Македонија
Регионална конференција за аерозагадувањето: Потребни се координирани активности во регионот

Загадувањето на воздухот нема граници – потребни се итни и координирани активности од сите земји во регионот
зголемување на институционалната соработка помеѓу државите од регионот, создавање кспертски акционен тим и пронаоѓање самоодржливи системи за финансирање на овие активности за решавање на проблемите со лошиот квалитет на воздух што го дишат граѓаните на земјите од Западен Балкан.
Ова се само некои од клучните точки кои се дискутираа на регионалната конференција за аерозагадување која се одржуваше минатата недела во Скопје. На конференцијата беа присутни преставници на институции и граѓански организации од целиот регион кои заедно низ дискусија и тематски работилници се обидуваа да пронајдат решенија за овој горлив проблем.
„Аерозагадувањето е проблем кој нè засега сите. И сите заедно мора напорно да работиме за да го решиме. Ако тоа значи децентрализација на производството на електрична енергија и промена на нашите работни и животни навики и практики – тогаш тоа треба да направиме“, рече Ана Чоловиќ Лешоска од „Екосвест“.
Присутните ги лоцираа термоелектраните на јаглен како сериозен загадувач на воздухот во сите земји на Балканот, но и на останатиот дел од европскиот континент. Беше дискутирана потребата за формирање регионално тело на министри кои ќе се фокусираат на долгорочно справување со аерозагадувањето и ублажување на климатските промени.
„Граници не постојат кога станува збор за аерозагадување. Потребно е време и мотивација да се реши проблемот ама резултатите по здравјето ќе бидат видливи веднаш, а тоа е огромна придобивка за државите“, изјави Влатка Матковиќ-Пујиќ од Алијансата за здравје и животна средина-HEAL.
Претставниците на граѓанските организации од регионот ја препознаваат потребата од засилување на регионалната борба со аерозагадувањето. Според нив, потребни се конкретни мерки и иновативни решенија кои би можеле да се применат во сите земји од регионот и кои ќе им помогнат на носителите на одлуки во долгорочното решавање на проблемот со аерозагадување.
„Аерозагадувањето треба да биде приоритет за владите во регионот“- додаде Саскиа Хајинен од Clean Air Fund.
На прагот на грејната сезона нашата земја бележи низок степен на спроведување мерки за аерозагадување. Потребно е повеќе и побрзо. Законска забрана за загревање на домовите со јаглен, зачестени инспекциски надзор и казни за индустриските капацитети и редуцирање на сообраќајот и градежните активности во периоди со високо аерозагадување се само некои од мерките кои треба да се применат веднаш, се дел од заклучоците од конференцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.