Македонија
Реакција на СДСМ: Мицкоски манипулира, ГРЕКО констатира дека речиси ништо не е спроведено

„Скандалозна и манипулативна е изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека Владата наводно добила „петка“ за борбата против криминалот и корупцијата. Мицкоски уште еднаш се обидува да ја изврти вистината и да ја лаже јавноста: реалноста е дека ГРЕКО, како дел од Советот на Европа, во последниот извештај јасно констатира дека Владата речиси ништо не спровела од препораките за борба со корупција и дека напредокот е недоволен“, реагира СДСМ.
„Владата не доби „петка“, туку уште 5 забелешки на адреса на институциите за неисполнетите обврски. Македонија и понатаму се смета за „глобално незадоволителна“ според мониторингот на ГРЕКО.
Аплаузот за кој зборува Мицкоски е само во неговата глава. Граѓаните гледаат како криминалот цвета, како институциите се партизираат, а корупцијата останува недопрена. Владата на Мицкоски не само што не ја бори корупцијата, туку со вакви лаги и манипулации се обидува да ја прикрие.
Да потсетиме, ГРЕКО бара итно:
донесување и примена на нови закони за финансирање на политички партии,
засилување на контролата на имотот и интересите на функционерите,
зајакнување на антикорупциските механизми во собранието, судството и извршната власт.
Ништо од ова не е завршено. Затоа лагите на Мицкоски за некаква „петка“ се навреда за сите граѓани кои бараат правда и ред.
СДСМ бара Владата веднаш да престане со манипулации, да се соочи со фактите и конечно да почне да спроведува вистински реформи, а не само да им аплаудира на сопствените неуспеси“, се наведува во реакцијата на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без струја делови од Сопиште, Кисела Вода и Зелениково

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека: поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска, без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од с. Долно Соње, општина Сопиште;
· од 09:30 до 11:30 часот, корисниците од улиците: Партизански пат, Илија Ристевски и дел од Драчевска во село Драчево, општина Кисела Вода;
· од 09:30 до 15:00 часот, корисниците од селата: Дејковец и Добрино, општина Зелениково.
Македонија
Делови од Центар и Гази Баба денеска без вода

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација, информира дека денеска:
· поради промена на вентил во шахта на ул.Ленинова бр. 73, од 09:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од ул. Ленинова (на потегот од бул. Митрополит Теодосиј Гологанов до ул. Никола Тримпаре), општина Центар;
· поради изведувње на водоводен приклучок на ул. Индустриска, од 08:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица, oпштина Гази Баба;
· поради отстранување дефект на водоводна мрежа со пречник од Ф-90мм на Булевар Илинден бб кај ресторан Гарден, од 08:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од Тениското игралиште, општина Центар.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на ГП Табановце за влез и излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива по суви коловози.
АМСМ известува дека денеска во време од 08:00–16:00 часот ќе биде обезбедувана велосипедска трка ХРОНО, при што сообраќајот на регионалниот пат граничен премин Пелинце на потегот од раскрсницата за село Драгоманце до Меморијалниот центар АСНОМ во село Пелинце ќе биде запрен.
Исто така, истиот ден на 22.07.2025 година во време од 08.00–17.00 часот ќе биде обезбедувана велосипедска трка МОУНТАИН БАЈК (тренинг), при што сообраќајот на патот во село Добршане на регионалниот пат за Свети Николе до местото викано Студена Вода ќе биде запрен.
Повремено затворање на регионалниот пат Куманово – граничен премин Пелинце е планирано и за 23.7. и 24.7.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На ГП Табановце се бележи зголемена фреквенција на возила за влез и излез од државата, времето на чекање е околу 15-30 минути. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.