Македонија
Саранда Имери:„ Влен“ со ребалансот на буџетот обезбедува 30 милиони евра за албанските општини

„Коалицијата ВЛЕН со ребаланс на буџетот во рамки на определбите на Владата определи финансиска програма од 6 милијарди денари од кои значителен дел ќе бидат инвестирани само во албанските општини. Од овој вкупен износ од 6 милијарди денари, 1/3 или 30 милиони евра ќе биде наменети за општините со мнозинско албанско население до крајот на 2024 година“, рече Саранда Имери, пратеничка на коалицијата ВЛЕН, на денешната прес-конференција во Собранието.
„Оваа инвестиција е важен чекор за подобрување на инфраструктурата, јавните услуги и квалитетот на животот на граѓаните.
Оваа финансиска програма ќе вклучува различни развојни проекти насочени кон:
Подобрување на патната инфраструктура: Изградба и одржување на патишта за да се олесни циркулацијата и поврзувањето меѓу општините. Зголемување на квалитетот на образованието: Инвестиции во училишта, обука на наставниците за да се гарантира квалитетно образование за младите.
Подобрување на здравствените услуги: Опремување на болниците и здравствените домови со модерна технологија и зголемување на капацитетите за напредни здравствени услуги.
Економски развој: Поддршка за локални бизниси и нови економски иницијативи за стимулирање на создавање работни места и економски развој на регионот.
Заштита на животната средина: Проекти за зачувување и заштита на животната средина за да се гарантира одржлива иднина за идните генерации.
Оваа инвестиција ја одразува посветеноста на коалицијата ВЛЕН и Владата за поддршка и унапредување на животот на граѓаните во земјата.
Убедени сме дека овие проекти ќе имаат значително и позитивно влијание врз секојдневниот живот на граѓаните и ќе придонесат за сеопфатен развој на општините со албанско мнозинство.
Ги повикуваме сите граѓани и локални чинители да соработуваат во успешна реализација на овие проекти и да придонесат за градење подобра иднина за сите“, изјави Саранда Имери.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.