Македонија
Работникот кој почина кај рудникот „Суводол“ паднал со булдожер во бездна
Според првичните информации, работникот Вецко Костадиновски починал откако блудожерот што го управувал се превртел во бездна, во рудникот за јаглен „Суводол“ на РЕК Битола.
Како што истакна директорот на РЕК „Битола“, Златко Ќурчиевски, работникот извршувал редовна работна задача – поместување на транспортна лента за јаловина. Трагичниот настан се случил во ноќните часови, во текот на третата смена. Ќурчиевски вели дека според првичните сознанија, биле запазени сите мерки за безбедност и заштита на работникот, а булдожерот бил во исправна состојба и со извршен редовен сервис во март оваа година.
Имајќи предвид дека рудникот „Суводол“ неодамна беше погоден од елементарна непогода, надлежните уверуваат дека несреќата не била директно поврзана со санационите активности што таму се изведуваат.
Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, најави дека ќе се формира комисија која ќе го истражи настанот и ќе се земат предвид сите околности. Тој нагласи дека при несреќата немало други присутни работници.
„Настанот е случен во движење, на место оддалечено од другите работни позиции и тоа уште повеќе ни отежнува во овој момент за да дознаеме која е вистинската причина за оваа трагедија“, вели Ковачевски.
По итниот состанок на Управниот одбор на АД ЕСМ и стручниот колегиум на РЕК „Битола“, Ковачевски изрази длабоко сочувство до семејството на починатиот.
„Дозволете ми да изразам најдлабоко сочувство до најблиските на починатиот работник Вецко Костадиновски. Загубивме чесен и вреден работник, често наградуван, кој беше пример и беше секогаш на ниво на своите задолженија. Како компанија ќе преземеме сè да му помогнеме на семејството и неговите најблиски во овие најтешки моменти за нив и ќе бидеме тука и во иднина“, изјави Ковачевски.
Полиција, истражен судија и обвинител, извршија увид на лице место, по што ќе бидат утврдени околностите во кои се случи несреќата. Телото на покојниот е предадено на обдукција за да се утврдат причините за смртта.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
За девет месеци од наплата на патарините државата заработила над 58 милиони евра
Вкупните приходи од наплата на патарина за првите девет месеци од годинава изнесуваат 3.611.645.604, денари (58,725 милиони евра).
Во септември годинава прометот на наплатните станици изнесува 401.971.971 денар, а во летните месеци кога е највисока фрекфенцијата на возила, биле инкасирани 494.308.025 во август, 469.811.647 во јули и 399.325.680 денари во јуни годинава.
Најпрофитабилна е наплатната станица Романовце, а најниски се приходите на Кадрифаково.
Македонија
Најмногу дожд во изминатото деноноќие падна во Пожаране и Попова Шапка
Најмногу дожд во изминатото деноноќие наврал во Пожаране и Попова Шапка, а најмалку во Штип и Кавадарци.
Управата за хидрометеоролошки работи информира дека во Пожаране и Попова Шапка наврнале 32 литри на метар квадратен, во Маврови Анови и Крушево 23, во Тетово 21, во Претор 20, во Лазарополе 14, во Гевгелија 11, во Битола, Тополчани и Скопје-Зајчев Рид 6, во Ѓуриште, Пожар-Радовиш 5, во Прилеп, Велес, Скопје-Петровец 4 и во Штип и Кавадарци еден литар на метар квадратен.
До вторник синоптичарите најавуваат променливо облачно време со локални врнежи од дожд. Денеска наместа врнежите ќе бидат поројни и пообилни (над 30 l/m² за 24 часа), проследени со засилен ветер и појава на ретки грмежи.
Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од јужен, а долж Повардарието од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 12 до 17 степени.
Македонија
Таен ринг за борби со кучиња разоткриен во битолско, заработувале од мачење животни
Грчки државјанин сопственик на куче, пит бул, косовски државјанин сопственик на куче од расата американски стафорд, како и двајца македонски државјани како соизвршители ќе одговараат на кривично дело – Убивање и мачење животни од член 233 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Основното јавно обвинителство Битола ги прибра сите потребни докази и поднесе обвинение, бидејќи на 1 ноември во селото Црнеец во близина на Стрежево, тие заради користољубие грубо ги злоупотребувале и ги изложиле на непотребни маки кучињата.
Првообвинетиот организирал борба меѓу двете кучиња во дворот од семејната куќа на второобвинетиот, кој претходно имал подготвено ринг каде се одвивала борбата. Настанот го следеле и други лица од Косово, Грција и Македонија, кои полициските службеници ги затекнале на лице место и кај кои биле пронајдени парични средства во различни апоени на евра и денари наменети за обложување.
Како резултат на борбата, со особено тешки повреди се здобило кучето од расата пит бул, кое имало угризни рани со различна големина, тешки повреди на главата и видливи знаци на трауматски шок.
Доказите обезбедени до овој момент упатуваат на сомненија дека се работи за организирана операција за која бил подготвен ринг за борби за кучиња во кој се пронајдени траги кои укажуваат дека вакви борби се случувале и друг пат, како и лекови за пружање прва помош на повредени кучиња.
Јавниот обвинител до Основниот суд во Битола достави предлог за продолжување на претходно определената мерка куќен притвор за двајцата македонски државјани.
Доколку двајцата странски државјани кои се во бегство од моментот на сторување на делото, не бидат обезбедени до почетокот на судската постапка, јавниот обвинител ќе предложи нив да им се суди во отсуство.

