Македонија
СДСМ: Доста беа врти-сучи изјави, Мицкоски пред лидерската да каже: ЕУ или Левицата

„По 17 години чекање, нашата држава ги започна преговорите со ЕУ и има историска шанса за брз напредок во евроинтеграциите.
Потребно е да го продолжиме европскиот пат и да реализираме уште една стратешка цел.
Откако скрининг процесот што се води на официјален македонски јазик, наскоро ќе заврши, ќе следува и отворање на првите поглавја во преговорите со ЕУ.
За тоа се неопходни потребните структурни реформи што започнуваат со уставните измени.
Одговорност на сите 120 пратеници, но и на сите политички субјекти, вклучително и на Христијан Мицкоски е да дадат придонес во овој важен државнички процес.
Изборот е јасен: Или напредок и интеграција во ЕУ или стагнација и изолација во прорускиот блок.
Но Мицкоски бега и не носи одлука дали е за ЕУ или е за останување под заложништво на проруската Левица.
Доста беа врти – сучи изјави на Мицкоски, тој мора да излезе пред граѓаните и јасно да каже: Дали е за ЕУ или е за Левица.
Денес, откако по 17 години чекање конечно ги почнавме преговорите со ЕУ, откако ги надминавме сите пречки, не смееме да дозволиме самите себеси да си го блокираме патот кон Европската Унија.
Членството во ЕУ е национална стратешка цел и обврска и одговорност на сите политички субјекти е остварување на таа цел“.
Соопштение на СДСМ
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Џафери поднесе Предлог Деловник за работа на Собранието

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, го поднесе во редовна собраниска процедура Предлог Деловникот за работа на Собранието, кој што е производ на повеќегодишна посветена работа на учесниците во процесот на Дијалогот Жан Моне кој што е заеднички процес на Европскиот Парламент со Собранието.
Во Предлог Деловникот е предвидено одредбите да почнат да се применуваат од наредниот пратенички состав што всушност придонесе многу во донесувањето на непристрасни решенија со консензус и за пратениците од власта и за пратениците во опозиција.
Предлогот е веќе доставен до пратениците во писмена и во електронска форма а ќе биде предложен за прво читање како дополнение на дневниот ред на 127. пленарната седница закажана за 3 октомври 2023 година.
Македонија
Doctor Sauer ZOO Fest во Скопје ЗОО

Оваа сабота, со почеток од 12 часот, Скопје ЗОО прославува 97 години од постоењето како најстара зоолошка градина на Балканот.
„На Doctor Sauer ZOO Fest ве очекуваат жонглери, акробати, едукативна работилница и слатки задоволства – подароци за најмалите посетители. Се гледаме во 12 на Халки-бината во Скопје ЗОО“.
Македонија
Посебен сообраќаен режим утре во Скопје поради велосипедската трка

Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека утре (сабота), со почеток од 15 часот, поради одржување на велосипедската трка „Куп на град Скопје 2023“, ќе биде спроведен посебен сообраќаен режим на подрачјето на град Скопје.
Трасата на движење ќе почне на улицата Димитрије Чуповски кај Порта „Македонија“, право по улицата 11 Октомври кон зградата на Собранието до крстосницата со улицата Филип Втори Македонски, па лево по улицата Филип Втори Македонски до влезот на Градскиот трговски центар, потоа се поминува под Градскиот трговски центар и се доаѓа до Порта „Македонија“, каде што се продолжува право по улицата Димитрие Чуповски сè до крстосницата со улицата Даме Груев кај ТЦ „Палома Бјанка“ и назад по улицата Димитрие Чуповски сè до стартно/целната позиција.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот, при што сообраќајот ќе се пренасочува на околните сообраќајници. MВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници на сообраќајниците на кои ќе се одвива трката.