Македонија
Реакција од затворот „Скопје“: Филип Андов раководи со институција затвор, а не со логор

„Казнено-поправната установа ‘Скопје’ реагира на изнесените лаги и невистини, како и манипулации од страна на одредени политички партии во изминатиот период, а по повод, како што велат, бегствата на затвореници“, соопштуваат од затворот „Скопје“.
„Најпрвин укажуваме дека директорот Филип Андов раководи со институција затвор, а не со логор. Тоа би значело дека сите права што им следуваат на затворениците мора и им се овозможени во согласност со законите и правилниците на затворот, а донесени од законодавецот (Собранието), односно Министерството за правда. Оттука, директорот и Управата единствено може да ги почитуваат и постапуваат по тие одредби и правила. Затворот ‘Скопје’ е институција од која треба и извира ресоцијализација на затворениците. Тоа подразбира почитување на нивните права, кои им следуваат, а за сметка на тоа тие да го подобрат/променат нивното однесување. Од друга страна, затворот е од полуотворен, односно отворен тип. Тоа значи ниту еден затвореник не е ставен во четири ѕида, туку може слободно да се движи и да врши работни обврски. Сите осуденици, кои судот ги упатил на издржување затворска казна во затворот ‘Скопје’, не се, како што велат одредени политички партии, тешки криминалци, туку затвореници што се осудени до три години затвор“, се вели во соопштението од затворот.
Од таму велат дека „во конкретниот случај со затвореникот А. А., кој се оддалечил од затворот, важно е да потенцираме дека тој не прескокнувал ѕидови, не кршел врати или дека некој го пуштил да излезе. Станува збор за осуденик што претходно користел слободни викенди и се враќал, лице што имал примарно однесување и треба да издржи уште 5 месеци казна затвор. Тој вршел работни обврски во рамките на затворот. Командирот на смена забележал дека го нема при пребројувањето по што веднаш ја алармирал полицијата и по него се трага“.
„Од страна на затворот е постапено во согласност со законските рамки. Кога не се појавил во затворот, известена е полицијата, која трага по затвореникот. По неговото пронаоѓање, тој ќе биде сместен во друг дел на затворот бидејќи правилникот налага, само во случаи кога одреден затвореник ќе ги прекрши правилата – тогаш да му бидат скратени привилегиите/правата. КПУ ‘Затвор Скопје’ е установа од полуотворен вид, каде што затвор издржуваат примарни осудени лица со казна затвор од 3 години, односно повтореници до 1 година. Во тој контекст сите осудени лица користат многубројни погодности, како што се домашно отсуство, годишни одмори и слободно движење надвор од установата, а се во насока за почести контакти со семејствата, како и други органи, како што се Агенцијата за вработување, Центарот за социјални работи“, се вели во соопштението.
Од затворот „Скопје“ ги замолуваме политичките партии во иднина да се воздржат од вакви квалификации од причина што се создава искривена перцепција во јавноста, а сето тоа е на штета на самите осудени лица, на установата, како и на целиот систем“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Делови од Гази Баба и Кисела Вода денеска без струја

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 09:30 часот, корисниците од село Инџиково од улиците: 3, 7, 14, дел од ул. 10 и дел од ул. Маџари. (Општина Гази Баба)
· од 08:30 до 15:30 часот, корисниците од дел од ул. Студеничанска и дел од ул. Драчевска. (Општина Кисела Вода)
· од 09:30 до 13:30 часот, корисниците од ул. Добре Ивановски, и дел од ул. 22 во нас. Инџиково. (Општина Гази Баба)
Македонија
Денеска максималната температура до 38 степени, од утре потопло

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 18, а максималната ќе достигне од 30 до 38 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 38 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на сончево и топло време со мала до умерена облачност.
Температурите ќе бидат во постепен пораст, особено од четврток до средината на наредната седмица кога дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе надмине 40°C. Во недела во попладневните и вечерните часови ќе има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.
Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.