во нивниот мониторинг план за земање мостри вода за анализа и една мостра вода за пиење земена по случаен избор на инспекторот од водоводната мрежа на ЈПКД Комуналец.