Македонија
Реновирана Клиниката за нефрологија
Министерството за здравство информира дека на Универзитетска клиника за нефрологија е извршено комплетно реновирање на интензивниот оддел, како и на одделите за хронична и акутна дијализа, одделот за трансплантација на бубрег, како и одделот за васкуларни пристапи.
„Со реновирањето е извршена комплетна замена на медицинскиот инвентар, како и инвентарот во помошните простории за медицинскиот персонал, при што е обновена и салата за васкуларни пристапи за пациентите на хроничен хемодијализен програм. Покрај градежните работи, со кои комплетно е променет изгледот на клиниката, направена е целосна замена на болничките кревети и помошна немедицинска опрема. Инаку, во делот на медицинска опрема е набавен нов ЕХО-апарат, пациент-монитори за следење витални параметри во единицата за интензивна нега, а извршена е замена на инсталацијата и доводот на кислород. Набавен е и современ хируршки стол и осветление, а целосно е обновен и инструментариумот, со што значително се подобруват условите како за пациентите така и за стручниот тим нефролози, кои ги работат сложените процедури, како што се артери-венски фистули, трајни и привремени катетери за хемодијализа и слично“, соопшти Министерството за здравство.
Во насока на унапредување на третманот на пациентите со бубрежни заболувања, се наведува во соопштението, обезбедени се современи апарати за континуирани методи на хемодијализа за третирање на најкомплексните пациенти со бубрежно затајување, кои бараат интензивна нефролошка нега. Обезбеден е и апарат за процедури за прочистување и замена на плазма кај пациенти со системски заболувања, како што се гломерулонефрити, системски лупус и други пациенти со комбинирани системски нефролошки, ревматолошки, хематолоши, кардиолошки и пулмонални заболувања, кај кои преземањето на овие терапевтски интервенции се животоспасувачки.
Исто така, велат од Министерството за здравство, во тек се подготовки на тимови од нефролози и инфектолози за изведување специфични третман кај најтешките пациенти со инфекции од Ковид-19, а кај кои е поставена индикација за лекување со такананаречената цитокинска бура, според прифатените светски протоколи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во подготовка закон за високите раководители во управата – професионализација наместо партизација
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари работна средба со Петер Ваги, виш советник во OECD/SIGMA, на која беа разгледани клучните реформски процеси во областа на јавната администрација, со посебен акцент на подготовката на Законот за високите раководители на органите на државната управа и фондовите, како и на Закон за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ).
На средбата се дискутираше за принципите на професионализација, мерит систем, транспарентност и отчетност во именувањето и управувањето со високите раководни структури во државната управа, како и за потребата од јасно разграничување на надлежностите, унапредување на координацијата и зголемување на ефикасноста во функционирањето на институциите преку новото законско решение за организација и работа на органите на државната управа.
Министерот ја истакна важноста од континуираната експертска поддршка од страна на OECD/SIGMA во процесот на подготовка и усогласување на законските решенија со европските стандарди и добри практики.
„Реформата на јавната администрација претставува еден од нашите врвни приоритети. Со Законот за високите раководители поставуваме јасни, транспарентни и професионални критериуми за избор и одговорност на раководниот кадар. Нашата цел е администрација која работи во служба на граѓаните, заснована на знаење, интегритет и резултати“ истакна министерот.
Од страна на претставникот на OECD/SIGMA беше изразена подготвеност за натамошна поддршка, со цел обезбедување усогласеност со принципите на добро управување и европските административни стандарди.
Министерството за јавна администрација останува посветено на спроведување сеопфатни и одржливи реформи, насочени кон јакнење на институционалниот капацитет, департизација и зголемување на довербата на граѓаните во јавните институции.
Македонија
Забрана за камиони кај Стража поради снег
Од 17:00 часот е воведена забрана за тешки товарни возила на патниот правец Гостивар-Стража-Кичево и обратно.
Од АМСМ информираат дека забраната е поради обилни врнежи од снег и задржување на коловозот.
Македонија
Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Уставниот суд и Академија за судии и јавни обвинители
Денеска беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Уставниот суд и Академијата за судии и јавни обвинители, со цел унапредување на меѓуинституционалната соработка, размена на знаења и искуства, како и зајакнување на професионалните капацитети во областа на уставното право и правосудниот систем.
Со Меморандумот се предвидува организирање на заеднички обуки, семинари, конференции и други стручни настани, како и размена на експерти и едукативни материјали. Посебен акцент ќе биде ставен на унапредување на знаењата на идните судии и јавни обвинители во областа на уставно-судската практика и заштитата на човековите права и слободи.
„Откако сум претседател на Уставниот суд ова е трет Меморандум за соработка којшто го потпишуваме со институции на државата. Првиот беше со Правниот факултет, вториот со Здружението на правници. Очекувам најдинамична соработка со Академијата. Уставниот суд изминатите две години се соочи со природен одлив на промена на генерации. Стручната служба е р’бетот на Уставниот суд. Новата стручна служба има потреба од дополнителни знаења за да го достигне квалитетот што овој суд го имаше до пред две години. Токму во оваа насока го гледаме начинот на соработка, да нашите вработени од службата посетуваат предавања за доусовршување на Академијата. Но, идните кандидати за судии или обвинители може да имаат бенефит од знаењето и искуството кое уставните судии може да го пренесат, особено во примената на меѓународните права’, изјави претседателот Костадиновски.
Директорката на Академија за судии и јавни обвинители, Стрезовски, истакна:
„Денешното потпишување на Меморандумот претставува значаен чекор, поврзаноста на институциите подразбира партнерство, пред се’ во функција на владеење на правото. Можност на советниците на Уставниот суд да доаѓаат во Академијата а уставните судии да вршат обуки и предавања. За Академијата ќе претставува унапредување на наставните програми и обуки за примена на највисоките стандарди, изјави директорката Стрезовски.

