Македонија
СДСМ: Јавното обвинителство и МВР не одговараат на нашите прашања
Кој е Бране Петрушевски да одговара на прашања упатени до МВР и Јавното обвинителство, прашува СДСМ.
„Скандалозно е ова што го прави власта. Поминаа два дена од поставените легитимни прашања на СДСМ кон МВР и Јавното обвинителство, а досега одговори нема.
Дали актуелните командири, инспектори и раководството на БЈБ и МВР во ОВР Кочани и СВР Штип – кои биле одговорни по закон да го обезбедат настанот – се изземени од истрагата?
Дали е точно дека сите седум вработени во МВР кои се приведени, не биле на функции вечерта на трагедијата?
Како е можно да не се истражуваат лица кои вечерта биле на одговорни позиции со законска должност да постапат – но не го сториле тоа?
Зошто актуелниот директор на ДПИ, Влатко Стојкоски не е опфатен со истрагата?
За овие легитимни прашања молчи Јавното обвинителство, молчи МВР, во нивно име одговара ДПМНЕ.
Тоа што наместо институциите одговара партијата ДПМНЕ уште повеќе ги подгрева сомнежите за селективна правда и политички манипулации со случајот.
Селективната правда не е никаква правда. Граѓаните очекуваат неселективна правда и одговорност од сите!
А ДПМНЕ нема што да одговара во името на институциите“, се вели во соопштението на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos

