Македонија
СДСМ: Данела Арсовска ги остави скопјани без помош за парното греење

„Во време на енергетска криза Данела Аровска не презеде ништо и сами ги остави скопјани. Наместо да направи нешто или барем да понуди некакво решение, ВМРО-ДПМНЕ секој ден шири едни исти лаги, а не прави ништо.
За разлика од таквиот неодговорен однос на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ преку Владата и инситуциите што ги предводи презеде навремени и ефикасни мерки за надминување на енергетската криза и заштита на стандардот на граѓаните.
Откога Данела Арсовска ги остави скопјани сами да се справуваат со кризата за топлинска енергија, од денеска АД ЕСМ ги преземе управувањето со БЕГ, граѓаните ќе имаат топли радијатори три часа повеќе од претходно.
7.500 семејства ќе добијат субвенции за сметките за електрична енергија, а Владата подготвува нов пакет-мерки за помош на граѓаните и стопанството.
Очигледна е разликата меѓу одговорното управување со институциите од страна на СДСМ и неработењето на кадрите од ВМРО-ДПМНЕ“.
Соопштение на СДСМ
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Тренчевска: Грижата за ранливите категории е високо на нашата агенда

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска при посетата на Општина Берово, беше во посета на установи од социјална заштита кои се во надлежност на Министерството за труд и социјална политика.
Заедно со градоначалникот на Општина Берово, Звонко Пекевски и поранешната министерка Јагода Шахпаска, го посетија Домот за стари лица д-р Иван Влашки – Берово каде што во моментот се сместени 37 корисници. Капацитетот на домот се прошири за 10 легла во 2021 година со отворање на третата ламела. Поради големата заинтересираност и реалната потреба на старите лица за згрижување во дом, направен е проект за објект – четврта ламела со тоа што би се зголемил капацитетот за уште 28 легла, информираа од министерството.
„Грижата за ранливите категории на граѓани, вклучително и старите лица е високо на агендата на Владата на Република Северна Македонија и Министерството за труд и социјална политика. Преку унапредување на правата и услугите кои произлегуваат од системот на социјална заштита обезбедуваме поголема грижа и задоволување на потребите на највозрасните граѓани во нашата држава,“ рече Тренчевска.
Таа го посети и малиот групен дом во Берово, отворен во 2009 година како организациона единица на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа Берово а во него се сместуваат деца без родители и родителска грижа. Тој е прв од таков вид во нашата држава. Во моментов во него се згрижени четири деца , а за нив се грижи тим од 3 стручни лица (едукатори) и две негователки.
Посетата на Берово беше заокружена со средбата со вработените во Центарот за социјални работи што воедно беше можност за разговор во врска со правата и услугите од социјална заштита, и нивната успешна испорака до оние граѓани на кои поддршката им е потребна, соопштија од кабинетот на Тренчевска.
Македонија
Пендаровски на пречекот на трофејот на Светското првенство на ФИФА

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на промотивниот настан за пречекот на ФИФА трофејот, во рамки на глобалната турнеја во пресрет на Светското фудбалско првенство, коешто ќе се одржи од 21 ноември до 18 декември оваа година во Катар.
Пендаровски го оцени како фудбалска историја доаѓањето на славниот трофеј меѓу македонските навивачи и вљубеници во фудбалот, во присуството на бразилската фудбалска легенда Жилберто Силва.
Пендаровски упати благодарност до организаторите за можноста и честа Северна Македонија да биде една од земјите домаќини на овој значаен спортски трофеј, информираа од неговиот кабинет.
„Нема поголемо задоволство, не само меѓу љубителите на фубалот и спортот, дека еден ден во блиска иднина, наместо претседателот на државата да го има во раце овој трофеј, капитенот на нашата фудбалска репрезентација да го крене високо и да го имаме постојано во просториите на ФФМ”, порача Пендаровски.
Македонија е меѓу 51 држава опфатени со промотивната турнеја, во која се вклучени и сите 32 земји-учеснички на Светското фудбалско првенство во Катар.
Македонија
Петровска со синдикатите – се усогласувале измените за подобар Закон за служба во Армијата

Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска во Домот на Армијата во Скопје оствари заедничка средба со претставниците на Независниот синдикат на одбраната, Синдикатот на одбраната и безбедноста, Независниот синдикат на професионалните војници на Македонија, Независниот синдикат на професионални војници – СО, и Иницијативниот одбор на армиските пензионери, на која беше постигната согласност околу предлог измените на Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија.
„Заедно сме обединети за иста цел. Преку интензивните дискусии што ги имав со вас дојдовме до предлози кои значајно ќе ги подобрат правата на нашите припадници, како што се усогласување со минималната плата, а тоа значи линеарно зголемување на платите на активниот воен и цивилен персонал, правото на остварување на пензија ќе биде со навршување на 40 години работен стаж односно 38 за жените без оглед на возраста, а ќе се изврши и нова пресметка за активниот воен и цивилен персонал кој правото на пензија го стекнал од денот на формирање на Армијата во висина од 80% во текот на најповолните десет години од пензискиот стаж“, рече Петровска.
Во однос на отпремнината како можност за професионалните војници со навршени 45 години возраст, во износ од 1000 евра за секоја година помината во Армијата, новиот предлог согласно барањето на Синдикатите е износот да биде две просечни плати но не помалку од 1000 евра, со што е оставен простор за повисок износ.
До предлагањето на измените на Законот на барање на Синдикатите, Министерството за одбрана се обврза да ја провери можноста правото за земање отпремнина да се прошири на професионалните војници со навршени 45 години кои се задржани како помошно технички персонал во Министерството, и да утврди дали условите за пензионирање на припадниците на Армијата може за важат за војниците распоредени по навршувањето на 45 години во други институции.
Дополнително министерката Петровска презеде обврска да отвори уште една можност за професионалните војници со навршени 45 години – тие да бидат дел од реформата на Системот за управување со кризи, да бидат опфатени со Законот за критична инфраструктура и Законот за вработени во МО.
Предлог измените и дополнувањата на Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија беше повлечен од страна на министерката Петровска со цел да биде дополнет и доставен до Собранието како заеднички производ, креиран преку еден инклузивен процес на Министерството, Генералштабот и синдикатите на одбраната.