Македонија
Само 10 фирми, за пет години добиле државни тендери за 1 милијарда евра, според истражувањето на Центарот за граѓански комуникации
Во последните пет години во земјава се склучени договори за јавни набавки во вкупна вредност од 5,8 милијарди евра, а 36 % од нив, односно 2,1 милијарда евра им припаднала само на 50 фирми. Само првите 10 фирми на врвот од оваа листа добиле тендери во вредност од 1 милијарда евра, според истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.

„Во листата на најголеми добитници на тендери се градежни компании, веледрогерии, дистирбутери на нафтени деривати итн. На дел од компаниите кои се на листата на 50 најголеми добитници на тендери, речиси целиот бизнис им почива на договори за јавни набавки.
Во првите 10 фирми се Марковски Компани Битола, Д-р Пановски, Пуцко Петрол, Алкалоид Конс, Енерџи Деливери Солушнс, Макпетрол, Илинден Струга, Гранит, Македонски телеком и Стентон Градба Битола.
Прворангираната фирма, Марковски Компани за 5 години има склучени вкупно 77 договори за јавни набавки во вредност од 151 милион евра. Дури 66 тендери им се склучени со државното претпријатие АД Електрани, во вредност од 141 милион евра.
Второпласираната Д-р Пановски во анализираниот петгодишен период има склучено 1.491 договор во вредност од 144 милиони евра.
Трета е Пуцко Петрол од с. Пласница со склучени 1.776 договори во вредност од 137 милиони евра.
Фирмите кои добиле најголема вредност на тендерите во изминатите 5 години, во најголем дел, се од земјава, и ним им припаднале 95 % од вредноста на тендерите. Само 5 % земале фирми од странство. Притоа, убедливо најголем удел имаат скопските фирми, а по нив битолските.
Според дејноста, дури 39 % од вредноста на договорите отпаѓа на градежништвото каде припаѓаат и договорите на АД Електрани за користење на механизација и работници за ископ на јаглен. На второ место се тендерите за набавка на лекови и медицинска опрема во вредност од 559 милиони евра и удел од 27 %. На трето се нафтените деривати со вредност од 297 милиони евра и удел од 14 %. Сите други фирми, согласно дејноста, имаат удел под 10 %.
Одредени компании во изминатите пет години имале поголема вредност на добиените тендери отколку вредноста на вкупните приходи што ги оствариле. Ова значи дека договорите се склучени, но побарувањата за нив или сè уште не доспеале или пак не се наплатени. Но, ова секако зборува дека бизнисот на овие компании целосно почива на јавните набавки“, се наведува во истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

