Македонија
Само вчера казнети 170 возачи во Скопје
Министерството за внатрешни работи вчера продолжи со засилените акциски контроли во областа на сообраќајот.
На територијата на град Скопје изречени се вкупно 170 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 84 санкции, 11 за возење без возачка дозвола, пет за нерегистрирани возила.
Изречени се 45 санкции за прекршоци што ги чинат возачите на мотоцикли, три за користење мобилен телефон, две за некористење сигурносен појас и три санкции за непрописно паркирани возила.
Засилените сообраќајни контроли продолжуваат и во наредните денови. МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот и заедно да придонесеме за посигурни патишта.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Талески до Филков: Дали Министерството за правда има поднесено ново барање за екстрадиција на Никола Груевски
Пратеникот на СДСМ, Миле Талески, на денешната седница за пратенички прашања обвини дека одредени структури во Владата и во ВМРО-ДПМНЕ активно подготвуваат терен за враќање на Никола Груевски во Македонија и негова амнестија, дека политиките на актуелната власт се копија на матрицата на Груевски. Талески упати пратеничко прашање до министерот за правда, Игор Филков, дали Министерството за правда има поднесено ново, обновено барање за екстрадиција на поранешниот премиер и бегалец од правдата Никола Груевски.
„Во јавноста, но и во политичките кругови, интензивно се зборува за нешто што сериозно ја загрижува македонската јавност: дека одредени структури во Владата и во ВМРО-ДПМНЕ активно подготвуваат терен за враќање на Никола Груевски во Македонија и негова амнестија,“ истакна Талески.
Тој нагласи дека до него стигнале информации на луѓе блиски до актуелната власт, дека „постои план, сценарио за создавање клима во која бегалецот од правдата би се вратил во земјата.“
Во своето обраќање Талески предупреди дека политиките на актуелната власт се копија на матрицата на Груевски:
„Злоупотреба на државни институции во партиски цели, злоупотреба на полиција, АНБ, УЈП, инспекции. Напад врз независни институции, политичка хајка против опозицијата, меѓународна изолација, блокирани реформи – се само копија на матрицата на нивниот ментор Никола Груевски.“
Тој потсети дека „Мицкоски политички и идеолошки се формира по ликот и делото на Никола Груевски.
„Тој е неговиот политички ментор, неговиот учител, неговиот модел.“
Во таа насока, Талески праша дали Владата работи „тивко, под радар“ на сценарио за амнестија и намерно не поднесува барање за екстрадиција на Никола Груевски.
„Дали Министерството за правда има поднесено ново, обновено барање за екстрадиција на поранешниот премиер и бегалец од правдата Никола Груевски? Барам конкретен одговор со ‘да’ или ‘не’“ рече Талески.
Македонија
Мицкоски: Жал ми е што реформите во правосудството се сведуваат за пари, ако се прифатат покачувањата, државата ќе биде рекордер во светот
На денешната седница на Собранието посветено на пратенички прашања, премиерот Христијан Мицкоски одговараше на прашање посветено на темата за платите на вработените во правосудството, како дел од реформите во оваа област.
Мицкоски се осврна на предлозите за измени на законот според кои треба средствата за правосудството да се покачат на 0,8% од БДП за судовите и 0,5% за обвинителите или тоа е отприлика 1,5% од БДП.
„Следната година ќе имаме 20,5 – 20,6 милијарди долари БДП, тоа значи дека отприлика 260-270 милиони долари ќе треба да се обезбедуваат пари за судовите и за обвинителствата, или 3-4 пати повеќе од сега. Кога на тоа ќе се додадат расходите коишто се за редовна исплата на пензии, кога на тоа ќе се додадат редовните плати на администрацијата, кога на тоа ќе се додадат сѐ поголемите потребни трошења во Армијата и МО и кога на тоа ќе се додадат капиталните инвестиции и долговите поголеми од 2,2 милијарди направени во минатото, тогаш буџетот ќе треба да биде отприлика 8-9 милијарди евра на расходната страна или пак буџетскиот дефицит на биде 8-10% од БДП. Нормално тоа е невозможно“, рече премиерот Мицкоски и додаде дека кога се зборува за реформи треба да се зборува за суштина, а не за пари.
„Жал ми е што дебатата се сведува за пари. Тоа се реформите. Автономен буџет и пари. Тоа е првата теза, па откако видоа дека јавноста лошо реагира, еден мал дел којшто ги контаминира сите, одлучија да ја свртат тезата, па велат немаме основни средства за работа, компјутери, дактилографи, асистенти и слично. Второто надградено барање е дека плановите за вработување и унапредување требало да ги одобрува Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, а Владата само да ја информираат. Што е во ред. Тие се судска власт, ние сме извршна, ова е законодавна, сосема различни и тоа не е никаков проблем. Еве не треба дури ни да не информираат. Ќе им дадеме автономен буџет самите да го управуваат“, кажа Мицкоски, но забележа дека истите тие кои ги бараат овие реформи го доведоа правосудството во ситуација граѓаните да немаат доверба.
Според Мицкоски, ако се прифатат овие покачувања, тогаш државата ќе биде апсолутен рекордер во светот, односно 2,5 пати повеќе ќе одвојуваме од државата која одвојува најмногу. Според извештајот на Советот на Европа, Македонија во моментот издвојува 0,39% од БДП, а тоа е повеќе од просекот во земјите кои ги опфаќа Советот на Европа и 75% повеќе од земјите во ЕУ.
„Секој кој кажува различно или манипулира или не ја говори вистината, без разлика дали е надворешен дипломат или домашен експерт, политичар итн. Ова се бројки и факти, од кои 0,3% од БДП според тој извештај се одвојуваат за судовите. Албанија има 0,14%, Молдавија има 0,18 %, а ние „послабиве“ имаме 0,30%. Тоа е дупло повеќе. И тоа е повеќе и од просекот, кој 0,22% и од медијаната која е 0,19%. Кај Обвинителството треба да се поработи, ние сме 0,08%, а просекот е 0,09% од БДП. Ние прифаќаме да биде 0,1% да стои тоа во закон, минимум 0,1% од БДП. Ако се создадат услови, ако дозволува буџетското консолидирање кое ни го бараат меѓународните финансиски институции, ние немаме проблем повисоки плати да им дадеме. Еве малку се 3.000 евра, нека бидат 5.000“, посочи Христијан Мицкоски.
Тој потсети дека во СЈО тие обвинители добиваа плата 10 пати поголема од просечната, пишуваа дневници па сумата стануваше 20-30 пати поголема плата од просечната и сето тоа заврши спакувано во чанта од Луј Витон.
„Овие што требаше да бидат грации, борци на правдата, живот што ќе носеа, сето тоа го спакуваа со неколку милиони евра во една чанта од брендот Луј Витон. Така што, не било до парите, до нешто друго било.
Сакам јавно да кажам дека немаме проблем сѐ да прифатиме, пари немаме толку колку што бараат, бидејќи прво не заслужуваат малкумина, а второ, тоа коешто ќе го обезбедиме ќе биде сосема доволно за да имаат пристојни плати и многу пати повеќе од просекот“, заклучи Мицкоски.
Македонија
По вчерашното труење со храна во “Димо Хаџи Димов, вонредна инспекција во кујните на девет основни училишта во Карпош
Инспекциски тимови од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) денес, спроведуваат вонредни инспекциски контроли во кујните на 9 основни училишта во Општина Карпош со кои стопансисува истиот оператор со храна во чија сопственост е и централниот магазин кој се наоѓа во основното училиште “Димо Хаџи Димов” во Скопје и од каде се набавуваат репроматеријали за подготовка на храна, соопшти АХВ.
„Во рамки на превентивните вонредните контроли во овие училишта, каде нема деца кои појавиле симптоми на труење со храна, се земаат мостри од храна и од работните површини за лабараториско тестирање.
АХВ ги чека резултатите од тестирањата на земените примероци храна и од работните површини во рамки на вчерашната вонредна инспекциска контрола која заедно ја спроведоа инспектори за храна на Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот здравствен и санитеран инспекторат и Ценатрот и Институтот за јавно здравје“.

