Македонија
СДСМ: Истрагата за Кочани е фарса под команда на ВМРО-ДПМНЕ и Тошковски

„Истрагата за најголемата трагедија во историјата на Македонија, која требаше и мораше да донесе правда, се претвори во фарса. И по проширувањето на истрагата, едно е јасно: не се бара никаква одговорност од оние што кобната ноќ беа на функција во МВР, но и други институции кои морале и и имале должност да го превенираат настанот“, велат од СДСМ.
„Вечерта на трагедијата, постоеле дежурни началници во ОВР Кочани, СВР Штип и БЈБ. Тие имале директна надлежност. Имало полицајци на лице место – виделе сè: малолетници, пиротехника, хаос и премолчеле, не презеле ништо иако знаеле и за настанот и за тоа што се случувало таму. Трагедија е што денес никој од нив не е ни осомничен за настанот.
Ова е селективна правда на ВМРО-ДПМНЕ во која Тошковски ги штити своите и оние кои тој ги поставил на функциите.
Да биде уште поцинично – дозволата за пиротехника, која е директна причина за пожарот, паѓа под МВР. Значи – пропустите на системот и превенцијата се целосно кај МВР и актуелното раководство од кое нема ниеден осомничен.
Тошковски со ваква истрага ги доуништува семејствата на загинатите. Трагедијата ја претвора во уште поголема трагедија.
СДСМ прашува гласно и јасно:
Зошто никој од актуелните полициски раководители не е предмет на истрага?
Зошто се гонат функционери кои тогаш воопшто не биле надлежни, а не оние што таа вечер требало да спасуваат животи?
Ова е класичен случај на политичко прикривање. Тошковски си ги штити своите. А јавноста гледа како трагедијата се претвора во уште поголема неправда.
СДСМ нема да дозволи оваа лага да стане вистина. Ќе се бориме за целосна и неселективна одговорност. Без разлика на функцијата, без разлика на партиската книшка.
Правда за Кочани значи одговорност за сите – особено за оние кои имале можност да спречат, а не мрднале со прст“, се наведува во соопштението на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево и топло време за Велигден

Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд и услови за појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 11, а максималната ќе достигне од 19 до 23 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот ќе има врнежи од дожд и услови за појава на ретки грмежи. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 23 степени.
До петок ќе се задржи променливо облачно и нестабилно време со повремени локални врнежи од дожд, наместа поројни, проследени со појава на грмежи и засилен ветер. Во деновите од викендот времето ќе биде стабилно, сончево и топло.
Македонија
Антикорупциска со низа замерки за Законот за угостителска дејност

Државната комисија за спречување на корупцијата утврди низа пропусти во законите за угостителска дејност,инспекциски надзор и законот за заштита и спасување. Од таму бараат измена и ревизија, а ова доаѓа по катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Меѓу слабостите е уписот на физички лица во Регистарот за вршење угостителска дејност без претходна проверка од надлежен орган за исполнетоста на минимално техничките услови и постапката и условите за давање лиценца
ДКСК утврди слабости и кај казнивоста односно висината на казните не е сразмерна со тежината на можните последици особено кога прекршувањата се однесуваат на заштитата на животот, здравјето и безбедноста на луѓето.
Според антикорупционерите, исто така, неопходно е прецизирање на законските членови со кои се уредува издавањето лиценци за угостителските објекти, бидејќи според нив има недоречености, нејасни правила, судир меѓу законите и недозволени дискрециони овластувања.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје

СВР Скопје ги известува граѓаните дека утре, 16 април, со почеток во 20.00 часот поради одржување на меѓународен фудбалски натпревар на Националната арена „Тодор Проески“, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот на улиците околу арената.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите што ќе ги даваат полициските службеници.