Македонија
Ранливите потрошувачи добиваат поддршка: како да аплицирате за клима-уред и помош за струја

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, врз основа на Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2025 година објави Јавни огласи за поддршка на домаќинства кои спаѓаат во категоријата ранливи потрошувачи на енергија, преку доделување на:
1. Право на купен и вграден инвертер клима уред со моќност од 3,5 kW и енергетска класа од најмалку А+
2. Финансиска поддршка за потрошена електрична енергија за лица кои припаѓаат на категоријата ранливи потрошувачи
Огласот има за цел да обезбеди заштита на ранливите потрошувачи кои се наоѓаат во состојба на енергетска сиромаштија, преку унапредување на енергетската ефикасност и подобрување на квалитетот на живеење на домаќинствата кои исполнуваат утврдени критериуми за ниски приходи или се социјално ранливи.
1. Критериуми за доделување на инвертер клима уред
Категории на домаќинства:
• Домаќинства со ниски приходи, чиј вкупен нето месечен доход во 2024 година не го надминувал:
Ø 25.000 денари за едночлено домаќинство
Ø 31.000 денари за домаќинство со два члена
Ø 37.000 денари за домаќинство со три члена
Ø 43.000 денари за домаќинство со четири и повеќе члена
• Домаќинства во кои единствен приход е пензија, а вкупниот нето месечен доход во 2024 година не го надминувал:
Ø 15.700 денари за едночлено домаќинство
Ø 19.800 денари за домаќинство со два члена
Ø 23.700 денари за домаќинство со три и повеќе члена
Едно лице може да поднесе само едно барање за едно домаќинство.
Правото на инвертер клима уред не може да го остварат домаќинства кои во изминатите 5 години користеле субвенција за набавка на клима уред или печка на пелети, како и оние кои имаат приклучок на систем за централно греење.
Министерството ќе врши мониторинг и контрола на спроведувањето на јавниот оглас и има право да го укине решението доколку се утврдат неправилности или неусогласност со условите од Програмата.
2. Критериуми за финансиска поддршка за потрошена електрична енергија
Категории на домаќинства:
1) Со едно или повеќе лица со тешка или длабока интелектуална попреченост
2) Со најтешка телесна попреченост
3) Со потполно слепо лице
4) Со потполно глуво лице
Едно лице може да поднесе само едно барање за едно домаќинство.
3. Потребна документација
За доделување на инвертер клима уред:
· Пополнетo барањe (обрасци 1 и 2)
· Изјава, заверена на нотар
· Фотокопија од лична карта на барателот
· Фотокопија од лични карти за членовите на домаќинството – за полнолетни лица или изводи од матични книги за малолетни лица во домаќинството, извод од матична книга на венчаните, потврда за развод или посмртница и
· Фотокопија од последна сметка за електрична енергија за 2025 година
За доделување на финансиска поддршка за потрошена електрична енергија:
· Пополнето барање (обрасци 1, 2, 3 и 4)
· Изјава за веродостојност на податоците, заверена на нотар
· Фотокопија од решение за стекнато право на корисник на посебен додаток
· Фотокопија од последна сметка за електрична енергија за 2024 година и
· Фотокопија од лична карта на барателот и
· Фотокопија од лични карти за членовите на домаќинството – за полнолетни лица или изводи од матични книги за малолетни лица во домаќинството, извод од матична книга на венчаните, потврда за развод или посмртница и
4. Начин на доставување на документацијата
Обрасците и изјавата се достапни на веб-страницата на Министерството, во делот Јавни огласи. Документацијата се доставува по пошта или лично на адреса:
ул. „Македонија“ бр. 27 – 1000 Скопје.
Контакт телефони: 071 319 074; 070 381 162;
Е-пошта: [email protected]
5. Рокови за аплицирање
• За доделување на инвертер клима уред – рокот за аплицирање е 60 дена од денот на објавување на јавниот оглас, односно до 5 октомври 2025 година.
• За финансиска поддршка за потрошена електрична енергија – рокот за аплицирање е 30 дена од денот на објавување на јавниот оглас, односно до крајот на август 2025 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Активни се шест пожари во Македонија

Денеска до 18 часот, на територијата на Македонија имало вкупно 27 пожари на отворен простор, од кои активни се 6 пожари, еден е под контрола и изгаснати 20 пожари, информира Центарот за управување со кризи.
АКТИВНИ: 6
1. Општина Македонски Брод 1: Повеќенаменското подрачје „Јасен“ (мешана шума)
2. Општина Македонски Брод 2: с. Девич – с. Грешница (ниска вегетација)
3. Општина Јегуновце: помеѓу селата Рогачево и Јажинце (пасишта)
4. Општина Брвеница: с. Челопек и с. Милетино (нискостеблеста шума)
5. Општина Кичево 1: с. Аранѓел (стрниште)
6. Општина Кичево 2: с. Мало Церско (ниска вегетација)
ПОД КОНТРОЛА: 1
1. Општина Струга: место викано „Октишка Краста“ (ниска вегетација)
ИЗГАСНАТИ: 20
1. Општина Демир Хисар: с. Мало Илино (дабова шума)
2. Општина Струга 1: место викано „Бегова Шума“, с. Делогожда (ниска вегетација и мешана шума)
3. Општина Делчево: с. Очипала (ѓубриште и ниска вегетација)
4. Општина Куманово 1: ул. Ѓорче Петров (ѓубре)
5. Општина Куманово 2: с. Романовце (ниска вегетација)
6. Општина Куманово 3: кај месна индустрија „Никси“ (ниска вегетација)
7. Општина Куманово 4: нас. Карпош (ниска вегетација)
8. Општина Старо Нагоричане: с. Челопек (ниска вегетација и стрниште)
9. Општина Сарај 2: с. Радуша кон с. Дворце (ниска вегетација)
10. Општина Арачиново: с. Арачиново (ниска вегетација)
11. Општина Арачиново 2: с. Орланци (ѓубриште)
12. Општина Сопиште: с. Св. Петка (ниска вегетација)
13. Општина Шуто Оризари: ул. Брсјачка Буна (ѓубриште)
14. Општина Желино: с. Групчин (ниска вегетација)
15. Општина Тетово: с. Селце (ниска вегетација)
16. Општина Тетово 2: кај ресторан „Сирич“ (ѓубриште)
17. Општина Гостивар: с. Чегране (ниска вегетација)
18. Општина Прилеп: с. Дабница (ниска вегетација)
19. Општина Ресен: с. Дрмени (ниска вегетација)
20. Општина Чешиново – Облешево: с. Теранци (ниска вегетација)
Македонија
Големиот пожар кај струшко Октиси ставен под контрола

Директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али, и заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Албрим Хоџа, се присутни на терен кај селото Октиси, каде што беше активен голем пожар.
Од Центарот за управување со кризи информираат дека пожарот, иако имал големи размери, е ставен под контрола, но на одредени места сè уште има чадења кои се внимателно следени од екипите на терен.
Во гаснењето дејствува и авион „Ер трактор“ од ДЗС, кој интервенира од воздух, како и шестмина пожарникари и едно противпожарно возило од ТППЕ – Струга, 10 лица од Јавното претпријатие „Македонски шуми“, две возила „Пинцгауер“ од ДЗС и локални жители.
„Благодарение на навремената интервенција, координацијата на сите служби и несебичната помош на локалното население, спречено е ширење на пожарот кон населени места“, велат од ЦУК.
Македонија
Поради пожар, затворен за сообраќај патот Македонски Брод – Скопје

Поради пожар во националниот Парк Јасен, регионалниот пат Р1106 Македонски Брод – Скопје затворен е за секаков вид на возила, информира АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќајот на патиштата надвор од градските средини е зголемен. Поради летните одмори, се бележи зголемена фреквенција на возила на граничните премини.
На ГП Табановце, времето на чекање за влез и излез од државата изнесува околу 15-30 минути. На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез или излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.