Македонија
Рамазан бајрам неработен ден за сите граѓани
Министерството за труд и социјална политика соопшти дека 13 мај, четврток, Рамазан бајрам, првиот ден на Рамазан бајрам, е неработен ден за сите граѓани.
По триесетдневниот рамазански пост, следува тридневен рамазански бајрам, кој се смета за голем празник во исламот. Почетокот на рамазан секоја година се поместува за 10 дена наназад, односно во престапните години за 11 дена, во однос на претходната година, поради разликата помеѓу исламскиот и грегоријанскиот календар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филков за петицијата за правосуден испит на албански јазик: Уставот и законите мора да важат за сите
Министерот за правда Игор Филков одговарајќи на пратеничко прашање на Дијана Тоска од ДУИ во врска со петицијата на студентите на правните факултети за полагање на правосуден испит на албански јазик рече дека Уставот и законите мора да важат за сите.
„Во моментов, можност за полагање на друг јазик освен на македонскиот јазик, не постои, затоа што правосудниот испит е стручен испит, не е управна постапка, а тоа на вас ви е многу добро познато. Впрочем и Венецијанска комисијата има дадено негативно мислење на Законот за употреба на јазиците а во моментов до Уставниот суд се поднесени 13 иницијативи за оценување на уставноста и законитоста на истиот. Околу употребата на јазикот и она што вие како власт во изминатите 20 години го имате работено должите одговори пред целата јавност. Се надевам дека овие одговори ќе ги дадете Вие а не некој друг во постапка што следи”, истакна Филков.
Министерот од собраниска говорница покажа двојазично уверение кое е потпишано од него и истакна дека тоа го прави за секој оној кој тоа ќе го побара.
„Требаше некое време да сфатам на што се должи оваа хистерија која што во изминатиот период беше продуцирана од страна на одредени политички партии, но после онаа епизода ‘Артан Груби се враќа дома’- нештата се многу појаси. Дали некој е националист или не говори ова уверение кое што е двојазично и потпишано од мене, овде лево доле. Секој еден што побарал во Министерство за правда тоа било дозволено, така ќе остане и во иднина. Но она што вие треба да го одговорите денес е што правеа вашите осум министри во изминатите 20 години. Или повторно, одговорот ќе чекаме да дојде од друга страна, во постапка и затоа е цела оваа нервоза и хистерија. Времето на национал-романтизам заврши, денес ќе се работи по Устав и закон. И уште една работа што е многу битна:Со кривичнaта пријава ама баш никого не плашите, порача министерот за правда Игор Филков.
Македонија
(Видео) Филипче до Мицкоски: Кој е Душан Адамовиќ и зошто е избран за Конзул во Србија?
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска од собраниската говорница му постави директно прашање на премиерот Христијан Мицкоски во врска со назначувањето на Душан Адамовиќ за почесен конзул на Македонија во соседна Србија.
„Кој е Душан Адамовиќ? Новоназначениот конзул на Македонија во Србија. Кои критериуми се исполнети согласно упатството за постапка за номинации и задачи на почесни конзули објавено во Службен весник?“, праша Филипче.
Тој потсети на критериумите што треба да ги исполнува еден почесен конзул.
„Прво, треба да е докажан пријател или негува почит и симпатии кон Република Северна Македонија. На Твитер видовме дека човекот пишува дека ова е српска Македонија и дека е окупирана територија. Тоа ли е исполнет критериум“, рече Филипче.
Понатаму, додаде Филипче, треба да не е осудуван за кривични дела и да има професионални квалификации.
„Од медиумите гледаме дека тој е навивач, дека му бил дигнат автомобилот во воздух, дека му било пукано во нозе. Дали АНБ тоа го проверило? Треба да е афирмирана личност од областите на своето професионално делување. Освен што е високо позициониран член на вашата сестринска партија СНС, друго не сме виделе. И да има влијание во јавниот, политичкиот, стопанскиот и културниот живот на државата домаќин. Освен што се фали со свои контакти, врски и релации со Русија, ние друго не сме виделе.“ рече Филипче.
Претседателот на СДСМ ги посочи и јавните појавувања на Адамовиќ на настани на ВМРО и го праша Мицкоски дали има лична релација со него:
„Тој човек го видовме на прославата после вашата победа на изборите 2024 тука, во Скопје, го видовме на конгресот на ВМРО-ДПМНЕ. Моето прашање конкретно: Кој е Душан Адамовиќ, зошто е поставен за конзул и имате ли лична релација со него?“ рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
Мицкоски до Филипче: Со тоа што ги напаѓате пензионерите, само потврдувате дека сте мекото ткиво на политичката сцена
Мене ми е жал што не ја научивте лекцијата, и удирате повторно по група на луѓе кои што за време на транзицијата некои ваши претходници во СДСМ ги оставија на улица, а денеска се пензионери, и голем дел од нив со времето станаа транзициони херои, ограбувајќи го народниот имот, а стотици илјади луѓе тогаш останаа на улица како технолошки вишок. И за жал, пред доаѓање на оваа Влада, нивните пензии беа, би рекол, катастрофални. А со доаѓањето на оваа влада нивните пензии сè уште не се во најдобра кондиција, односно онакви какви што заслужуваат да бидат. Но, еве колку што можевме во рамките на можностите, имајќи во предвид дека наследивме празен буџет кој што претходната влада на СДСМ и ДУИ го испразни и немилосрдно го истроши, успеавме да заштедиме средства и на пензионерите да им ја зголемиме пензијата, вели претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска на пратеничко прашање.
Мицкоски истакна дека Венко Филипче и СДСМ ги напаѓаат пензионерите и нивните покачени пензии, но како што рече Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да работи во интерес на пензионерите и на сите граѓани.
„Така што јас навистина жалам што ги напаѓате пензионерите и мислам дека тоа не е добра тема. Ние ќе продолжиме да работиме во интересот на пензионерите, исто како што ќе продолжиме да работиме во интересот на сите работници. Последните податоци на ДЗС велат дека просечната плата за минатата година е зголемена за 9,6 проценти. Дали е тоа доволно? Не. Дали треба повеќе? Да. Но тоа се можностите кои што во овој момент македонската економија ги има и тоа се можностите кои што ние како Влада ги имаме во смисла на тоа да се договориме со нашите колеги во образованието, во Министерството за внатрешни работи, во Министерството за одбрана, во здравството каде што и вие добивате плата, и во останатите сектори, вклучително и последниот договор што го направивме со УПОЗ и САДУ и да постигнеме договор за примањата на нашите колеги до 2028 година, до кога оваа влада има добиено мандат од граѓаните“, рече Мицкоски и додаде:
„После тоа ќе видиме. Но, иако уште сега ви кажувам дека и после 2028 година ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери ќе ја формираат следната влада. А за жал со вакви политики што имате ненародни и претставувате мекото ткиво на македонскиот идентитет и на македонската политичка сцена и со вакви мекотелни изјави и прашања кои што сега ги поставувате, за жал не гледам како да повратите барем малку од онаа супстанца, која што ја изгубивте кај македонските гласачи. Но, тоа е ваш проблем, не е мој проблем“.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, пак, од собраниската говорница, директно го обвини Мицкоски дека под негова директна команда, пратениците на мнозинството ги оставиле работниците без заслужено зголемување на платите.
„Видовме вчера, под ваша команда, пратениците на владеачкото мнозинство не го изгласаа предлог-законот. Ги оставија работниците без зголемени плати, имаат проблеми во секојдневниот живот, не можат да врзат крај со крај. Тие не протестираат заради некаков чалам. Тие протестираат поради вистински проблем“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ потенцираше дека кризата се чувствува во сите сегменти вклучутелно и кај земјоделците.
На собраниската седница стана збор и за евроинтеграциите на земјата. Мицкоски му порача на Филипче дека е мекото ткиво на македонскиот национален идентитет.
„За ЕУ ние нема да водиме мекотелна политика, сто пати ви кажав. Нема да водиме мекотелна политика. Вие сте мекото ткиво и се додека давате вакви изјави, ќе имаме политичари од Бугарија кои што ќе знаат дека има меко ткиво во македонскиот национален идентитет и ќе се обидуваат секогаш да играат на картата на помал отпор. Не можете ништо со тоа да постигнете. Ќе останете запаметен во историјата како човекот кој што бил мекото ткиво и партијата која што била мекото ткиво на македонскиот национален идентитет. Не ви го советувам тоа. Знаете што значи да останете запаметен во историјата од Охрид сте, знаете кој ги предавал и како ги предавал моштите“, рече Мицкоски.

