Македонија
Пуштена во употреба нова детска градинка во општина Илинден
Градоначалникот на Општина Илинден, Жика Стојановски и министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска ја пуштија во употреба новоизградената детска градинка во населено место Миладиновци, која е клон на ЈОУДГ „Гоце Делчев”.
Вкупната инвестиција за реализација на овој капитален проект којшто општина Илинден го реализира во соработка со Министерството за труд и социјална политика изнесува 33 милиони денари, од кои од буџетот на општина Илинден се обезбедени 27 милиони денари за фазите: архитектура, изградба на новиот објект и обезбедување на комплетна инфраструктура, хортикултурно и партерно уредување како и асфалтирање на паркинг просторот пред градинката.
За опремување на занималните, просториите и кујната во детската градинката, како и поставување на машинска опрема за греење и ладење на објектот, Министерството за труд и социјалана политика обезбеди средства во висина од 6 милиони денари.
Поздравувајќи ги присутните и посакувајќи им успешна работа на вработените, министерката Јагода Шахпаска истакна дека предучилишното образование претставува темел врз кој младата детска личноаст се гради во иден ученик во основно, средно училиште, во академски граѓанин. Затоа, ни е важно секое дете, истакна министерката.
Градоначалникот на општина Илинден, Жика Стојановски, за време на отворањето на градинката истакна дека локалната самоуправа е истрајна во намерата да им обезбеди на најмладите граѓани најдобри можни услови за раст и развој и да обезбеди среќно детство. Затоа, како што кажа тој, Општината одлучи сите свои расположливи средства да ги насочи кон решавање на проблемот со недостаток на капацитет на постојниот објект на детската градинка „Гоце Делчев“ во Илинден.
Градинката е високо енергетски ефикасен објект во кој е инсталиран систем за греење и ладење со топлински пумпи кој ги задоволува највисоките стандарди. Објектот на новата градинка се простира на површина од 540 м2, располага со 4 занимални и има капацитет да згрижи 90 деца. Во насока на почитување на протоколите во овој период градинката ќе згрижува 75 деца.
Во три занимални ќе бидат згрижени деца на возраст од 2 до 6 години додека во една занимална ќе бидат згрижени најмалите дечиња на возраст од 9 месеци до 2 години што значи воведување на јасли. Со новоизградената градинка ќе се овозможи ослободување на просторни капацитети во постоечката детска градинка „Гоце Делчев“ во Илинден, која е со капацитет за згрижување на 450 деца на возраст од 2 до 6 години, такашто се создадени услови за згрижување на деца од јаслена возраст и во оваа градинка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Герасимовски: Реконструкција на улицата ,,Светозар Марковиќ”, нов асфалт, тротоари и канализација
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, изврши увид во активностите за реконструкција на улицата „Светозар Марковиќ“ во населбата Ново Маало.
Реконструкцијата на улицата опфаќа површина од 1.310 м² и должина од 210 метри. Во моментот на терен се поставува нов асфалт.
„Во Центар се реализираат конкретни проекти, со стандарди што граѓаните ги заслужуваат. Секоја уредена улица е чекор поблиску кон поразвиена и побезбедна општина. Реконструкцијата на улицата ,,Светозар Марковиќ„ ќе овозможи полесно движење за граѓаните и безбеден сообраќај, воедно ќе придонесе за поуреден изглед на населбата“, посочи Герасимовски.
Реконструкцијата предвидува проширување на улицата, нови рабници и тротоари, ново улично осветлување и поставување атмосферска и фекална канализација.
„Во Општина Центар активно се работи на подобрување на инфраструктурата.Во тек е реконструкција на улицата „Мирослав Крлежа“ во Дебар Маало, а наскоро ќе а започнат градежните работи за реконструирање на вториот дел од улицата „Ленинова“
Македонија
Што ќе рече генералниот секретар на НАТО Марк Руте за Адамовиќ, Стоиљковиќ и врските со Русија, прашуваат од СДСМ
Со своите државнички политики СДСМ ја внесе Македонија во НАТО, преку една од најбрзите пристапни постапки во историјата на Алијансата – за помалку од две години. Со тоа обезбедивме трајна безбедност и сигурност за државата и граѓаните, истакнуваат од опозициската партија.
„Благодарение на таа посветеност и сериозна политика што ја води СДСМ, денес во овие тешки времиња што го погодија светот, граѓаните на Македонија се помирни, побезбедни и побезгрижни.
Генералениот секретар на НАТО, Марк Руте, денеска доаѓа во посета на Македонија.
Прашањето е што ќе рече генералниот секретар на НАТО за назначувањето на почесниот конзул Душан Адамовиќ и за најблискиот соработник на Мицкоски- вицепремиерот Иван Стоиљковиќ кои имаат блиски врски со Русија“.
Прашуваат дали е тоа соодветно за земја членка на НАТО?
„Со денови прашуваме и нема одговор од Мицкоски за неговите врски со Душан Адамовиќ и по кои критериуми на седница на Влада го избра својот пријател за почесен конзул на Македонија во Србија.
За неговите ставови дека „Српска Македонија“ била окупирана, за бројните криминални афери со кои се поврзува, за неговите високи позиции во СНС – сестринската партија на ВМРО како и за неговите врски со Русија.
Нема одговори“.
Нема одговори, како што велат ниту за прославите на првиот соработник на Мицкоски во Владата, вицепремиерот Иван Стоиљковиќ, со „Ноќните волци“ блиски на Путин.
Дали ваквите кадри ја зајакнуваат или ја компромитираат нашата позиција во Алијансата и на меѓународен план“.
Македонија
Комунална хигиена-Скопје: Најголемо количество непрописно одложен отпад во февруари, 600 кубни метри, е подигнато во општината Центар
Во текот на месецот февруари 2026 година, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнаа и транспортираа приближно 11 000 тони мешан комунален отпад од домаќинствата на територијата на градот Скопје, извести ЈП Комунална хигиена-Скопје.
„Отстранети се и 2505 кубни метри отпад од диви депонии лоцирани во сите скопски општини, а најголемо количество непрописно одложен отпад – 600 кубни метри – е подигнато во општината Центар.

Еко-патролата при ЈП Комунална хигиена-Скопје во текот на месец февруари изготви вкупно 100 записници за претставници на стопанските субјекти и физички лица коишто биле затекнати при неправилно одлагање на отпадот. Записниците за прекршителите на Законот за јавна чистота беа врачени во следните општини:
1. Општина Чаир – 54 записници
2. Општина Карпош – 18 записници
3. Општина Аеродром – 11 записници
4. Општина Центар – 9 записници
4. Општина Ѓорче Петров – 6 записници
5. Општина Гази Баба – 2 записника
ЈП Комунална хигиена-Скопје продолжува со реализација на еко-предавања и работилници во скопските основни училишта и предучилишни установи. Преку еко-едукацијата најмладите жители на нашиот град се запознаваат со активностите на Претпријатието, се едуцираат како правилно и совесно да постапуваат со својот комунален отпад, на кој начин се врши примарната селекција на отпадот и како се одвива процесот на рециклирање.

Во текот на минатиот месец, 253 ученици и 64 дечиња од основните училишта и градинките во општините Аеродром, Центар и Чаир имаа можност да ги проследат едукативните предавања за правилно постапување со отпадот и заштита на животната средина. Предавањата се одвиваа на македонски, албански и турски јазик“, соопшти ЈП Комунална хигиена-Скопје.

