Македонија
СДСМ: Близок соработик на Мицкоски фатен со кокаин; ВМРО-ДПМНЕ: Толоманоски по пријавата е разрешен
Истакнат член на ДПМНЕ од Пештани и близок соработник на Мицкоски е фатен со кокаин, вели СДСМ.
„Како што информираше МВР, вчера на 9-ти декември во 2 часот и 55 минути е приведено лицето А.Т. заради поседување предмети со кокаин. Станува збор за Александар Толоманоски-Дандаро, близок на Мицкоски и градоначалникот Пецаков. Ова е вистинското лице на ДПМНЕ и кажува многу за какви луѓе станува збор.Очигледно има многу бело околу ДПМНЕ и Мицкоски а не само Белата палата!?“, велат од владејачката партија.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, враќаат: „Александар Толоманоски по пријавата од МВР за поседување на наркотични средства е веднаш разрешен од местото претседател на месниот комитет Пештани во Охрид“.
„Тој во најитен рок ќе биде и исклучен од партијата. Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков од директорката на училиштето каде Толоманоски работел ќе побара поведување на дисциплинска мерка за прекинување на работниот однос. ВМРО-ДПМНЕ остро се спротивставува за секое незаконско однесување и постапување без оглед на политичка, верска или било каква друга припадност“, реагираа од опозициската партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Над 19.000 сообраќајни прекршоци во февруари регистрирани преку „Безбеден град“
Во периодот од 1 до 28 февруари од страна на системот „Безбеден град“ на подрачјата на градовите и Коридорите каде се поставени камери, регистрирани се вкупно 19.066 прекршоци.
Од вкупниот број на регистрирани прекршоци најголемиот број се за управување на возило со брзина поголема од дозволената 18.172, потоа за минување на затворен сигнал (црвено светло) 220 прекршоци, а за управување со возило со измината важност на сообраќајната дозвола констатирани се 674 прекршоци.
Исто така, изречени се вкупно 653 мерки „забрана за управување со возило“, од кои 220 се за „минување на црвено светло“, а 433 се за „брзо возење“.
Гледано по седмици, најголем број на прекршоци се регистрирани во периодот од 02 до 08 февруари-4.991, а најмал во периодот од 09 до 15 февруари – 4.490, додека по денови најмногу на 28 февруари, а најмалку на 11 февруари – 377. Изминатиот месец дневниот просек изнесува 706 прекршоци.
Најголем дел од прекршоците се регистрирани на подрачје на град Скопје-12.073 или 63,3% од вкупниот број на регистрирани прекршоци. Значаен дел од прекршоците се регистрирани и на патните правци долж Коридорите 8 и 10-вкупно 5.702, а најмал број на подрачјето на СВР Тетово – 370 и останати локации-17 прекршоци.
МВР апелира до сите учесници во сообраќајот да се почитуваат сообраќајните правила и прописи за заеднички придонес за посигурни и побезбедни патишта.
Македонија
Интеграциите во ЕУ и управувањето со отпад во фокусот на средбата меѓу Хоџа и чешкиот амбасадор
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска се сретна со амбасадорот на Република Чешка во Република Северна Македонија, Јарослав Лудва. На средбата беше потврдена одличната билатерална соработка и пријателските односи меѓу двете земји, со акцент на можностите за нивно понатамошно продлабочување.
Министерот Хоџа изрази благодарност за континуираната поддршка што Чешката Република ѝ ја дава на Северна Македонија во процесот на пристапување кон Европската Унија, истакнувајќи ја и активната улога на чешката амбасада во Скопје во унапредувањето на соработката во областа на животната средина.
Во тој контекст, на средбата беше направен осврт и на заклучоците од последната седница на Мешовитата комисија за економска соработка, одржана во март 2025 година во Прага, како и на остварените контакти меѓу ресорните министерства. Се разговараше за квалитетот на воздухот, контролата на индустриското загадување и современите практики во управувањето со отпад, вклучително и искуствата од посетата на центарот за управување со отпад на градот Прага.
Македонија
„Визер“ привремено ги прекинува летовите кон повеќе дестинации на Блискиот Исток
Авиокомпанијата „Визер“ соопшти дека поради неодамнешната ескалација на безбедносната состојба во Иран ги суспендира сите летови кон и од Израел, Дубаи, Абу Даби, Аман и Саудиска Арабија, заклучно со 7 март.
Од компанијата информираат дека континуирано ја следат состојбата и се во постојан контакт со локалните и меѓународните власти, агенциите за безбедност во воздухопловството и други релевантни институции. Во зависност од развојот на ситуацијата, можно е да бидат донесени дополнителни оперативни одлуки и да дојде до измени во распоредот на летови.
„Визер“ наведува дека ќе ги информира патниците за сите очекувани промени што е можно поскоро. Патниците кои направиле резервација преку трети страни треба да се обратат директно до нив за дополнителни информации.
Од компанијата нагласуваат дека безбедноста и сигурноста на патниците, екипажот и авионите останува нивен највисок приоритет. Патниците со засегнати резервации ќе бидат директно контактирани со информации за достапните опции.

