Македонија
СДСМ: Борко Ристовски треба да си поднесе оставка за резил олимпијада и за хаосот во спортот

Македонија беше понижена, посрамотена и претставена како земја од 19-от век пред очите на меѓународната спортска јавност и тој резил со Младинската олимпијада е најголемиот дебакл во поновата спортска историја на државата, велат од СДСМ.
„Не е само катастрофалната организација, катастрофални се и резултатите на македонските спортски федерации, кои го одразуваат општото пропаѓање на спортот со оваа Влада и Ристовски како министер.
И додека најгордата Влада немала пари за соодветно сместување, вода, превоз, храна, клима-уреди и достоинствени услови за олимпијците имала за ПР и маркетинг!
Вработени во ПР-компанијата „ИДЕА Лаб“, чиј сопственик е близок до ВМРО-ДПМНЕ, добиле бизниси поврзани со олимпијадата, од маркетинг до менаџмент на социјални медиуми.
Значи има пари за ПР ама нема за основни услови за спортистите. Срамно и бедно.
Човекот кој пред неколку месеци ја убедуваше јавноста дека ќе организира „најдобра Младинска олимпијада во светот“ не може да побегне од одговорноста.
И не е само резил олимпијадата. ВМРО-ДПМНЕ и Борко Ристовски го деградираа и целосно го запоставија македонскиот спортот.
Намелена е поддршка на спортот на историски најниско ниво. Наместо 15 милиони евра субвенции, со ребаланост на буџетот поддршката се намали на само 6,7 милиони евра – најмалку досега.
Секој клуб, секоја федерација, секој спортист добива 40% помалку директна поддршка.
И сè уште нема отчет како се распределуваат тие пари.
Борко Ристовски е министер кој стана капитен на распадот во македонскиот спорт.
На Ристовски му стана поважна министерската фотелја отколку принципите по кои некогаш настапувал. Денес не ги поддржува спортистите, туку ги брани интересите на своите партиски шефови.
Бараме неотповиклива оставка од Борко Ристовски – веднаш!
Не само поради скандалот со Младинската олимпијада, туку и поради системското уназадување на македонскиот спорт. Одговорност мора да има!“, стои во соопштението на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Регионална иницијатива за превенција од пожари на Западен Балкан

Во услови на зголемени ризици од пожари, започна регионална иницијатива за подигање на свеста за управување со пожари на ниво на предел во земјите од Западен Балкан. Иницијативата, поддржана од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, има за цел да го поттикне интегрираното и одржливо управување со екосистемите, наместо традиционалниот пристап што се фокусира исклучиво на гаснење.
Пожарите оставија сериозни последици врз природата, економијата и животот на граѓаните, а над 90% од нив се предизвикани од човечка невнимателност — факт што укажува дека превенцијата е клучна.
Преку интерсекторска соработка, јакнење на локалните капацитети и активности на терен, иницијативата тежнее да создаде предели и заедници отпорни на пожари.
„Природата е наша заедничка одговорност. Со здружени напори можеме да постигнеме нула пожари предизвикани од човечки фактор,“ велат од Министерството.
Македонија
Гром го предизвикал пожарот во велешката фабрика, велат од „Мирана“

Удар од гром е причината за пожарот што синоќа избувна во дел од производствениот погон на „Биокосмос“ во Велес, информираат од компанијата „Мирана“ преку официјално соопштение.
Од ударот се оштетени дел од просториите на „Биокосмос“ и, како што посочуваат од таму, тие привремено ќе бидат надвор од употреба додека не се санира штетата.
Фабриката „Мирана“, која се наоѓа во истиот индустриски комплекс, не била зафатена од пожарот и производствениот процес таму продолжува непречено.
Во пожарот нема повредени лица.
Центарот за управување со кризи, претходно денес информира дека пожарот бил целосно локализиран рано утрово, околу 4 часот. Според информациите на ЦУК, огнот зафатил магацински простор со фрижидери и канцеларии со документација, а на неколку места сè уште се забележува слабо чадење.
Иако пожарот е ставен под контрола, службите сè уште се на терен за да спречат повторно разгорување, со оглед дека на одредени локации сè уште се јавуваат чадења.
Македонија
(Видео) Едниот качен на хауба, друг вози без дозвола – поднесени пријави за скопјаните кои дивееа низ улиците

Министерството за внатрешни работи поднесе пријави против двајца млади скопјани, откако на социјалните мрежи се појави видео од опасна и непромислена „возачка забава“ по скопските булевари.
Во видеото се гледа како едно лице стои на хаубата од автомобил во движење, а возачот, покрај тоа што управува без дозвола, вози и без регистарски таблици. Станува збор за 20-годишниот С.З. и 19-годишниот Р.Ѓ., двајцата од Скопје. Против нив се покренати поднесоци по неколку основи, вклучително и управување без возачка дозвола, загрозување на сопствената и туѓата безбедност, како и дозволување управување на лице без дозвола.
Од МВР информираат дека лицата биле веднаш повикани на службен разговор, а полицијата презема и дополнителни активности за целосно расчистување на случајот.