Македонија
СДСМ: Митески по стапките на Муцунски, ништо од ветената модернизација на училиштата во Аеродром
Четврта учебна година по ред основните училишта во Аеродром немаат ни М од модернизацијата што Муцунски ја вети како еден од топ седумте приоритети на неговата градоначалничка програма, велат од СДСМ Аеродром преку допис до медиумите.
„Таблет за секое дете од прво до деветто одделение, ветуваше Муцунски, веднаш по почетокот на мандатот. Наместо тоа, таблет уреди добиваат само четврто одделенците веќе трета година по ред.
Три генерации полуматуранти од Аеродром го завршија основното образование од 2022 до денес и трајно ја пропуштија шансата да ги добијат ветените таблет уреди.
И учениците кои го започнаа деветтото одделение годинава ќе останат без ветените таблет уреди.
Новиот в.д. градоначалник Дејан Митески продолжи по стапките на Муцунски и повторно оваа година обезбеди таблети само за учениците од четврто одделение.
Модернизацијата на училиштата требаше да опфати и поставување на паметни табли во секоја училница, со цел да се овозможи комбинирана настава и дигиталното учење.
Ова не се единствените нереализирани ветувања од програмата на Муцунски и ВМРО ДПМНЕ, поврзани со училиштата во Аеродром.
Недостасува и поставувањето на енергетско ефикасни фасади во сите училишта.
Сите училишта требаше да добијат и пристапни лифтови за децата со попреченост. Програмата на Муцунски предвидуваше и набавка на две возила за лица со попреченост кои ќе бидат на располагање на училиштата.
Никогаш не се случи ветената доградба и надградба на училиштето Ѓорѓија Пулевски, а почетокот на надградбата на училиштето Блаже Конески доцни цели 2 години.
Ветената нова гимназија во Аеродром ја нема ни во планската документација.
Никогаш не беа доделени ни ветените стипендии за талентирани ученици во износ од 30.000 денари годишно.
Праксата на изложување на родителите на бројните дополнителни трошоци за средства за хигиена, хартија, тонери, принтери и други непредвидени материјали, никогаш не престана иако Муцунски се пофали дека ги укинал сите дополнителни трошоци за родителите.
За ова ли Тимчо Муцунски е „евакуиран“ во новата министерска фотеља?
За ова ли се брзаат измените на законот за локална самоуправа да се донесат по скратена постапка, со поддршка на ДУИ, за ДПМНЕ да избегне соочување со револтот на граѓаните на избори?
Трпението на граѓаните е при крај, а нивните реакции се оправдани и реални“, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.

