Македонија
„СДС и ДУИ да кажат кој е планот за дестабилизација и која е целта“, прашува ВМРО-ДПМНЕ
„СДС и ДУИ да кажат кој е планот за дестабилизација и што е целта? Дали СДС и ДУИ заедно го спремаат планот за дестабилизација на државата од есен?“, прашува ВМРО-ДПМНЕ.
„Филипче потрча со статус на фејсбук да си ја тргне мувата од капата, но џабе, и малите деца знаат дека СДС е помалиот брат на ДУИ.
Сите криминали кои ги правеше ДУИ нема да беа возможни без СДС.
СДС да кажат што планираат со ДУИ и дали целта е да се заштитат од одговорност за сторените криминали и ограбената држава?
И СДС и ДУИ треба да знаат дека насилство и безредие нема да им помогне, напротив и за тоа ќе треба да одговараат и да се соочат со последиците на сопствените дејствија“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Од почит кон Бугарија, поради авионската несреќа, Муцунски не реагирал јавно во петокот за фотографирањето без македонското знаме
Пропуст и непочитување на договореното од страна на бугарскиот протокол e фотографирањето на македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова со бугарскиот претседател Румен Радев, без македонското знаме, покрај знамињата на Бугарија и на Европската Унија, објаснија денес од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Министерот Тимчо Муцунски, кој заедно со министерот за култура, Зоран Љутков, беше дел од делегацијата што ја придружуваше претседателката Сиљановска-Давква. Од Министерството за надворешни работи велат дека иако биле делегација од повеќемина, во работните простории на претседателот Радев, каде што била средбата, ѝ било дозволено да присуствува само на претседателката Сиљановска-Давкова. Другите членови на делегацијата како нејзина придружба биле сместени во посебна просторија.
„Фотографирањето беше на пат кон средбата меѓу претседателите. Македонскиот и бугарскиот протокол имаа координација пред средбата и јасно беше определено дека нема фотографирање. Ние сега бараме одговор на прашањето зошто бугарската страна отстапила од јасно договорениот протокол“, велат од Министерството за надворешни работи и нагласуваат дека по средбата, целата делегација заминала на заеднички ручек, на кој уверуваат дека имало и македонско знаме.
Иако можел веднаш да реагира на фотографирањето без македонско знаме, министерот Муцунски ја одложил реакцијата за првиот работен ден по посетата. Од Министерството објаснуваат дека министерот не реагирал од почит кон Бугарија поради авионската несреќа, во која загинаа двајца пилоти.
„Имаше консултации, но министерот не реагира јавно за време на посетата од почит оти фотографирањето беше само неколку часа по авионската несреќа во Бугарија, во која загинаа двајца пилоти. Беше оценето дека е несоодветно јавно да се реагира поради трагедијата“, уверуваат од Министерството за надворешни работи.
Од таму не објаснија зошто веднаш не реагирал македонскиот протокол, туку го дозволиле фотографирањето.
Денес, на состанок во Министерството е повикан бугарскиот амбасадор во Македонија, Желјазко Радуков, кому ќе му биде врачена протестна нота. Тоа нема да го направи министерот Муцунски, туку директорот на Инспекторатот за регионални инцијативи оти така било соодветно, објаснија од Министерството за надворешни работи.
Претседателката Сиљановска-Давкова и министрите Муцунски и Љутков во петокот имаа културно-дипломатска мисија во Бугарија. Отидоа за да го проследат настапот на Националната опера и Балет со операта „Набуко“ од Џузепе Верди, а настанот беше искористен и за средба на претседателката со бугарскиот претседател.
Македонија
(Видео) Кузеска: Мицкоски го правда скандалот во Бугарија со смешни изјави
Премиерот Христијан Мицкоски наместо да го осуди понижувањето на македонската државата среде Бугарија и да побара одговорност за тоа што се дозволи национален срам без македонско знаме, се обиде да ги оправда виновниците – претседателката Гордана Силјановска Давкова и министрите во неговата Влада, вели портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
„Ниту министрите, ниту Силјановска не реагирале за националното понижување во Бугарија заради жал за загинати пилоти, ‘не сакале да создаваат тензија’ вели Мицкоски. Демек знаеле дека е понижување и бришење под со Македонија ама не сакале да создаваат тензија? Па фотографиите само со бугарски знамиња тогаш зошто самите си ги објавија? Или и сликите ги објавија и се фалеа заради пилотите? Срамно е ова однесување на Мицкоски, го правда скандалот во Бугарија со смешни изјави потценувајќи ја интелигенцијата на граѓаните. Па уште и ги навредува граѓаните. Мицкоски нема образ, па тој ли ќе зборува за свиткана кичма, дозволи Бугарија под да избирше со Македонија и да ни приреди национален срам среде Софија“, рече Кузеска.
Според опозицискат партија, овој скандал потврдува дека Владата и институците предводени од Мицкоски и Силјановска, немаат никаков капацитет за меѓународна политика уште помалку да обебзедат подобри услови на земјата во меѓународни рамки.
Македонија
Филков- Оцука: Довербата во правосудството е основа за зајакнување на бизнис односите меѓу двете држави
Министерот за правда Игор Филков оствари средба со амбасадорот на Јапонија, Казуја Оцука на која се дискутираше за реформите во правосудството, состојбите во Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, владеењето на правото и борбата против корупцијата.
На Министерството за правда му претстојат многу предизвици чија крајна цел е зголемување на довербата на граѓаните во правосудството. Таа доверба е основа за зајакнување на бизнис односите меѓу двете земји, нагласуваат од министерството.
Од страна на Оцука беа посочени и идентификувани состојбите во правосудниот систем за кои со министерот се согласија дека се потребни брзи и итни реформи. Беше разговарано за конкретни насоки како да се постави правосудството на независна основа.
Оваа година се навршуваат 30 години од билатералната соработка на нашата држава со Јапонија.
Предвидено е во наредниот период таа да се продлабочи како и да се разменат искуства од областа на правото.