Македонија
Проштална средба на Османи со Жбогар: „„Имавме историски успеси за европските интеграции“
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, одржа проштална средба со шефот на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија амбасадорот Самуел Жбогар.
На средбата министерот Османи упати искрена благодарност и врачена плакета-благодарница за неуморниот ангажман и личниот влог на амбасадорот Жбогар во придвижувањето на ЕУ-досието на Северна Македонија напред, што беше крунисано оваа година со донесување на одлуката за почеток на преговорите и очекуваното одржување на Првата меѓувладина конференција до крајот на годината, со која ќе се одбележи конкретниот почеток на преговарачкиот процес.
„Имавме историски успеси изминативе три години за нашите европски интеграции. Во нашата колективна меморија ќе останете запаметени како искрен пријател и посветен поддржувач на земјава при нејзиниот напредок на ЕУ интегративниот пат“, посочи Османи, посочувајќи дека Република Северна Македонија посветено продолжува напред и со нетрпение очекува да почне да работи на конкретните ЕУ преговарачки досиеја.
„Со цел унапредување на владеењето на правото, правната држава и животните услови и стандарди на граѓаните, сите административни капацитети се ставени во функција на спроведување на реформите со ЕУ предзнак и се надеваме дека во Европската Унија ќе продолжиме да имаме искрен и посветен партнер за исполнување на критериумите за членство“, истакна Османи.
Двајцата соговорници се согласија дека политиката на ЕУ за проширувањето и можноста низ процес на усогласување да се прифатат ЕУ-стандардите е од исклучителна важност за земјите од регионот на Западен Балкан, придонесува за одржување на нивната стабилност и економски развој. Република Северна Македонија во изминатиот период се покажа како доследен партнер и во иднина може да даде свој достоен позитивен придонес во политиките и функционирањето на ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Проштална средба на Гаши со американската амбасадорка Агелер
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Ангела Агелер.
На средбата, претседателот Гаши изрази благодарност за нејзината лична посветеност, професионален пристап и поддршка на демократските процеси во државата. Посебно беше нагласена нејзината улога во јакнењето на институционалната соработка, градењето доверба и унапредувањето на дијалогот со Собранието.
Претседателот Гаши упати благодарност и до Амбасадата на САД за континуираната и силна поддршка на Република Северна Македонија во зајакнувањето на демократските институции, владеењето на правото, стабилноста и евроатлантската ориентација на земјата. Во тој контекст, беше нагласена и благодарноста до Соединетите Американски Држави како стратешки партнер и сојузник.
Претседателот Гаши нагласи дека придонесот на амбасадорката Агелер и на САД оставил видлива и позитивна трага во развојот на демократските и современите процеси во државата. Тој, исто така, изрази уверување дека пријателските односи и соработката ќе продолжат и во иднина.
Македонија
Утре без вода дел од Центар
Утре без вода ќе останат дел од корисниците од Општина Центар.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) поради поврзување на водоводна и хидрантска мрежа за стариот објект на Комерцијална Банка на плоштад Пресвета Богородица бр. 3 од страна на фирмата Бауер БГ, во периодот од 08.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат објектите на МНТ, Музичкото Училиште, Министерството за Транспорт и Врски, како и Управата за издавање на матични книги“, информира РЦУК – Скопје.
Македонија
Отворена нова подрачна канцеларија на Агенцијата за катастар во Општина Ново Село
Агенцијата за катастар на недвижности отвори нова подрачна канцеларија во Општина Ново Село.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, денес заедно со градоначалникот на Општина Ново Село официјално ја отворија новата подрачна канцеларија на Агенцијата.
Со отворањето на оваа канцеларија, повеќе од 10.000 жители на Општина Ново Село и околните населени места од денес ќе можат побрзо и поедноставно да ги остварат своите катастарски права и обврски, без потреба од патување до Струмица.
Директорот на Агенцијата, Иван Живковски, при посетата на новата канцеларија истакна дека ова е дел од поширокиот процес на реорганизација и системско приближување на институцијата до граѓаните, со цел обезбедување подостапни, поефикасни и поквалитетни услуги.

