Македонија
Руската амбасада изненадена од изјавите на министерката за одбрана, Славјанка Петровска

Од руската амбасада во земјата велат дека со изненадување ги следат изјавите што последниве денови ги дава министерката за одбрана, Славјанка Петровска, во однос на ситуацијата со Украина.
За руското дипломатско претставништво спорни се две изјави на министерката од 23 и 24 јануари, при што првиот пат посочила дека „поставувањето на вооружените сили од страна на Руската Федерација е провокативно и има дестабилизирачко дејствување“, а со втората изјава најавила „изготвување анализи за можностите за потенцијално учество“ на македонската Армија во случај на руска инвазија на Украина.
„Русија никогаш никаде не му се заканувала на украинскиот народ и нема намера да презема никакви агресивни дејства. Со други зборови, нема да извршиме напад, инвазија или да ја погодиме Украина. Во однос на руските трупи – тие се движат на сопствената територија и имаат целосно право на тоа.
Што се однесува до Украина, Киев продолжува тврдоглаво да ги избегнува своите обврски од договорите од Минск, кои вклучуваат, особено воспоставување директен дијалог со Донецк и Луганск, и внесување во Уставот посебен статус на Донбас. Доследно и целосно спроведување на пакет-мерките од Минск од 2015 година како безалтернативна основа за разрешување е неопходен услов за решавање на внатреукраинската криза“, посочуваат од руската амбасада во земјата.
Во соопштението се објаснува дека Русија гледа ризик во тоа дека Украина ќе стане поинтегрирана во НАТО, дури и без да добие формален статус на членка на алијансата.
„Тоа е она што директно влијае на безбедносните интереси на Русија. Постигнувањето пресврт во оваа ситуација е во фокусот на нашето внимание. Ова е основата на нашите предлози за обезбедување цврсти, правно обврзувачки гаранции за безбедност од страна на САД и НАТО“, посочуваат од руската амасада, од каде што изразуваат надеж дека министерката Петровска ќе ја земе предвид реалната состојба при поставувањето на приоритетите на Министерството со кое раководи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Повлекувањето на обвинението против Димитриевски е срам за правдата

Скандалозен е потегот на Основното јавно обвинителство Куманово, кое, само неколку дена пред завршните зборови во судска постапка, го повлекло обвинението против градоначалникот Максим Димитриевски без никакво објаснување, реагира СДСМ.
„Ова е скандал без преседан, класичен пример за партизирано судство и селективност“, изјави Соња Тодоровска, секретар на Општинската организација на СДСМ Куманово.
Според неа, станува збор за случај што бил воден повеќе од една година и се однесувал на злоупотреба на службена положба и нанесена штета од над 3 милиони денари, поврзано со издавање дозвола за градба. Од СДСМ обвинуваат дека обвинителството, без нови докази или промена на фактите, одлучило едноставно да се откаже од случајот.
„По чиј налог? Кој притискал, договарал и овозможил оваа фарса?“, праша Тодоровска, повикувајќи на итна истрага за одлуката и за мотивите зад неа.
СДСМ тврди дека ова е јасен показател за постоење на политички влијанија врз правосудниот систем, со цел прикривање на одговорност и заштита на поединци блиски до власта.
„Ова е срам пред правдата, направен во Куманово и уште еден доказ дека судството е под капата на ВМРО-ДПМНЕ и нивните сателити“, рече Тодоровска.
Партијата предупредува дека без независно обвинителство и непристрасно судство, нема ни правна држава, ниту доверба во институциите, нагласувајќи дека граѓаните заслужуваат вистинска правда, а не селективност.
Македонија
Мицевски: Кандидатот на СДСМ за градоначалник на Струмица се заканувал со гасење струја за гласови

Пратеникот и член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Јане Мицевски, остро ги критикуваше предлог-кандидатите на СДСМ за претстојните локални избори, оценувајќи дека партијата тргнува кон сигурен пораз со, како што рече, истрошени и дискредитирани личности.
„Наместо нови и вредни луѓе, тие повторно нудат истрошени фигури, проверени послушници на Заев и Филипче“, изјави Мицевски, додавајќи дека предложените кандидати немаат углед ниту поддршка кај граѓаните.
Како пример, Мицевски го посочи кандидатот за градоначалник на Струмица од редовите на СДСМ, Марјан Даскаловски, кој, според него, е симбол на притисоци, закани и злоупотреба на политичка моќ.
„Даскаловски под насока на Заев во 2014 година се заканувал со бркање од работа и гаснење на струја на ромски семејства ако не го дале гласот за СДС“, изјави Мицевски.
Тој додаде дека, иако лицата се менуваат, „матрицата останува иста“ – односно дека, според ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и натаму нуди кадри кои „сеат страв, се закануваат и го дестабилизираат општеството“.
Македонија
Алијансата за Албанците: Новата програма по историја е дискриминаторска

Алијансата за Албанците на Арбен Таравари реагира на новата наставна програма по историја за основно и средно образование, обвинувајќи ја Владата за дискриминација, фалсификување на историјата и исклучување на албанските експерти од процесот на изготвување на програмите.
„Во држава која се нарекува мултиетничка, исклучувањето на албанските историчари од работните групи за изготвување на наставните програми е институционален скандал и директна навреда за сите граѓани Албанци“, реагира партијата.
Алијансата наведува дека новата програма е изготвена на нестручен, тенденциозен и дискриминаторски начин, со што, како што велат, се избледува историскиот идентитет на Албанците и се минимизира нивниот придонес во балканската и европската историја. Меѓу посочените примери е и насловот „Илири и Дарданци“, кој според партијата е апсурден и ненаучен, бидејќи Дарданците се неразделив дел од илирското стебло.
„Ова не е обичен апел, туку силен повик за правда, еднаквост и достоинство во третманот на нашето заедничко минато“, порачуваат од Алијансата, повикувајќи го Министерството за образование итно да прекине со одобрување на учебници базирани на спорните програми и да обезбеди рамноправно учество на албанските историчари.
Партијата додава и дека ако историјата се искривува денес, иднината ќе се гради врз лаги.