Македонија
СДСМ: Мицкоски брани криминал, нелегалната аболиција на Иванов мора да се затвори
СДСМ се бори правдата да биде задоволена, граѓаните очекуваат правда, само за Христијан Мицкоски правдата е нејасна или е грешка, велат од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија преку соопштение.
„Сè е јасно, нелегалната аболиција на Иванов мора да се затвори и да се обезбеди одговорност пред законите за сите што ги прекршиле. Во името на заштитата на правдата СДСМ ги повика сите пратеници од сите парламентарни партии, пред сè, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, да го поддржат барањето за автентично толкување на членот 11 од Законот за помилувањето. Мицкоски треба да ги повика пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да го поддржат барањето на СДСМ за да се затвори нелегалната аболиција. Потоа може да се дискутира и за други предлози“, велат од СДСМ.
Социјалдемократите оценуваат дека последните скандалозни случувања во правосудството јасно покажуваат дека и зад најавите од Уставниот суд стојат структури на ВМРО-ДПМНЕ“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кисела Вода, Сопиште и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00-13:00 часот дел од улицата Архитект Сотир Томовски, општина Кисела Вода;
· од 09:00-11:00 часот корисниците од село Гврлево, општина Сопиште;
· од 09:00-15:00 часот корисниците на ул. 101 во населба Волково, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Без вода денеска дел од Бутел
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно, во утринските часови повремен локален дожд, а во текот на денот кратки сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно, во утринските часови со повремен локален дожд, а во текот на денот со кратки сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од дожд и снег. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено во утринските часови и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во почетокот на новата седмица врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и на некои од повисоките места.

