Македонија
СДСМ: Два нови капитални објекти за граѓаните, систем за наводнување во Ранковце и градинка во Крива Паланка

СДСМ и институциите што ги предводи со вложувања во инфраструктруата, во капитални објекти од големо значење за граѓаните, ги унапредуват условите за живот и работа, за подобрување на стандарот на населението. Во употреба е пуштен Системот за наводнување „Славишко поле” во општина Ранковце, со кој ќе се наводнуваат 200 хектари обработливо земјоделско земјиште, се вели во соопштението од СДСМ.
Од партијата додаваат дека со овој организиран и модерен систем за наводнување, земјоделците во текот на целата година ќе имаат достапна вода за наводнување на земјоделските посеви и можност за значително зголемување на земјоделското производство, што е од особено значење во овој период на криза.
Со системот за наводнување „Славишко поле”, кој е изграден со финансиска поддршка од Европската Унија, во вредност од близу 1,8 милиони евра, како дел од проектот на ИПА, нема да има загуби на вода што е од исклучително значење заради заштита на животната средина и на обновливите извори на енергија.
Како што наведуваат од СДСМ, приоритет за нив е грижата за децата, како влог за иднината на нашата држава. За пет години се изградени, реконструирани и доградени 69 детски градинки низ целата држава, со што опфатот на деца се зголеми за 4.300.
Со проширување на градинката Детелинка во центарот на Крива Паланка се обезбедува предучилишно образование и воспитание на уште 102 деца, со што вкупниот капацитет се зголемува на 200 деца.
Проширувањето на градинката е реализирано со средства од Министерството за труд и социјална политика, преку проект на Светска Банка и дополнителни средства од општината, а објектот е целосно енергетски ефикасен.
Освен во објекти, во изминатиот период се вложува во јакнење на капацитетот на стручниот кадар во детските градинки, решен е недостигот на вработени во предучилишните установи, преку обезбедување на решенија на неопределено време за над 2.000 воспитувачи.
Платите на вработените во градинките од 2017 година се зголемени за вкупно 36 отсто, а со ребалансот на Буџетот се обезбедени средства за повисоки плати во образованието.
СДСМ и во услови на светска економска криза продолжува со вистинска грижа за граѓаните и стопанството, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.