Македонија
СДСМ: Ќе формираме Влада што ќе испорача резултати

Следува формирање Влада предводена од СДСМ која ќе испорача резултати согласно волјата на граѓаните, велат Социјадемократите преку соопштение.
„СДСМ е подготвен да работи уште повеќе и уште подобро и го испорача резултатот што го очекуваат граѓаните.
Поддршката на предвремените парламентарни избори од граѓаните е ветер во грбот и јасен сигнал за продолжување на патот што го трасиравме. Парите да завршуваат кај граѓаните, да има правда, да бидеме дел од европското семејство.
Со победа на СДСМ и коалицијата, граѓаните недвосмислено потврдија дека сакаат државата да продолжи напред. Нема повеќе враќање назад, нема повеќе режим, неизвесност и несигурност.
Граѓаните сакаат да живеат во економски напредна држава со европски вредности дома, држава во која законите се еднакви за сите и држава горда членка на НАТО и рамо до рамо еднаква со најмоќните земји во светот.
Следува формирање Влада предводена од СДСМ која ќе испорача резултати согласно волјата на граѓаните“, се наведува во соопштението на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
До 15 октомври сите дефекти на мрежата за централно греење ќе бидат остранети, објави Владата

По серија на ладни и топли проби на топлификацискиот систем настанаа нови пукнатини на два секундарни водови, по што одредени реони во градот, привремено останаа без топлинска енергија на 2 и на 3 октомври. До официјалниот почеток на грејната сезона на 15 октомври, сите дефекти ќе бидат отстранети, велат од Владата.
„Во текот на летниот ремонт, помеѓу двете грејни сезони се вршеше напрегање на дистрибутивната мрежа, активност која била занемарена со години, со цел откривање на дефекти и нивна санација. Во рамките на тие активности, откриени се околу 80 дефекти и истите се целосно санирани. Сепак, староста на мрежата не ја исклучува можноста од појава на нови дефекти, па така по серија на ладни и топли проби на топлификацискиот систем настанаа нови пукнатини на два секундарни водови, по што одредени реони во градот, привремено останаа без топлинска енергија на 2 и на 3 октомври. До официјалниот почеток на грејната сезона, сите дефекти ќе бидат отстранети“, се наведува во соопштението.
Топлинската мрежа, со која управува АД ЕСМ на територијата на градот Скопје, датира од средината на шеесеттите години од минатиот век. Од Владата велат дека доцнењето на инвестициите во оваа застарена инфраструктура во изминатите години, претставува значителен ризик за целокупниот систем за снабдување со топлинска енергија.
„За да се одговори на овие предизвици и да се обезбеди стабилно, долгорочно решение, програмата на Владата вклучува сеопфатни планови за развој, модернизација, ревитализација и проширување на мрежата за централно греење во Скопје. Подобрувањето и надградбата на системот за дистрибуција на топлинска енергија во Скопје се формално внесени во листата за планирање на инвестиции во рамки на Реформската агенда – План за раст за периодот 2024-2027 година, како предлог-инвестициски проект од областа на „Чиста енергија““, велат од Владата.
Од таму додаваат дека оваа голема инвестиција има за цел значително да ја зголеми енергетската ефикасност, што ќе ја подобри целокупната состојба во делот на топлинската енергија, ќе поддржи зголемен конзум, и што е најважно, ќе придонесе за намалување на аерозагадувањето и зголемена стабилност на електроенергетскиот систем.
„На крајот, модернизацијата и оптимизацијата на системот за централно греење ќе резултираат со поголема енергетска независност и намалена зависност од увоз на електрична енергија. Подготвителните активности за реализација на овој проект се во тек“, велат од Владата.
Македонија
Андоновски: Работиме на воведување „роаминг како дома“ со Европската Унија

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, на отворањето на Дигиталниот самит на Западен Балкан (WBDS) 2025, најави интензивна работа на иницијатива за проширување на слободниот роаминг меѓу земјите од Западен Балкан и Европската Унија.
„Се надевам дека овој настан ќе биде платформа за поврзување на сите држави, не само како можност за дискусија, туку и како заеднички напор за реални резултати. Поттикнати од Регионалниот совет за соработка, донесовме заедничка декларација што ќе упати повик до ЕУ и до сите наши соседи за воведување на иницијативата ‘роаминг како дома’ – со што би се намалиле трошоците за интернет, телефонски повици и СМС пораки меѓу Западен Балкан и цела Европа,“ истакна министерот Андоновски.
Тој додаде дека веќе постоечкиот регионален договор за роаминг меѓу земјите од Балканот се покажал како успешен модел, и дека следниот чекор е проширување на истиот во рамки на целата територија на ЕУ. Тоа значи дека граѓаните не треба да плаќаат дополнителни трошоци за повици, пораки и интернет кога патуваат во земјите членки на овие зони. Наместо тоа да биде поволност само за државите од Западниот Балкан меѓусебно, Владата работи на воведување на оваа пракса и со сите држави од ЕУ.
Андоновски потенцираше дека нашата земја веќе ги има завршено најголемиот дел од обврските за исполнување на критериумите поставени од Европската комисија. „Очекуваме до крајот на годината да ги исполниме сите услови за приклучување кон заедничката европска роаминг зона,“ порача министерот.
Во своето обраќање, министерот ги нагласи и клучните теми на самитот – дигитализација, интероперабилност, сајбер безбедност, улогата на вештачката интелигенција, како и дигиталниот паричник.
Македонија
Обвинителниот акт за пожарот во Кочани – одобрен во целост

Советот за оцена на обвинителен акт при Основниот кривичен суд Скопје во целост го одобри обвинението поврзано со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Од Судот наведуваат дека со оглед дека станува збор за обвинителен акт во кој што има 37 обвинети лица кои што имаат 33 бранители, било исклучително тешко да се достави обвинителниот акт до сите нив, особено од причина што на голем дел од нив мерките притвор биле заменети, па во моментот на достава Претседателот на советот за оцена имал потешкотии да може да утврди кој обвинет каква мерка има и каде се наоѓа за да може да се изврши доставата.
„Особено потешкотии имаше и доставата на делот од бранителите на кои и покрај тоа што им се најавуваше терминот на достава, сепак истите не беа пронајдени во нивните канцеларии. Доставата ја вршевме преку судските служби на Основен кривичен суд Скопје, сѐ со цел да не се одолговлечи истото доколку оди по редовна пошта. Дополнителен проблем при доставата се јави поради тоа што во првично поднесениот обвинителен акт, пред истиот да биде доуреден, во диспозитивот не беа целосно наведени личните податоци на обвинетите од страна на Основниот суд Кочани, како и решенијата за адресите каде се издржува мерката куќен притвор, што дополнително мораше да го проверува Кривичниот суд“, соопштија од Судот.