Македонија
СДСМ: Мицкоски, ако имаш докази повели објави ги, престани да ловиш вештерки
„Откако дојде на власт, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ секојдневно ја замајуваат јавноста со некакви индиции за криминал од претходната Влада без да понудат никаков доказ или да поднесат некакво обвинение“ велат од опозициската СДСМ.
Од партијата пишуваат „Мицкоски не може да разбере дека веќе не е во опозиција туку е на власт и ваквите обвинувања без никакви докази предизвикуваат потсмев во јавноста. Тој со празни обвинувања сака да лови вештерки и да ја прикрива неспособноста и скандалите кои не прекинуваат да ја газат неговата хаотична Влада“.
„На Мицкоски имаме да му порачаме само едно: Ако имате докази, изнесете ги. Фактите нека зборуваат сами за себе на суд и секој кој се огрешил нека одговара. Толку е едноставно. Дотогаш, вашата шуплива реторика служи само за да го одвлече вниманието од клучните прашања кои ги засегаат граѓаните. Теми и проблеми на кои вие потфрливте за само еден месец. Граѓаните заслужуваат влада која работи за нив, а вие потфрливте толку силно што и вашите поддржувачи се во шок и ова добро го знаете.
Континуираната кампања за оцрнување организирана од премиер на држава е само потврда за неспособноста на тој премиер да понуди решенија за проблемите.
Владеењето на ВМРО-ДПМНЕ досега е само театар на обвинувања за да се прикријат скандалите со луксузирања, неспособноста да се справи со пожарите, газењето по работниците и нивните плати, задолжувањето до гуша на крајно сомнителен начин, криминалот со подароци од стотици илјади евра. Листата нема крај, затоа ова ќе ве однесе во ендек“ е стои во партиското соопштение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Приватните превозници задоволни од предлогот за зголемување на цената по километар, се очекува од понеделник да се вратат во сообраќај
Советниците од ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје и приватните превозници се договорија за повисока цена за изминат километар.
Координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје, Мартин Стојановски, објави дека предложиле цената по километар од 70 да се зголеми на 100 денари, од први декември до мај следната година. Напомена и дека зголемувањето нема да значи зголемување на цената на билет што ја плаќаат граѓаните.
Стојановски очекува утре или задутре да се одржи вонредната седница и заедно со останатите советници да го изгласаат предлогот.
Претставникот на приватните превозници Јовица Зафировски по средбата изрази надеж дека од понеделник, наместо блокади, тие ќе возат на скопските улици.
„Треба да видиме дали ќе ни се исплатат средствата, да видиме што ќе каже Градот во однос на ова и кога ќе ја направиме консултацијата, ќе донесеме одлука од кога ќе почнеме да возиме. Се надевам дека од понеделик наместо блокади, ние ќе бидеме на скопските улици и ќе бидеме на сервис на градот Скопје“, додаде Зафировски.
Предлогот на советниците на ВМРО-ДПМНЕ, за Зафировски е одлична времена мерка, а очекува во иднина да се изгласа трајно решение.
Приватните превозници вчера и денес не сообраќаа во знак на револт откако на седницата на Град Скопје не беше разгледно нивното барање за зголемување на таксата по километар.
Македонија
Министерката Божиновска на средба со британскиот комесар за трговија за Европа, Крис Бартон, и амбасадорот Метју Лосон
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денес оствари средба со британскиот комесар за трговија за Европа, г. Крис Бартон, како и со британскиот амбасадор во Северна Македонија, г. Метју Лосон.
На средбата се разговараше за можностите за зголемена соработка, особено во енергетскиот сектор, со акцент на исполнување на заедничките цели за енергетска стабилност, независност и зелена енергетска транзиција.
Министерката Божиновска го истакна значењето на британската поддршка и посочи дека нашите цели се модернизацијата на енергетската мрежа, подобрувањето на капацитетите за складирање електрична енергија и унапредувањето на обновливите извори на енергија. Од британска страна беше потенцирана подготвеноста за вложувања и поддршка на реформите во енергетиката, како дел од заедничките заложби за намалување на емисиите на штетни гасови и обезбедување на одржлива енергија.
Бартон, кој ја посети Македонија по трет пат, ја нагласи важноста на партнерството меѓу двете земји, додека амбасадорот Лосон истакна дека Велика Британија и Македонија веќе успешно соработуваат во неколку клучни области, а енергетиката е стратешки приоритет за понатамошно продлабочување на односите.
Оваа средба претставува значаен чекор кон отворање нови можности за инвестиции и зајакнување на билатералните односи меѓу Македонија и Велика Британија, со цел градење стабилна, независна и зелена енергетска иднина.
Македонија
Битиќи: Владата ја занемарува правичноста во зголемувањето на платите
Владата да обезбеди правичност и системски пристап во зголемувањето на платите на работниците, порача пратеникот од СДСМ, Фатмир Битиќи, поставувајќи пратеничко прашање до министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.
Посочувајќи на контрадикциите во предложениот Буџет за 2025 година, Битиќи истакна дека бруто платите за 359 вработени во Владата се предвидени да се зголемат за речиси 54%, од 90.488 денари на 137.226 денари, со нето просечни плати кои ќе достигнат 90.000 денари. За вработените во новоформираното Министерство за енергетика, се предвидува просечна нето плата од 105.000 денари.
„СДСМ и идеолошки а и принципиелно секогаш е за зголемување на платите и го поздравува секое унапредување на правата на работниците и работничките – но не’ зачудува тоа што за вработените во Собранието е предвидено е намалување на платите, што дополнително отвора прашања за принципите на правичност и усогласеност при планирањето на буџетот“, рече Битиќи.
Битиќи истакна дека за јавноста е клучно да разбере како Владата ги дефинира приоритетите при планирањето на буџетот и кој е принципот што води до овие големи разлики во пристапот кон различни категории на вработени. Притоа тој потсети дека Владата го отфрли предлогот на СДСМ за зголемување на минималната плата на 450 евра, што ќе овозможеше подобрување на животниот стандард на над 22.000 работници.
„Кои се принципите што ги следите во распределбата на јавните средства и планирањето на платите? Како се осигурува правичноста и транспарентноста при дефинирањето на приоритетите, особено кога гледаме големи разлики помеѓу различните сектори? Како Владата планира да обезбеди системски мерки кои ќе го подобрат стандардот на сите граѓани, а не само на одредени категории во јавниот сектор?
И чуму ваков, ад-хок пристап на зголемување на платите на неколку институции, наместо изнаоѓање на системско решение“, праша пратеникот Битиќи и појасни дека како пример треба да се земе Општиот колективен договор за јавниот сектор, во кој минатата година заедно со Сојузот на синдикатите на Македонија се поставија основите за просечната плата да биде „коефициентот 1“ за платите во јавниот сектор од јануари 2025-та година.