Македонија
Реновиран Центарот за дијабетес на Клиника за ендокринологија

Министерот за здравство, доц. д-р Венко Филипче, вчера ја посети Универзитетската клиника за ендокринологија, дијабетес и болести на метаболизмот, каде е извршена реконструкција на амбулантско-поликлиничкиот дел за прием на пациенти со дијабетес – Центарот за дијабетес.
„На Клиниката за ендокринологија комплетно реновиравме 5 дијабетолошки амбуланти, направена е посебна амбуланта за преглед на итни пациенти со ургентни дијабетолошки компликации. Исто така, отворен е кабинет за дијабетично стапало и опремен со термален скенер за стапало и дигитален биотензиометар – вибротест. Пациентите со дијабетес може да имаат сериозни и несакани последици од ковид-инфекција и затоа посебно се водеше сметка да се осовремени Центарот за дијабетес со цел спроведување на посебните протоколи кои се неопходни при преглед на амбулантски болни во услови на пандемија. Изминатиот период имавме сериозни инфраструктурни зајакнувања на здравствени установи кои и во услови на пандемија со Ковид-19 непречено продолжуваат, а таков е примерот и со оваа клиника“, истакна министерот Филипче по посетата на оваа установа.
Во оваа установа регулиран е протокот на болните, дефинирани се патеки на движење во согласност со протоколите за одржување ндистанца, сите амбуланти се опремени со UV-ламби со цел темелна дезинфекција на просторот.
,,Изминатиот период на клиниката целосно беа реновирани одделот за интензивна нега, дел од болничкото одделение и собата за изолација. За офталмолошкиот кабинет беше набавена фундус-камера, биомикроскоп за преглед на предниот очен сегмент и апарат за бесконтактно мерење очен притисок, а оваа јавно-здравствена установа е вклучена во интернационален проект од светски рамки за ран скрининг на компликации од дијабетична ретинопатија. Набавени се и два ехо-апарати за преглед на тироидна жлезда, за ендокринолошката амбуланта”, вели директорката на установата, д-р Саша Јовановска Мишевска.
Овие активности се дел од долгорочната стратегија за унапредување на услугите во јавното здравство и подобрување на условите за работа на здравствените работници. Со несмалено темпо продолжуваме да го подигнуваме нивото и квалитетот на здравствена заштита и значително да вложуваме во инфраструктурното зајакнување на установите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.
Македонија
(Видео) Според СДСМ, надворешната политика доживува дебакл

Андреј Жерновски од СДСМ, на денешната прес-конференција ја оцени надворешната политика на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ како дебакл без ниту еден успех.
Жерновски изјави дека, по една година владеење, Македонија се соочува со „сериозно влошена меѓународна позиција“, без напредок на европскиот пат, без нови инвестиции и со зголемена царина од страна на САД. Според него, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски не остварил ниту еден договор или резултат на дипломатски план.
СДСМ ја критикува и состојбата со дипломатската мрежа, која, како што рече Жерновски, е „разурната, партизирана и нефункционална“, а Македонија се наоѓа „на периферијата на демократскиот свет“.
Како посебно загрижувачка точка беше истакната и заканата, како што наведуваат од СДСМ, за можно бришење на македонскиот јазик од Извештајот на Европскиот парламент, што партијата го поврзува со актуелната надворешна политика на МНР.
Жерновски рече дека за време на владеењето на СДСМ бил обезбеден македонскиот јазик во официјални документи на ЕУ, вклучително и договорот со ФРОНТЕКС, без фусноти и дополнителни објаснувања.
„Тој успех денес е доведен во прашање поради вазалската политика на Муцунски и неговиот шеф Мицкоски“, рече Жерновски.
На крајот, порача дека СДСМ ќе продолжи да се бори за враќање на Македонија на патот на меѓународни успеси, европска иднина и заштитен идентитет и јазик.