Македонија
Села: Време е да се создаде држава за сите

Претседателот на Алијансата за Албанците, Зиадин Села, оствари средба со жителите на Черкези, Куманово, пред кои ја промовира програмата „Држава за сите“ на коалицијата „Сега е време“.
Села истакна дека државата досега била еднострана, така што, како што кажа, време е да се создаде држава за сите, каде што сите ќе се чувствуваат подеднакви. Според него, денот на гласање е ден кога граѓаните имаат моќ да ја направат промената.
„Ние се соочуваме со ситуација што доаѓа еднаш на четири години и затоа треба да се зборува за тоа. Има многу партиски функционери кои доаѓаат и се обидуваат да ја загрозат политичката волја на граѓаните, волјата што тие сакаат да ја изразат. Денот на гласањето е ваша симболика, тие „пет минути“ кога чекориш кон гласачката кутија. Во седум часот наутро, лидерите на партиите, да немате дилеми не вредат ни нула. Бидејќи политичката моќ се мери во девет часот навечер и ние ќе бидеме толку силни колку вие ќе ни дадете политичка моќ, еден по еден со еден глас “, рече Села.
Тој, исто така, повика да не биде исклучен ниту еден Албанец, туку сите заедно да разговараат меѓусебно за политичката понуда што ја нудат Алијансата за Албанците и Алтернатива.
Претседателот на Алијансата за Албанците истакна дека Албанците со години верувале, но секогаш биле разочарани од албанските политички партии и како резултат за малку нова надеж го насочиле својот глас кон македонски субјект.
„Каде сме денес? Пред неколку месеци пред да започне пандемиската криза, го посетивме секое место, секое маало, секое село и секоја населба. Ние сме биле и тука во Куманово. И го видов третманот што СДСМ им го прави на Албанците. Тоа го имате видено и од медиумите. Тие велат општество за сите, но нема училиште за Албанците во Идризово, општество за сите, но нема училиште за Албанците во Чашка. Има илјадници албански деца кои учат на македонски, а не на албански јазик, нешто што е загарантирано и со човековите права дека секој може да се образува на својот мајчин јазик. Е ова не е заедничко општество за сите “, кажа Села.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.