Македонија
Разбиена мрежа за проституција: Лица од Бразил и Сирија носеле Бразилки во Скопје каде нуделе сексуални услуги
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Основниот кривичен суд поднесе обвинителен акт против четири лица.
Обвинетите од кои две лица се странски државјани од Бразил и Сирија со привремен престој во државата се товарат дека сториле кривично дело – Посредување при вршење на проституција и кривично дело – Перење пари и други приноси од казниво дело, додека двајца македонски државјани се обвинети за кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело.
„Во временски период од декември 2023 до ноември 2024 година првообвинетата – бразилска државјанка со дозвола за привремен престој во РСМ и второобвинетиот – македонски државјанин роден во Сирија, заедно со двајца неидентификувани македонски државјани и двајца португалски државјани со умисла и од користољубие организирале врбување, прифаќање, превезување и сместување на женски лица од Бразил, заради вршење на проституција во РСМ. Жртвите ги прифаќале и ги сместувале во претходно изнајмени станови во комплексот „Џевахир Холдинг“ во Скопје каде истите давале сексуални услуги на клиенти“, соопшти Обвинителството.
Секоја жртва имала креиран еден или повеќе профили на веб сајтот: www.eurogirlsescort.com, каде биле постирани телефонски броеви и листа на цени на сексуални услуги што се движеле од 150 евра за половина час, 200 евра еден час, 300 евра два часа, 450 евра три часа и 800 евра за цела ноќ, како и фотографии со експлицитна содржина. Профилите ги контролирала првообвинетата која контактирала со потенцијални клиенти, го организирала дневниот распоред на клиентите за секоја девојка, го определувала времетраењето на давање на услугите и гарантирала за нивната безбедност. За нејзиниот ангажман добивала 30% од заработувачката на девојките. Парите ги делела со второобвинетиот кој организирал прифаќање, превоз, сместување, безбедност и грижа за секојдневните потреби на девојките.
Со намера да го прикријат вистинскиот извор, локацијата, понатамошниот тек и вистинските сопственици на паричните средства,сите обвинети извршиле кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело.
Така, првообвинетата паричните средства во износ од 26.151 евра преку субагентите на Агентот на Глобалниот систем за електронски трансфер на пари Вестерн Унион (WESTERN UNION) за територијата на Р.С. Македонија во периодот од 21.10.2023 година до 31.10.2024 година во вкупно 11 наврати ги уплатила кон четири физички лица во Португалија и три физички лица во Бразил. Второобвинетиот во повеќе наврати вршел готовински исплати на парични средства во износи од 440 евра по основ на закупнина за становите во кои престојувале девојките, како и повеќе готовински исплати на парични средства за различни сопствени животни потреби и потреби на девојките. Третообвинетиот преку субагент на сметка на првообвинетата во Португалија исплатил износ од 1.965 евра, како и износ од 150 евра на физичко лице во Колумбија.
Четвртообвинетиот во повеќе наврати, бил корисник на сексуални услуги на една од девојките, која за дополнителен паричен надоместок кој бил исплаќан на првообвинетата го придружувала при неговите патувања во Рим и Лондон.
Стекнувајќи ја довербата на девојката, паричните средства кои таа ги прибавила со извршување на казниво дело „Оддавање на проституција“, четвртообвинетиот иако знаел дека се прибавени со казниво дело ѝ помогнал да ги пушти во оптек и да го прикрие нивното потекло.
Така, тој регистрирал кориснички профил на девојката на веб платформа за тргување со електронски пари (крипто валути) со електронски паричник (wallet), преку кој таа можела да врши трансакции. Потоа четвртообвинетиот од неговиот личен профил, во повеќе наврати извршил трансфер на парични средства кон корисничкиот на девојката трансферирајќи вкупно 11 880 долари. Дополнително, девојката му дала готовински парични средства во износ од 10.000 долари, со цел обвинетиот да ги претвори во електронски пари (крипто валути) и да ги стави во нејзиниот електронски паричник (wallet). Девојката во три поединечни трансакции преку користење на опцијата „binance pay“ во рамки на самата платформа,испратила кон четвртообвинетиот крипто валути во износ од вкупно 4,960 долари и една трансакција како повлекување кон депозитна адреса која припаѓа на обвинетиот во вредност од 900 долари, по што обвинетиот паричните средства ѝ ги вратил во готовина.
Јавниот обвинител со Обвинителниот акт достави и предлог за продолжување на мерката притвор спрема тројца обвинети.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски отпушти 500 вработени
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави дека се отпуштени 500 вработени од претпријатијата на Скопје затоа што се месеци, дури и години, не оделе на работа.
„500 лица до денес, се отстранети од работа од претпријатијата во градот Скопје. Тоа се лица кои се платени од парите на скопјани, но не оделе на работа со месеци, дури и години“, објави Ѓорѓиевски.
Тој најави дека секој кој чесно си ја работи работата, ќе биде награден, а оној што не работи ќе биде казнет.
„Тука, нема да има толеранција, а ќе има и одговорност! Секој оној што чесно си ја работи својата работа ќе биде награден, а оној што не работи – ќе биде санкциониран. Ред во Скопје, мора да има! Она што е платено со парите на граѓаните јас мора да го заштитам“, напиша Ѓорѓиевски на „Фејсбук“.
Македонија
Детали за кражбата на кабли во која е вмешан и полицаец: Направиле штета од 600.000 евра, а поради пожар граѓаните останале без струја
Основното јавно обвинителство Скопје објави детали за кражбата на кабли во кругот на фабриката „Железара“ во која е вмешан и полицаец. Крадците украле кабли вредни околу 440.000 евра, а направиле штета на трафостаница од околу 160.000 евра.
Во текот на досегашната постапка се обезбедија докази кои даваат основано сомнение дека сега осомничениот, инаку вработен во МВР како полициски службеник, бил соизвршител на трите лица против кои беше покренато обвинение пред 10-тина дена.
Сите тие се товарат дека заедно од објектот на „Полуконти –ИГМ“ и подземните тунели низ кои поминуваат кабли за напојување со електрична енергија одзеле повеќе километри високоенергетски и среднонапонски кабли во сопственост на оштетените правни лице АД ЕСМ – Електрани на РСМ – Подружница енергетика Скопје и МакСтил АД Скопје во вкупна вредност од околу 440 илјади евра.
Откако со апарат се уверувале дека каблите не се под напон, со батериска брусалка ги сечеле и ги складирале каблите до влезот од тунелите. Поради нивните дејствија, на 9 април настанал и пожар во трафостаницата ТС Југ со кој била предизвикана и дополнителна штета на јавните инсталации за чие санирање биле потребни повеќе од 100 илјади евра, а не се реализирало и планираното производство и дистрибуција на електрична енергија кон крајните корисници на електрична енергија за период на санација на дефектите во вредност околу 60 илјади евра.
Претходно од МВР соопштија дека на полицаецот му е определен 30-дневен притвор. Тројцата негови соизвршители против кои претходно беше покренато обвинение исто така се обезбедени со мерка притвор по предлог на обвинителството, поради опасноста од бегство, можноста за влијание врз сведоци и ризикот да го повторат делото.
Македонија
Сиљановска-Давкова прими делегација на Меѓупарламентарната група за пријателство од шведскиот парламент – Риксдаг
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова прими делегација на Меѓупарламентарната група за пријателство од шведскиот парламент – Риксдаг, предводена од Лота Џонсон Форнавре, во придружба на амбасадорот на Кралството Шведска, Oла Солстром.
Сиљановска-Давкова изрази задоволство од извонредната соработка со шведските пратеници, заснована на взаемна доверба и почит, нагласувајќи дека таквото партнерство претставува основа за натамошно зајакнување на вкупните билатерални односи меѓу двете држави.
Таа потсети дека Шведска е четвртиот најголем билатерален донатор на земјава и дека нејзината поддршка не се огледува само во развојната помош, туку и во улогата на фасилитатор на европските реформи.
Како поранешна членка на Надзорната група за соработка со шведскиот Риксдаг, Сиљановска-Давкова нагласи дека шведската парламентарна демократија отсекогаш била пример од кој можеме да учиме. Според неа, искуството стекнато преку таквата соработка претставува поттик за нови, отворени и конструктивни дијалози што ќе ја зајакнат политичката култура и институционалната зрелост во земјава.
Шведските пратеници изразија отвореност и решеност за продолжување на парламентарната соработката, размена на демократските искуства и помош и поддршка на македонскиот евроинтегративен процес.
Претседателката порача дека напредувањето кон ЕУ мора да се темели на мерит систем, а не на политички условувања и еднострани барања.

