Македонија
Работна посета на министерот Муцунски на Брисел
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, од денес до петок престојува во работна посета на Брисел.
Во рамки на посетата, министерот ќе одржи излагање во Центарот за европски политики (EPC) на тема: „Проширувањето на ЕУ во новата ера: македонска перспектива“, и ќе има брифинг со претставници на бриселски тинк-тенкови посветен на тековниот евроинтегративен процес.
Муцунски ќе учествува и на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО, што ќе се одржи на 3 и 4 април во седиштето на НАТО. На состанокот ќе се разговара за безбедносните предизвици, поддршката за Украина и подготовките за Самитот на НАТО во Хаг, како и за јакнење на партнерствата и одбранбените капацитети на Алијансата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во текот на ноќта и утре, врнежи од дожд и снег на планините
Под влијание на циклонска активност, во текот на ноќта и утре ќе има врнежи од дожд во пониските, дожд и снег на повисоките места , а на планините од снег.
Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови каде се очекува да наврнат над 15 l/m² воден талог. На планините висината на снежната покривка ќе се зголеми од 10 до 15 см.
Потоа во следните денови времето ќе биде претежно стабилно со ниски утрински температури. За време на викендот ќе дува умерен до засилен северен ветер, а во сабота наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.
Во Скопје, во текот на ноќта и утре ќе има повремени врнежи од дожд. Потоа ќе биде стабилно со пониска утринска температура.
Македонија
Милошоски-Миљаниќ: Заемно унапредување на политичкиот дијалог и соработката
Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, оствари работна средба со амбасадорот на Република Црна Гора, Зоран Миљаниќ.
На средбата беа потврдени пријателските македонско-црногорски односи помеѓу двете држави кои се базирани на традиционално пријателство, долгогодишна конструктивна соработка и меѓусебна поддршка. Соговорниците ја истакнаа важноста од понатамошно унапредување на политичкиот дијалог и интензивирање на соработката во области од заемен интерес.
Исто така, беше потенцирана заедничката заложба на земјите кон полноправно членство во Европската Унија, како и подготвеноста за продлабочување на парламентарната соработка и размена на искуства во насока на спроведување на реформските процеси.
Македонија
(Видео) Стојаноски: Работниците не добија ветувања, добија повисоки плати
Кога бевме опозиција, застанавме со работниците затоа што имаше реален проблем – платите доцнеа, колективните договори не се почитуваа и се подготвуваа законски измени со кои минималната плата требаше да се исфрли од формулата за пресметка. Тоа ќе значеше прекин на линеарниот раст и слабеење на заштитниот механизам за илјадници вработени, кажа Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Тогаш, како што дополни заедно со синдикатите, биле поднесени над 40 амандмани.
Не дозволивме, додава пратеникот, минималната плата да биде отстранета од системот.
„Тоа е причината зошто денес, кога расте минималната плата, растат и останатите примања.
Разликата денеска е суштинска. По две години управување со државата, не зборуваме за барања – зборуваме за реализирани договори. Во општините платите се зголемени во просек за околу 5.000 денари. Во основното и средното образование обезбедивме раст од 46% до 60% во четиригодишен период. Во високото образование зголемувањето е минимум 14%. Во здравството – од 40 до 50% во еден мандат. Полициските службеници добија 10%, социјалните работници 20%, а околу 11.000 административци, судски и обвинителски службеници имаат гарантирано покачување од 40% до 2028 година“.
Според него, сите колективни договори се испочитувани, платите се исплаќаат редовно.
„Инфлацијата е стабилизирана од двоцифрени стапки на едноцифрена стапки на инфлација.
Ова се системски решенија, не се импровизации. Оваа Влада вака го реализира договорот со работниците. Ние не бегаме од дијалог за минималната плата, но решенијата мора да се носат институционално – во Економско-социјалниот совет, со одржлив пристап што ја штити и економијата и буџетот. Кога сме во опозиција – спречуваме штета. Кога сме на власт – обезбедуваме раст.
Работниците заслужуваат сигурност, договор што важи и политика што носи резултати“.

