Македонија
Птица остави делови од Битола без струја

Денеска, во раните утрински часови дојде до испад во ТС „Битола 2“ инициран од птица што прелетала во делот на 110 kV собирница, при што дошло до прескок со еден од порталите на истата собирница, соопшти МЕПСО.
Испадот предизвика прекин во напојувањето со електрична енергија во траење од половина час, но со навремена реакција на вработените во Подружницата ОПМ (вработените во одделот ТС, одделот ТКОИ, одделот Релејна заштита и одделот ДВ), како што велат од МЕСПО, сè беше вратено во првобитната состојба, а снабдувањето со електрична енергија е нормализирано и се одвива непречено.
„Штетите врз опремата од денешниот испад се незначителни поради фактот што АД МЕПСО – Скопје располага со кадар кој е еден од најдобрите во регионот и ваквите брзи и навремени интервенции се дел од нашата секојдневна работа“, велат од МЕПСО.
Случаи од ваков тип, птица да предизвика испад во напојувањето, се исклучително ретки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Герасимовски: Со градинката Пролет поставивме нови стандарди за детска грижа во Центар

Градоначалникот Горан Герасимовски потенцира дека е пресреќен што во еден мандат, во рок од три години е отпочнат и завршен проектот за изградба на новата градинка во населбата Пролет, што е редок пример во државата.
„Ако разгледате и направите увид и истражување во поголем дел од општините, ќе видите дека многу споро оди делот на реализација на ваков тип на проекти. Искрено сум среќен што успеавме за три години да го реализираме проектот и да ја направиме најубавата и најмодерната градинка не во Скопје, туку и на територија на цела држава. Градинката Пролет е гордоста на родителите, со оваа изградба поставивме нов стандард за детска грижа во Центар“, вели Герасимовски.
Градинката Пролет згрижува 173 дечиња во 9 занимални, на површина од 3.276 метри квадратни. Нејзината изградба почна во 2022 година во мандатот на градоначалникот Герасимовски и истата е целосно финансирана од Општина Центар во висина околу три милиони евра, без задолжување.
Македонија
Уапсен убиецот кој вчера пукаше во Штип

Основното јавно обвинителство Штип е известено од МВР дека лицето по кое се трагаше во врска со вчерашниот оружен инцидент е уапсено, информира ЈОРМ.
Пронајдено е и оружјето. Во текот на денот ќе следи постапка.
25-годишен странски државјанин е убиен синоќа во угостителскиот објект „Вами“ на Градскиот плоштад во Штип. Во Клиничката болница во Штип тој е донесен со неколку прострелни рани, каде што во 22.10 часот починал.
Македонија
„Пукање во кафич во Штип додека ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ туркаат закон за либерализација на трговијата со оружје“, велат од партијата Левица

„Вчерашните страшни сцени со пукање во кафич во центарот на Штип дополнително ја вознемири јавноста, додека премиерот Мицкоски и министерот Тошковски на партиски настани говорат дека народот никогаш не бил побезбеден. Можеби владејачката елита се чувствува безбедно на нивните скапи патувања, додека граѓаните стравуваат од престрелки на јавни места, каде има висока френквенција на родители со деца“, велат од партијата Левица.
„Премиерот Мицкоски додека дели благодарници на неговиот поранешен личен адвокат, а сега министер за внатрешни работи, Македонија колабира на безбедносно поле.
Партијата Левица обелоденува уште еден скандалозен чекор на екстремно неспособната владејачка гарнитура – имено, до Собранието е доставен предлог од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ за измени на Законот за оружје по скратена постапка, со кои дополнително се либерализира трговијата со оружје!
Со скандалозните измени се предвидува физичко лице да набавува до 500 куршуми годишно, со што драстично се подигнува сегашната граница од 200 куршуми годишно по физичко лице.
Дополнително, се овозможува физичко лице да врши неограничена набавка за сите видови оружје во Б и Ц категорија, наместо постоечките ограничувања кои се однесуваат само на набавка на пневматско оружје и нежлебени цевки.
Додека министерот Тошковски молчи за тендерите доделени на фирмата „Дон Холдинг” и манипулира со фактите на интервјуа во провладини медиуми – власта сака да протне законски измени кои се директен напад по јавната безбедност!
Партијата Левица јавно го прашува премиерот Мицкоски, кој очигледно продолжува да го штити катастрофалното работење на министерот за внатрешни работи: Дали паралелно се формира нова компанија за трговија со оружје (блиска до власта) која најмногу ќе има корист од либерализацијата на продажбата?!
Ја повикуваме и експертската јавност да се одважи за најавените измени за трговијата со оружје, со цел да се спречи носење на уште еден штетен закон кој дополнително ќе ја загрози и онака кревката безбедност“, се наведува во соопштението на партијата Левица.